До каде достигнуваат пипците на корупцијата? | Северна Македонија | DW | 27.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

До каде достигнуваат пипците на корупцијата?

Премиерот Зоран Заев прстот го впери кон службениците на шалтерите. Вели дека корупција нема меѓу високите ешалони, по критиките на Стејт департментот. 

Корупција има, но не во високите ешалони на власта. Неколку дена по критиките објавени од Стејт департментот, во кој се укажува дека корупцијата останува најгорлив проблем во земјата, премиерот Зоран Заев прстот го вперува во администрацијата. Според него, корупцијата е присутна на шалтерите, меѓу службениците од третиот ешалон, но не и меѓу министрите и директорите.

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev

Според Заев, никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција

„По сите анализи, нам ни е јасно нивото на корупција на трето ниво, таму каде граѓаните шалтерски допираат – имотен лист, решение за градба и слично и ќе го промениме тоа. Посебно, дури и Стејт департментот ја поздравува дигитализацијата, каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво ќе се замени со компјутер, ќе може да се ‘бајпасира’ тој субјективен фактор на административниот работник кој е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација“, вели Заев. 

-повеќе на темата: Кој е корумпиран: судството или граѓаните?

Според него, никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. „Таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции“, дециден е  премиерот. Тој смета дека вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, не треба да понесе одговорност оти, неговиот ресор, според Заев, може само да помогне на останатите независни институции. Институции како ДКСК, Државен завод за ревизија, Јавното обвинителство, правосудството, според премиерот може да бидат само помогнати од овој ресор затоа што дефинитивно јавниот сектор е телото каде што независните институции го прават мониторингот за борбата против криминалот и корупцијата. 

Антикорупционерите осамени во борбата

Но, токму претседателката на Државната комисија за спречување на корупција деновиве се пожали дека, за жал, многу често имаат чувство дека се осамени во оваа многу значајна борба против корупцијата. „Сметам дека зајакнувањето на интегритетот е едниствен излез и треба да е заедничка мисија и одговорност на сите институции во системот“, изјави Биљана Ивановска, претседателка на ДКСК.

-повеќе на темата: Ивановска: Корупцијата е одраз на состојбата на умот!

Американскиот Стејт департмент деновиве го објави извештајот за Македонија, во кој се изнесуваат критики за селективна борба против корупцијата. „Спроведувањето на законите за борба против корупцијата на моменти беше слабо и селективно насочено кон владините критичари и престапници од низок ранг. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, обвинителството, судството и многу други сектори“, се наведува во извештајот. 

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung

Стејт департментот ја пофали активната улога на Антикорупциската комисија и нивниот напор да истражуваат коруптивно однесување кај високи политички претставници

Стејт департментот ја пофали активната улога на Антикорупциската комисија и нивниот напор да истражуваат коруптивно однесување кај високи политички претставници. Во делот за корупцијата Стејт Департментот се повикува на Транспаренси Интернешнл и нагласува дека оваа организација ја рангираше С. Македонија на 111 место од вкупно 180 земји во Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година, што е пад од 5 места.

„Владата не бара приватните компании да воспостават внатрешни кодекси на однесување со кои се забранува поткуп на јавни службеници. Голем број домашни невладини организации се фокусираат на антикорупцијата и транспарентност во јавните финансии и тендерските постапки. Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата“, се посочува во извештајот.

Како да се надминат слабостите?

Од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, реагираа дека забелешките ќе бидат сериозно разгледани. „Конкретно во делот со борба против корупцијата има нотирано одредени слабости пред 2019 година, а забележан е прогресот со е-набавки. Овие детектирани слабости се решаваат преку мерките содржани во Планот за борба против корупцијата, преку кој моментално се работи на подобрување на Законот за јавни набавки, зајакнување на управната контрола во Бирото за јавни набавки, како и на носење на интерни процедури за спроведување на јавни набавки кај секоја институција во системот на државата“, е ставот на Николовски.

-повеќе на темата: Една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата се зголемува

Но, со него не се согласува опозицијата. Според нив, во Владата врие од корупција, што го покажал и Извештајот на Стејт Департментот. Според ВМРО-ДПМНЕ, се гонат само ситни прекршители, додека големите функционери остануваат надвор од опфатот на органите на прогонот. Сличен став имаат и од Алтернатива и Алијанса за Албанците. Според нив, Стејт департманот на САД, во објавениот извештај за Северна Македонија, уште еднаш потврди дека обвинителството, полицијата и судството РСМ се целосно опфатени со висока корупција и дека владата не покажува смелост да се бори против оваа појава. 

„Ова е уште еден дополнителен доказ дека со владењето на СДСМ-ДУИ државата отстапил од европската агенда, станувајќи хибриден режим, кој државните институции и парите на граѓаните ги става во функција на личните придобивки“, велат од Алтернатива и Алијанса за Албанците.