Која е новата претседателка на Грција | Свет | DW | 22.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Која е новата претседателка на Грција

Екатерини Сакеларопулу е нова претседателка на Грција. Судијката Сакеларопулу, која претпладнево го доби неопходното мнозинство гласови во парламентот, е прва жена на оваа функција во Грција.

Ekaterini Sakellaropoulou (Reuters/Eurokinissi/V. Rebapis)

Екатерини Сакеларопулу е прва жена избрана за претседател на државата

Во своето прво интервју за Би-БиСи по преземањето на функцијата минатиот јули, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се најде „во небрано“: зошто во новиот кабинет има само две жени сакаше да знае британската новинарка. Мицотакис објасни дека, за жал, во Грција немало толку многу жени кои се интересираат за политика. „Дали сте сериозни? Сигурна сум дека би можела да ви најдам неколку жени“, возврати со негодување новинарката. Оттогаш во Грција се шпекулира за моментот кога конзервативниот премиер, кој застапува умерена политика на центарот, ќе даде јасен знак и ќе ангажира повеќе жени во политиката.

Тој момент е дојден - грчкит парламент денеска ја избра Екатерини Сакеларопулу, досегашна претседателка на Врховниот административен суд, за нова претседателка на земјата. 63-годишната правничка, која не припаѓа на ниту една партија, го наследува 67-годишниот конзервативец Прокопис Павлопулос, чиј мандат истекува во март.

„Избор за пример“

Сакеларопулу студирала право во Атина и уште во 1981 година станала дел од највисокиот суд во земјата. По студиски престој во Сорбона, таа почнува да предава екологија на грчката Судска академија во родниот Солун. Одлуката за избор на жена за претседателка на државата има големо симболичко значење и претставува пример за младите жени во Грција, вели атинскиот политиколог Стела Лади за ДВ. Но, таа додава и дека новата претседателка не би требало да се редуцира само на тоа што е жена. Сакеларопулу е успешна правничка, одговорна за важни одлуки во Врховниот адмииистративен суд. „Притоа, таа постојано беше ориентирана кон спогодување, а не кон конфронтација. А, токму ваквиот став е особено важен за функцијата претседател“, смета Лади, која во моментов предава во Лондон.

Според информации на атинскиот весник Катимерини, новата претседателка важи за силна и екстровертирана личност, која се интересира за уметност и култура.

Зошто досега немаше жена на врвот на државата? „Можеби беше само прашање на време. Јас не би тврдела дека жените во Грција се систематски исклучувани од одговорни функции“, нагласува Лади и укажува на тоа дека социјалистичката партија КИНАЛ има жена за лидер.

Претседателот како фигура за интергација

За разлика од Франција на пример, претседателот во Грција има само репрезентативни функции и се држи настрана од дневнополитичкиот бизнис. Тој меѓутоа се смета за фактор кој интегрира, од кого се бара дискретен совет, пред сѐ во кризни времиња. Ваквата обврска престедателот во заминување Прокопис Павлопулос ја исполни кога во врвот на должничката криза се заложи за останување на Грција во еврозоната и за таа цел одржуваше интензивни контакти со тогашниот француски колега Франсоа Оланд. И Каролос Папуљас, социјалистичкиот претходник на Павлопулос , беше во вистинско време на вистинско место кога во 2012 година требаше да се надмине политичкиот хаос и да се одбере вистинскиот тон во односот кон неонацистичката апртија Златна зора.

Сите поранешни претседатели имаат едно заедничко - сите беа искусни политичари и дел од политичкиот естаблишмент. Случајот на Екатерини Сакеларопулу е поинаков. Затоа нејзината номинација е храбар потег, оценува Стела Лади и додава: „Оваа жена нема дефиниран партиски профил. Тешко е да се предвиди како таа е делува, особено во однос на конзервативната партија која ја номинираше за функцијата.“

 

Поврзана содржина

Реклама