Којекуде Србија: Гордо на суво или кротко кон море | Информации и анализи за Балкан | DW | 12.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Којекуде Србија: Гордо на суво или кротко кон море

Македонија ќе биде земја членка на НАТО, без оглед на тоа колку некои од нашите „прозападни првенци” и да посакуваат да си остане коридор. Колумна на Арсим Зеколи.

Во 1996 година, на излозите на книжарниците се појави книга на авторот Момчило Петровиќ, насловена „Ги прашав Албанците што сакаат, а тие рекоа Република ... ако може”. Дваесет и пет години подоцна, книгата би можела да има продолжение, насловено „Ги прашав Србите што сакаат, а тие рекоа ... не може Косово да добие се’, а ние ништо”. Претпоставено, доколку Белград под „Косово да добие се’” подразбира признавање на независноста на Косово, задржување на територијалниот суверенитет и интегритет во сегашните граници, членство во меѓународните организации, останува нејасно што точно се подразбира под „а ние ништо”. Според досегашниот јавен дискурс, тоа претпоставено алудира на промена на границите и/или размена на териториите, асиметрично решение на признавање без членство во меѓународни организации (и обратно), административно организирање на општините со српско население во Косово. Претпоставките, посебно јавните, се сепак една работа, јасните дипломатски понуди пред посредниците се второ прашање, а вистинските, неискажани стратегиски интереси се сосема трета дилема.  

Разрешницата на таа трихотомија на јавно (зборување), дипломатско (правење) и стратешко (мислење) се очекува да започне во доцната есен, по завршувањето на изборите и формирањето на новата влада во Приштина. Во меѓувреме, ангажманот на специјалниот пратеник на САД, Метју Палмер, подразбира засилен подготовка на теренот и преговарачите за директните преговори и евентуален конечен договор. Кој според последната изјава на американските сенатори Џонсон и Марфи „можеби нема да им се допадне ниту на Косово ниту на Србија, но е во нивен најдобар интерес”. Формулација која личи како позајмена од познатата дефиниција на Ангела Меркел за логиката на решавањето на нашиот спор со Грција.    

Анонимус со „формула” за спорот

Среде сите тензични теми и исчекувања на конкретните понуди за решавање на спорот, темата на односите помеѓу Србија и Косово деновиве доби нова, споредна нота на (смислено?) пласирана конфузија во пресрет на доцноесенските разрешници. И тоа директно од Вашнигтон. Или така барем некој сака да не’ убеди.

Имено, пред неколку дена на најгледаната телевизија БН во Република Српска имавме прилика да слушнеме уште една „формула” за разрешница на спорот, според која Србија би ги добила териториите со српско население во Косово и коридор преку западна Албанија за излез на Јадранското море, додека пак Косово би се припоило кон Албанија. Во оваа прилика, сериозноста на таквата „формула” треба да се „извага“ со ликот на авторот на таа замисла. Имено, станува збор за релативен анонимус под име Грегори Копли, директор на опскурниот вашингтонски Институт за стратешки студии, коментатор на Раша Тудеј, наводен советник на Шах Пахлави и Хајле Селасие. И, на крај, предмет на анализата насловена „Австралијанецот Копли, светски авантурист, преобратен во вашингтонски стратегист”. Ликот и предлогот не би заслужиле поосериозен осврт, доколку неговите ставови не беа промптно преземени од страна на одредени руски портали специјализирани за Балканот.

Други колумни од авторот:
Трета Опција Еднина.

Комунистичкиот Гладио

Според оваа нафрлена (навидум) формула, можно е да се замисли дека Србија би ја искористила веќе постоечката патна инфраструктура (вклучително и можната екстензија на патната мрежа до Ниш) за да обезбедни излез на – претпоставувам – пристаништето Драч. Сепак, авторот не дава никаква логична елаборација како би изгледало во пракса таквото коридорно суверено решение, кое би требало да минува низ срцето на Косово и Албанија. Велам суверено, бидејќи во однос на комерцијалната употреба на автопатот од Приштина до Драч, не постојат никакви пречки истиот да биде користен од страна на српската економија. Но, секоја друга замисла за суверенизација на коридори е ништо помалку од вежбање бесполезност, создавање нови тензии и сомнежи за вистинските побуди во позадината на таквата понуда. А сепак, понудата на Копли, колку и да е дадена во лер или од аут, во себе содржи битен елемент кој не може да се пренебрегне.

Т’га за море

Не може, бидејќи во сенка на наводната понуда за решение на спорот со Косово, Копли всушноста ја дефинира стратешката компонента на белградската „а ние ништо”, т.е. вековната желба и потреба на Србија за обезбедување излез на море. Да не заборавиме, последната декада е првиот историски, пост-Отомански период во кој Србија е landlocked country, заокружено со признавањето на независноста на Црна Гора и нејзиното зачленување во НАТО. Потсетувајќи се на инцидентите во Подгорица во пресрет на НАТО, декларираната позиција на Белград кон Црна Гора како „две очи во глава” и несмалената потреба за подгревање на односите помеѓу двете земји, се поставува прашање дали нафрлената идеја за „коридор низ Косово и Западна Албанија” е само чадна завеса, која треба да игра на картата на „косовскиот мит”, а во реалноста цели кон отворање други опции за обезбедување коридорен пристап на Србија кон Јадранот? 

Комплексноста на историската т’га за море на Србија е и онака доволно регионално комплицирана и невротична, а без притоа да ги земеме предвид пошироките стратешки димензии во кои директно се засегнати интересите на Руската Федерација и НАТО. Имено, реализацијата на таквото коридорно отворање кон морето би било поволно за Србија и двојно попожелно за Русија. Во секој случај, хендикеп моментот во тој пристап се базира врз непремостливата реалност во која и Црна Гора и Албанија се земји членки на НАТО, т.е. со воено безбедносна споделена стратешка обврзаност кон западните сојузници. По таа линија на базична логика, во најдобар случај Русија и Србија би обезбедиле излез кон Јадранско Езеро (ограничено во теснецот Отрант) заокружено со членки на НАТО. Што подразбира дека самата замисла е во старт неизводлива. Поточно, релативно неизводлива.

Излезноста на Србија на посакуваните морски пристаништа е полесна отколку што замислуваме, и историски попресудна за Белград отколку што самите белграѓани сакаат да признаат. Приближувањето на Србија и/или навестена подготвеност за членство во НАТО автоматски подразбира отварање кон југозападните и јужни пристаништа. Во дадената состојба на духот на Белград, таквата замисла е безмалку бласфемична провокација и прст в око на Русија. Нешто како „пливање на суво” горделива надградба на фамозната „ќе јадеме корења”, според која Србија би останала затворена од морето, изложена на профитната милост на приморските соседи и мрежната патна инфраструктура која полека веќе гради нов коридор од исток кон запад. Од друга страна, блискоста кон НАТО би подразбирало дека Србија би имала конкретен финансиски и стратешки бенефит од паралелната централноевропска излезност на Дунав и јадранската излезност кон Медитеранот.  

Доза на разочарување

Би било неумесно да се каже дека во наведените размисли може да се најде причината за изборот на Подгорица како прва станица на балканската турнеја на Метју Палмер, вклучитено и исклучително поволните пофалби за Црна Гора како најуспешна мултиетничка држава во регионот”. Формулација која до неодамна беше резервирана за Македонија како „консултант од доверба” за западните партнери кога станува збор за регионалните теми. Евентуалното губење на таа аура во очите на запдните партнери е повод за длабоко замислување на нашето раководство, почнувајќи од Пендаровски, Заев до Али Ахмети. Не е тајна дека во изминатите неколку месеци на наша адреса стигнуваат дубиозни сигнали од Вашингтон во кои се препознава извесна доза на разочарување за погрешните читања на нивната поддршка или помош.

Повеќе од упатно е раководството, посебно надворешнополитичкиот департмент, час поскоро да се освести и оттргне од погубната манија за преземање „креативни маневри” со кои се разнишува внатрешната етничка кохезија и опасно се загрозува позитивната екви-апроксимација кон соседите. И да почне да се однесува во согласност со нејзините реални капацитети и во чекор со интересите на нашите партнери од кои зависиме. Со интровертниот ЈНА-менталитет не се влегува во екстровертната НАТО-реалност. Македонија ќе биде земја членка на НАТО. Па колку и некои од нашите „прозападни првенци” да посакуваат да си остане коридор. 

DW.COM

Реклама