Кој го елиминира Прибе? | Северна Македонија | DW | 03.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој го елиминира Прибе?

Времето ќе покаже дали таму далеку на север ќе зажалат што не го искористија моделот Прибе за темелно спроведени реформи во Македонија според неговата замисла. Како балкански експеримент за нивни идни европски искуства.

Сѐ е уметност, сѐ е политика, вели Аи Вејвеј, еден од поранешните учесници на Берлинското Биенале. Кое по одлагањето поради пандемијата, ќе започне оваа сабота, со нов правилник на доделување награди според принципот на полова неутралност. Што значи дека место награди за „најдобар актер” или „најдобра актерка” наградите ќе се даваат за најдобра споредна и водечка актерска изведба. Целта на оваа промена, според организаторите, е да се издигне и зајакне половата свест во филмската индустрија. Одлуката предизвика мноштво реакции, позитивни, критични и потсмешливи. Меѓу кои, посебно се истакнува освртот на францускиот „Ле Фигаро": „Светот стенка под тежината на сите можни злосторства, луѓето умираат од глад и очај, насекаде низ светот имате отворени или латентни војни од економска, политичка, верска и идеолошка прироад. Но Агентите на Доброто се уверуваат себе си – и сакаат да нѐ убедат нас – дека реалноста е всушност свет на симболи, на чисто интелектуални и социјални конструкти кои тие можат да ги реаранжираат како ќе им се посака.” 

Освртот на францускиот дневник е сепак премногу дефетистички во дух, игнорирајќи ја ноторната вистина дека творештвото и уметноста цутела и во многу потешки мигови на човештвото отколку што е денес. Но она во што освртот е сосема во право е тенденцијата за создавање на иреален и акултурен свет на симболи, симболики и симболичности употребени како со цветен дезен украсен свилен гајтан стегнат околу вратот на реалноста која ја живееме. И таа злоупотреба на симболизмот е сѐ повеќе присутна во политиката.

Подемот и елиминацијата на Рајнхард Прибе

Податна илустрација за експлотацијата и екскомуникацијата на симболизмот во политиката е примерот со подемот и елиминацијата на Рајнхард Прибе, како лик и симбол на реформите, од домашниот политички репертоар. За потсетување, Прибе се појави и беше широкоградо, искрено прифатен од јавноста како симбол на промени, реформи, на решително справување со сите зла на системот. Повеќе од политичар, Прибе се издигна во симбол на промени, од Прибе очекувавме надеж за конечно справување со старите разузнавачко-криминални (десет) фамилии, за расчистување на злосторничкото правосудство, иљач за криминализираните партии, формула за справување со корумпирани, клиентелистички медиуми, новинари. Прибе прерасна во своевиден, акламативно прифатен синоним за тоа како би изгледала современата правда, германската решителност, европско владеење на правото. Прибе беше сѐ. Прибе е веќе ништо.  

Други колумни од авторот:

Булдожери и sидари

Националистичкиот антинационализам

Мирно пост-изборно дипломатско лето

Новиот центризам

Tempus fugit. Ликот и симболот на Прибе се истроши во процесот на премин од еден режим во заминување и друг режим во создавање. Синонимот на промените, персонифициран во студентиот, систематичен, искусен, прониклив, персонификација на Deutsche Precision моделиран Прибе, тивко и дискретно се замени со нов, прикладен кон новиот режим, шармантен, колоритен, фламбоајантен, поводлив, занесувачки, Deutsch Amerikanische Freundschaft моделиран симбол персонифициран во Михаел Рот, министерот за Европа на Германија. Смислата на Прибе за темелна, top-bottom реформа, беше заменета со симбиозата Рот, согласно интересот на новата влада и од сивата, сурова, очајна од реалноста отсечена елитистичка привилегија на Скопје и Берлин. Очекувањата од Прибе на крај се сведоа на уште еден пост-груевистички груевизам на фингирани статистики на успешност, фингирани извештаји на напредок, фингирани реформи на нереформирани, популистички изборни победи, но сега по мерка на новите заевисти на груевизмот.

Изговорни симболи за спроведување  на реформите

Ревизијата на симболите согласно изменетите реалности започна со Прибе и продолжи секаде каде што имаше потреба за шминка врз сивило. Во очекување на најавуваниот наплив на странски инвестиции благодарение на зачленувањето во НАТО добивме симболични неделни прелети на воени авиони. Кои барем летци да пуштаа, децата да ни ги израдуваат. Наместо чекорење кон иднината во ЕУ, добивме честитки за „доближување до” Унијата и  комисии за пречистување на симболи од минатото. Некогашните парадирања на амбасадори со демонстранти се заменија со симболични дипломатски чет-групи со строго контролирани убави, елегантни, соговорници. Наместо ветеното рушење на Скопје 2014 и истраги за имотите на Мијалков добивме симболично рушење на кафуле тераси и истражувачко новинарство по мерка на власта. Наместо нови ликови, нови идеи, нови синоними на отчетноста и одговорноста во Влада, добивме цунами на манипулација на гневната јавност со апсурдни ликови на Крсте, Нефи, Мевљуд и Топал како изговорни симболи дека ете, се спроведувале реформите.

Прибе денес постои единствено во функција на палка во рацете на владејачката коалиција, корумпираните новинари и циничните дипломати, користена за мавање врз секој што ќе се осмели да писне дека во земјава новото игра по ноти на старото. По сите скандали на елитата Заев и сите премолчани поддршки од шефовите на Прибе, поуката која домашната јавност ја има извлечено (со право или не) е дека борбата против корупција се сведува единствено во однос на онаа поврзана со Русија, Турција или Кина. Но тоа секако не се однесува за западно поврзаната корупција која има ексклузивно право врз откривање и прикривање, осуда и амнестија на криминалот и корупцијата на владата Заев-Ахмети, моделирано според претходните искуства со владата Груевски-Ахмети. Тоа, повеќе од сѐ друго, е потврда дека нема да доживееме реформи, бидејќи никој тоа всушност ниту го сака, ниту го бара од нас, ниту пак искрено го посакува. 

Логиката за менување на фирмата и формата

Непринципиленоста кон феноменот корупција веќе наликува на сериско потсетување дека во суштина Западот не само што не бара вистинско системско засилување на државата, туку преферира да и понатаму кон нас и во регионот ја користи колонијалната матрица на протежирање балкански Гадафи полковници во политиката. Нашата клановштина не само што веќе не е фактор на критика, туку е составен дел од нивниот однос кон нас, и регионот. Во тој пристап, сегашното толерирање на Заев е надополнување, екстензија на претходното толерирање на Груевски, претходно на Црвенковски – и како составен дел, она на ДУИ. Во тој континуитет – маскиран под периодични славења на симболични изговори на успешноста и напредок – се назира и неминовниот дебакл на оваа Влада. И така ќе продолжи, сѐ додека трае логиката за менување на фирмата и формата и сочувување на суштината и супстанцата на познати, лесно подмитливи, послушни, неодговорни, неказнливи, злобни ликови прикриени со симболи на Европа, Америка, Германија итн. Во таа супстанца, толку мила на елитите западни, ја препознаваме повторно и повторно пак вистината на изреката на Ајнштајн дека „лудило е кога истото го правиш повторно и повторно и очекуваш поинаков резултат”. Сѐ што преостанува е да и понатаму глумиме лудило дека од овој обид сепак ќе се изроди нешто поинакво, дека колонијалниот експеримент Гадафи кај нас ќе има среќна завршница на сеопшто задоволство. Јашта, би рекле сарајлиите. 

Прибе е секогаш добредојден лик во нашата касаба, но енергијата на симболот на Прибе веќе не се враќа, не никнува во наши редови додека не се оттопат многу мразови. На моменти чинам дека стравот од Прибе и ефектите на неговите реформи повеќе ги уплашија неговите шефови отколку нас, гладните да ги засукаме ракавите за рушење на системската дивоградба според нацрт-проектот на Рајнхард. Чинам, некој таму горе навреме разбрал дека рушењето на таквата системска дивоградба може да донесе до вистинска демократија, вистинско претставништво и вистинска слобода на истражување за сите финансиски и географски форми на корупција. Кое би ги чинело уф! далеку многу поскапо од сегашните евтини симболи на хартиени реформи.

А сепак, Прибе ќе продолжи да биде спомнуван овде, по дома. Со искрена носталгија и срамежливо пензионерско самопотсмевање  дека „еј, навистина, паметиш ли бе лудо кога си мислевме дека ќе дојдат промени. Пуста младост-лудост”. Стариот, прониклив Германец ќе биде маркиран како симбол на едно време во заминување. За Прибе нема веќе место во ова ново време во кое Меркел, некогашната прва дама симбол на тврдиот конзервативизам го завршува мандатот како синоним на светица заштитник на Берлинските биенални либерални полови еднаквости. Време во кое Џорџ Сорос, некогашниот банкар на отворено општество на транспарентност и отчетност ја заокружува сопствената мисија како државен сметководител и политички татко на „балканските Попери” Вучиќ, Рама, Заев, Хашим. Но кој знае, можеби времето ќе покаже дали таму далеку на север ќе зажалат што не го искористија моделот Прибе за темелно спроведени реформи во Македонија според неговата замисла. Како балкански експеримент за нивни идни европски искуства.

 

Реклама