Косовските муслиманки без шамии на универзитетите
30 јули 2010Упатството на косовското Министерство за образование, со кое се забранува носење на верски униформи и шамии на универзитетите, предизвика негодување кај муслиманските верници. Во Приштина беа организирани и демонстрации од кои беше барано поништување на спорното упатство, а на муслиманките да им се овозможи „да ја почитуваат својата вера и да се школуваат“.
„Ние, девојките од Косово од основното и средното образование, повикувајќи се на темелните човекови права, имаме право да носиме шамии. И јас сакам да бидам рамноправна во практикувањето на верските слободи како и сите мои браќа по вера“, рече една девојка на собирот во Приштина.
Реагираше и тамошната Исламска заедница, која оцени дека упатството на Министерството е во спротивност со косовскиот Устав и најави дека ќе бара толкување од Уставниот суд. „Врз основа на Уставот на Косово, загарантирана е слободата на вероисповедта. Девојките со шамии не мораат да бидат само верници или професорки по теологија, туку и докторки и правнички“, вели Сабри Бајгора, главен имам на Косово, потсетувајќи дека шамиите за жените се предвидени и во други религии.
Косово е секуларна држава
Од друга страна, косовскиот министер за образование Енвер Хоџај во изјава за Дојче веле се повикува на Уставот, кој според него е многу јасен и прецизен. „Република Косово е лаичка држава, а косовското општество е секуларно. Јас како министер сум задолжен само да го почитувам Уставот и да го имплементирам во пракса. Доколку има такви кои мислат дека не е така, тогаш нека се жалат пред надлежниот суд. Тоа е нивно право“.
Исмаил Хасани, социолог на религијата на Универзитетот во Приштина, вели дека ваквите појави се карактеристични за општества кои немаат длабоки корени во Исламот и настојуваат себеси да се гледаат како дел од она што се нарекува исламски идентитет или исламско општество. „Причината за оваа појава е не толку длабоката традиција во Исламот, односно процесот на реконвертирање кој има свои корени во историјата, но не е долготраен, како што е случај во арапскиот свет или во други земји, каде Исламот е далеку потрадиционален“.
Повеќе од 80 проценти од жителите на Косово се муслимани. Останатите се воглавно православни Срби, но има и околу 65 илјади Албанци-католици.
Автор: Рефки Алија/ Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска