Проверка на факти: Можат ли брзи тестови за сопствена употреба да ја запрат корона-пандемијата? | Панорама | DW | 20.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Проверка на факти: Можат ли брзи тестови за сопствена употреба да ја запрат корона-пандемијата?

Кога секој би можел да се тестира дома на коронавирус, дали тоа може да ја запре пандемијата? По изјавите на здравствениот експерт на СПД, Карл Лаутербах, ДВ прави проверка на фактите.

„Кога населението би се тестирало редовно самото, на пример пред посети на роднини или пријатели, тогаш би се прекинале ланците на зараза“, изјави експертот на германската СПД за здравствени прашања, Карл Лаутербах во интервју за ВДР. „Брзите тестови се во основа многу доверливи. Рака на срце, не се препознаваат сите случаи кои се позитивни на коронавирус, но затоа речиси сите кои се заразни“, додаде Лаутербах.

Колку се точни ваквите тврдења и што треба да се знае за брзите тестови? ДВ истражуваше на оваа тема.

Како воопшто функционираат брзите тестови?

Кога се зборува за брзи тестови за сопствена употреба, се мисли на брзи тестови кои секој може да ги спроведе самостојно. Антигенските брзи тестови за SARS-CoV-2 може да се прават независно од местото или опремата, а резултатот доаѓа по 15 до 30 минути. Притоа, има тестови кај кои се зема брис од носот или грлото, или пак најново - проби од плунката или изметот. Тестовите, според институтот „Роберт Кох“ (РКИ), функционираат така што „антителата фиксирани на лентата од тестот го врзуваат антигенот, со што се активира ензимот кој води до менување на бојата“.

„Роберт Кох“ на својата веб-страница пишува и дека антигенските брзи тестови се добри пред се' за докажување високо присуство на вирусот, што пак е „особено релевантно за преносот“ на вирусот.

Повеќе:

Кина започна анални тестови за коронавирус

СЗО: Брзи корона-тестови за посиромашните земји

Што треба да знаете за тестовите за коронавирус

Колку се сигурни и доверливи брзите тестови?

Антигенските брзи тестови мора да покажат чувствителност од над 80% и специфичност од над 97%. Чувствителноста претставува удел на лица со позитивен резултат од тестот меѓу инфицираните, а специфичноста претставува лица со негативен резултат од тестот меѓу неинфицираните. Тоа значи дека за еден брз тест да добие дозвола, тој од петмина инфицирани со коронавирус мора да препознае најмалку четворица, а кај сто неинфицирани лица смее да даде најмногу три погрешно позитивни резултати.

Меѓутоа, во пракса брзите тестови имаат полоши резултати. Една студија на РКИ покажа дека од група од 60 лица со позитивен ПЦР-тест, со брз тест биле препознаени како позитивни само 71,7%. Тоа значи дека речиси секој трет корона-позитивен добива погрешен негативен резултат со брз тест, што е резултат полош отколку што тоа е предвидено со дозволата за тестовите.

Студијата покажа и дека двете варијанти на тестирање дале слично добри резултати во препознавање на неинфицираните лица.

Deutschland Berlin Charité | Coronavirus | Antigentest

Брзите тестови во Германија во моментов им се даваат само на посебни групи лица, обучени за тоа

Колку се едноставни за спроведување брзите тестови?

Брзите тестови кои во моментов се присутни на германскиот пазар имаат дозвола само за лица кои се обучени да ги спроведуваат. Причина за тоа е што лаиците главно погрешно земаат проби од носот или грлото. На пример, се покажува како тешко лицето само да земе брис од носот или грлото, затоа што не се оди доволно длабоко.

Една актуелна студија, во која меѓу другото учествуваше и берлинската клиника Шарите, покажа дека лаиците кои добиле упатство за спроведување на тестот, тоа добро го направиле. Од 146 учесници кои покажувале симптоми, со ПЦР тест како позитивни на корона излегле 40 лица. Сите испитаници се тестирале дополнително и сами со брз тест, земајќи брис од носот. Од 40-те инфицирани, 91,4% се тестирале коректно и самите, односно брзиот тест покажал позитивен резултат, додека од група од 106 неинфицирани лица, дури 99,1% од испитаниците добиле исправен резултат со помош на брз тест.

Резултатите од ваквото истражување, меѓутоа, не може да се пренесат за цело население во државата, поради малиот број учесници во студијата.

Italien Ein Mann wird auf Covid-19 getestet

Земањето брис може да е болно, па кога тоа се прави самостојно, често не се оди доволно длабоко

Кој може да добие брзи тестови?

Со оглед на тоа што се' уште не е недвосмислено јасно колку тестовите може да бидат исправно користени од страна на приватни лица, брзите тестови во Германија во моментов им се даваат само на посебни групи лица, обучени за тоа. Многу погрешни негативни резултати би претставувале ризик, затоа што лицата потоа можеби не би се придржувале толку до корона-правилата, изјави сојузниот министер за здравство Јенс Шпан на прес-конференција на 12 февруари. Министерството за здравство смета и дека брзите тестови за домашна употреба би требало да бидат развиени така да бидат едноставни за употреба и да имаат извесен квалитет на резултатите.

Сојузниот институт за лекови и медицински производи (БфАрМ) на барање на Дојче веле информира дека во моментов од тестовите кои веќе имаат дозвола за употреба од страна на обучен персонал, има околу 30 барања за вонредна дозвола за употреба на тестовите од страна сите луѓе.

Дали антигенските брзи тестови може да ја запрат пандемијата?

Она што е неспорно е дека брзите тестови имаат само 70% сигурност во препознавањето на инфекции со SARS-CoV-2. Оттука, тие со погрешните негативни резултати би можеле да им дадат лажна сигурност на тестираните лица. Освен тоа, тие не се дозволени за употреба од страна на лаици, затоа што се' уште не е обезбедна сигурна употреба на тестовите од страна на лаици.

Здравствениот експерт на СПД, Карл Лаутербах, изјави дека брзите тестови не ги препознаваат сите случаи на заразени, но затоа ги препознаваат сите кои се заразни. Меѓутоа, ваква изјава не би можела да се даде паушално.

Зашто, според институтот „Паул Ерлих“, точни позитивни резултати од брзите тестови треба да се очекуваат пред се' кај инфицираните луѓе кои се' уште немаат никакви симптоми, или имаат само првични симптоми. Точниот временски период во кој лицето е заразно, меѓутоа, се' уште не јасно дефиниран, пишува РКИ на својата веб-страница. Тоа значи дека човек може да е заразен и во подоцнежниот тек на болеста, кога еден брз тест евентуелно веќе не може да ја препознае инфекцијата.

Се' уште нема антигенски тестови за домашна употреба, па е тешко да се даде прогноза дали тие евентуално би можеле да ја запрат пандемијата. Друго е прашањето дали пандемијата би можела да биде запрена со една добро промислена стратегија на брзо тестирање, спроведено од страна на обучен персонал.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама