Космосот на Меркел: бројки и факти | Свет | DW | 30.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Космосот на Меркел: бројки и факти

Таа нема шанси да постигне нешто во политиката, беа уверени многумина: бледо лице, фризура надвор од трендот и невпечатлива облека. Сепак, Ангела Меркел успеа да стигне до четири мандати на чело на владата

За да се разбере како Меркел стана тоа што е, треба да се познаваат нејзините корени. Веројатно ниту еден политичар во повоената германска историја по 1945.година не бил толку потценуван колку оваа ќерка на евангелистички свештеник од источногерманската провинција. На почетокот, на првите настапи, покрај непривлечната надворешност, имаше уште еден минус - ѝ недостигаше и програма. Таа не е мисионерка, туку прагматичар.

„Се рабира, Ангела Меркел не е никаков идеолог“, вели новинарката Жаклин Бојсен, биограф на сегашната канцеларка уште пред Меркел да ја преземе таа функција.

„Таа е слободна во носењето одлуки само врз основа на бројки, податоци и факти“. Ако постојат разумни причини и аргументи за донесување одредена одлука, „таа великодушно ги надвладува идеолошките и програмските огради на сопствената партија“, истакнува Бојсен.

За Меркел, прагматизмот е над сѐ. Освен тоа, таа може да ги ревидира старите позиции. По несреќата во јапонската нуклеарка Фукушима, од некогашен заговорник за атомска енергија, таа стана поборник за нејзино напуштање. Тоа не ѝ наштети, напротив: некогашното „девојче на Кол“, штитеничката на поранешниот канцелар, одамна се еманципираше во „мајка на нацијата“. Накратко: таа ја држи партијата и владата цврсто во рацете. За тоа има и причини.

Helmut Kohl und Angela Merkel (picture-alliance/dpa/A. Altwein)

Со својот политички ментор Хелмут Кол во 2001 година

Претпазливост во однесувањето со другите

На пример, безгрижното детство и младоста на Ангела Меркел во земјата на работниците и селаните. Меркел во Германската Демократска Република не била опозиционер. Таа доживеала неколку непријатности, но социјалистичката држава не ѝ задала рани како на бројните дисиденти, вели Жаклин Бојсен.

„Над моето детство не висеше никаква сенка“, изјави еднаш Меркел. Сепак, таа рано научила да биде претпазлива во однесувањето кон другите. Таа била „вешта“ граѓанка на ГДР, ни премногу опортунист, ни преголем инаетчија.

Ангела Меркел знае да слуша. Соработниците од времето кога била млада возрасна личност ја истакнуваат нејзината комуникативност. Сопартиецот Курт Лаук сепак имал проблеми со моќта за брзо разбирање на својата партиска шефица.

„Таа жена слуша, прима, разбира, а исходот сепак останува несигурен, зашто повратната информација не е секогаш јасна.“ Лаук претседаваше со Економскиот совет на Христијанско-демократската унија и со тоа беше  претставник на најсилното партиско крило. Тој следи конкретни интереси, на кои Меркел не може да им излезе во пресрет без да има обзири и кон останатите струи во партијата.

Брзо воочување на проблемот, донесување одлука подоцна, тоа е уште една од карактеристиките на системот на Меркел.

„Јас сигурно не сум некој кој донесува одлуки ад-хок“, вели Меркел самата за себе.

„Јас ги посматрам процесите во нивниот целокупен тек и кај бројните одлуки се прашувам како тоа ќе заврши“. Тука Меркел се покажува како сталожен научник.

Кариера

Меркел доцна влезе во политиката, повеќе случајно отколку планирано. Како заменик портпарол на последниот премиер на ГДР, Лотар де Мезие, на тогаш 35-годишната Меркел ѝ се пружила шанса за примена на своите организаторски и комуникациски способности. Кратко претходно станала членка на ЦДУ. Таа дотогаш била трудољубива, а оттогаш станала и амбициозна. 

За време на владата на Хелмут Кол во 1994. година стана министерка за екологија и безбедност на атомските централи. Важен и вистински сектор за дипломираната физичарка. Во врска со и денес спорното прашање, за односот кон радиоактивниот атомски отпад, Меркел покажа бескомпромисност: атомската енергија за неа е без алтернатива и над неа може да се има контрола, сѐ до нуклеарната катастрофа во Фукушима.

Deutschland Angela Merkel besucht Fischer in Lobbe Wahlkampf 1990 Fischerhütte (ullstein bild/Ebner)

Посета на рибари за време на кампањата за изборите во 1990 година

Кога во 1998 година Хелмут Кол ги загуби изборите, ЦДУ се најде во шок-состојба. Но, не и Ангела Меркел. Таа ја виде шансата за зацврстување на својата позиција во ерата по Кол. Волфганг Шојбле, новиот претседател на Унијата, ја назначи за генерален секретар на партијата.

„Битно е за нас да се пишува“, гласеше тогаш мотото на новата функција. По скандалот со илегалните доброволни прилози на партијата, во чиј центар беа Кол и Шојбле, Меркел го започнува моралното уривање на бившиот канцелар.

Прва германска канцеларка

Во април 2000. година Ангела Меркел беше избрана за нов лидер на ЦДУ. На изборите за Бундестагот во 2005. година таа беше кандидат за канцелар на својата партија. Возможна беше само голема коалиција, но Меркел стана канцеларка!

Меркел ја води ЦДУ веќе 18 години, канцеларка е веќе 13 години, сите соперници и противници во рамките на партијата ги пушти да се истрчаат и да извисат. Секогаш успева да дејствува тивко, ги пушта мажите да дивеат.

Меркел докажа дека знае да води. Но, накаде? Тоа се прашуваат многумина во ЦДУ. Партијата страда од губење на профилот, гласи едно од обвинувањата во сопствените редови. Во секој случај, Меркел не ја сметаат за душата на оваа христијанско-конзервативна партија.

DW.COM

Реклама