1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300911 EFSF Parlamente

30 септември 2011

За европскиот чадор за спас треба да гласаат сите 17 земји членки на еврозоната, пред да стапи на сила. Во фокусот се наоѓаат Холандија и Словачка поради тоа што во овие земји постои голем отпор против спасувачкиот фонд.

https://p.dw.com/p/12jTt
Парламентот во Берлин даде зелено светло за спасувачкиот чадорФотографија: picture-alliance/dpa

Уште во текот на летната пауза, белгискиот парламент одржа вонредна седница. Дебатата беше кратка, поддршката голема, министерот за финансии Рејндерс задоволен. „Многу е важно за нашата земја, што сме едни од првите кои гласавме и ја спроведуваме европската одлука.“

Гласањето во Белгија мина лесно. Земјата е високозадолжена и би можело да се случи и самата да има потреба да го користи чадорот за спас.

Поважно беше гласањето во Финска. Популистичката партија Вистински Финци, со 20 проценти поддршка најголема опозициска партија во земјата, беше против пакетот. „Мнозинството Финци сметаат дека нашите крави треба да бидат молзени во Финска и нашето млеко да биде пиено во Финска“, вели Тимо Соини, шеф на Вистинските Финци. Владејачката коалиција, составена од шест партии меѓутоа, ги надгласа еврокритичарите.

Денеска на ред е Австрија. И Виена со голема веројатност ќе гласа со ДА, најави министерката за финансии Марија Фектер.

Неизвесно гласањето во Холандија и Словачка

Проблеми, пак, има премиерот на Холандија, оти нема мнозинство во сопствените редови. Неговата малцинска влада се потпира на толеранцијата од страна на партијата на Герт Вилдерс. Меѓутоа, за европскиот пакет за спас не може да смета на поддршката од популистот. „Едно магаре не се удира двапати од истиот камен. Кога веќе се префрлени пари и нема шанса истите да бидат вратени“, аргуменира Вилдерс.

Griechenland bekommt Kredite für 3,5 Prozent Zinsen
Високо задолжената Грција во центарот на критиката на холандските еврокритичариФотографија: picture alliance/dpa

Грците не се придржуваат до ништо, во таков случај не смее повторно да се направи истото, кога постои уверување дека ќе пропадне, смета Вилдерс. Затоа премиерот Рут мора да направи исклучок и да бара поддршка од левичарскиот табор.

Останува уште Словачка. Премиерката го поддржува чадорот за спас, но тоа не важи и за нејзиниот коалиционен партнер Рихард Сулик. Сулик потенцира дека нема да дозволи Европа да изврши притисок врз него.

„Ако пропадне еврото, ќе пропадне поради огромните долгови, кои ги имаат поединечни земји, а не дека ние сме го одбиле европскиот чадор за спас.“

Братислава уверува, се водат интензивни разговори, за да се разубеди Сулик. Меѓутоа, единственото нешто, што е извесно во Словачка е дека земјата ќе гласа последна.

 

Автор: Андреас Ројтер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска