Косово: Со проекти не се решаваат трајно проблемите на Ромите | Свет | DW | 28.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Косово: Со проекти не се решаваат трајно проблемите на Ромите

Косовското општество е конзервативно, а жените и децата Роми се двојно дискриминирани, вели Кендиза Лала од Ѓаковица. Оваа 18-годишна девојка веќе три години се ангажира за Ромите на Косово и за тоа доби европска награда

Има само 18 години, но веќе подолго од три години се грижи за потребите на Ромите. Ангажманот на Кендиза Лала од Ѓаковица дошол одвнатре:

„Тоа беше еден вид природна интуиција, се чувствував одговорна за оваа земја и луѓето од мојот етникум. За мене е привилегија да работам за мојата заедница. Децата и жените Роми имаат потреба од некого кој ќе зборува во нивно име, и тоа го правам јас.“

Во периферните населби во Ѓаковица живеат многумина на кои им е потребен таков глас. Сиромаштијата и невработеноста доминираат во населбата на Ашкалите кои живеат претежно овде.

Тоа е последица на изолацијата која трае. На малцинствата на Косово им се потребни повеќе шанси во општеството, вели Кендиза Лала.

„Според мене, треба да обрнуваме повеќе внимание на образованието. Кога образуваме еден човек со тоа сме му помогнале да размислува критички и да биде независен. Ромите не би требало да бидат само помошна работна сила во министерствата. Треба да им се понуди долгорочна перспектива, а не само проекти со определен рок.“

Темата образование на Кендиза Лала ѝ лежи особено на срце. Затоа таа три години работи во социјална установа која им дава поддршка на децата Роми.

Погледнете го видеото на оваа тема:

Гледај видео 03:57

Кендиза Лала се бори за Ромите на Косово

Тука помага при пишувањето домашни задачи и игра со најмалите. За неа е важно да разговара со децата. Често во семејствата тоа не се прави, што има тешки последици.

„Кога имав 15 години моите пријатели и многу други девојчиња не можеа да читаат. За нив беше многу тешко да се изразат. Претставете си го тоа, тоа беше во 2016 година! Луѓето од мојот етникум имаат големи проблеми да се изразат и поради тоа бев многу незадоволна. Моја среќа беше што моите родители секогаш се залагаа за моето образование.“

Кендиза Лала им се посветува на децата трипати неделно. Задача која ја исполнува со голема радост и која за малечките е елементарна. Зашто, нивните мајки честопати не знаат што е добро воспитание. Многу Ромки и самите никогаш не искусиле наклонетост, па оттука и не научиле како да ја пружат.

„Според мое мислење, косовското општество е патријархално и конзервативно. Жените во оваа култура не се третирани многу добро. Кога зборуваме за жените и децата Роми, тие се двојно дискриминирани. Една Ромка е дискриминирана не само од страна на општеството, туку и од својата заедница само поради тоа што е жена.“

Кендиза Лала студира и и тука, преку проекти, се ангажира за културата на Ромите и за поголема толеранција. Веќе има иницирано и проекти за сексуално образование на младите Ромки.

Широк ангажман, кој е награден од страна на Европската комисија со Roma Award 2019. На Кендиза не ѝ се верувало дека дошла предвид за таква награда.

„Кога дознав дека сакаат да ме номинираат си помислив дека јас не сум вистинската личност за тоа. Но, кога видов дека на другите луѓе им се допаѓа мојата работа, се чувствував многу добро. Чувството дека некој ја цени мојата работа, која ја извршувам со голем ангажман, е посебно.“

Во меѓувреме, заради студиите, Кендиза Лала престојува во Тирана. Кога ќе дипломира, има намера на ангажманот за Ромите да му се посвети и професионално.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама