Корона студија: Младите не се неодговорни | Панорама | DW | 23.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Корона студија: Младите не се неодговорни

Нова студија открива какви промени внесе короната во животот на младите луѓе и противречи на тековните клишеа. Научниците предупредуваат - младите да не се ставаат во улога на нов жртвен јарец.

Кога летоска бројките на новоинфицирани почнаа да вивнуваат нагоре, во фокусот на медиумската јавноста се најдоа младите луѓе. Зашто, за разлика од почетокот на пандемијата, летоска најчесто со Ковид-19 се инфицираа токму млади, а не пензионери. Кон тоа се придружија сликите од собири и забави во градските центри, на кои очигледно не беа почитувани правилата за држење неопходна физичка дистанца. Критиката гласеше: младите се непретпазливи и го разнесуваат вирусот во посилно загрозените старосни групи – постарите и хронично болни лица.

Но, дали е точна ваквата слика на младината оддадена на диви забави, која нема обѕири и не мисли на другите?

Дури и канцеларката Ангела Меркел лично, на една прес-конференција, апелираше до младите дека е подобро да се воздржат од „журки".

Фондацијата ТУИ се обиде да ја испита вистинитоста на негативниот имиџ на потенцијалните „супер проширувачи" на вирусот преку репрезентативна студија со околу илјада млади луѓе на возраст од 16 до 26 години. Анкетите се водени во првата половина од септември од страна на Институтот за испитување на јавното мислење YouGov.

Сомнеж во имиџот

„Присутна е бараната солидарност", вака раководителот на истражувањето, Петер Манот ги сублимираше резултатите при онлајн-презентацијата. Тој се задржа на три клучни точки.

Преку половина од младите сметаат дека воведените анти-корона мерки се адекватни и сразмерни, само една петтина ги смета за преувеличани. Секој четврт анкетиран се заложил дури за уште построги мерки.

Повеќе:

Младите луѓе се виновни за ширење на коронавирусот?

Коронавирус: „Непобедливите“ тинејџери не сакаат да седат дома

Коронавирусот ги уништи сите предрасуди за разгалената младина

Солидарност во Италија во време на коронавирус - младите ги крепат старите

Големо мнозинство од 83 проценти од младите целосно или воглавно се придржува на правилата и препораките за однесување во пандемијата. Само два проценти нив ги игнорираат.

Притоа, сосема јасно во преден план се става заштитата на останатите (89 проценти), истакна Манот. И тоа дури и пред сопственото здравје (79 проценти). Значи, не е точно тврдењето за широко распространета релативна безгрижност.

Младешкиот животен стилпосебно ограничен

И реномираниот Научен центар за социолошки истражувања во Берлин партиципирал во студијата. Неговиот претставник, Маркус Шплитер, укажува на една интересна промена на имиџот. На почетокот на пандемијата, имиџот на младината во јавноста беше претежно позитивен. Шплитер потсетува на раширеноста на меѓусоседската помош, која се организираше сосема спонтано.

„Но, во последно време се зборуваше само дека младите следат концепт на имунитет на стадо, постигнување општ имунитет", значи дека не се грижат воопшто за инфицирањето. Сегашната студија покажува дека тоа не е така. И мора да се додаде дека токму младите луѓе се оние кои сегашнава ситуација посебно ги погодува.

Помал оптимизам

Во Германија музичките- и диско – клубовите се затворени уште од првиот локдаун во март. Другите слободни активности како спорт или патувања се прилично ограничени. Постарите лица овие привремени ограничувања можат многу подобро да ги преболат отколку младите, вели социологот Шплитер. „Младоста" како развојна етапа носи печат на размена, обиди или ориентација. Ако отпаднат можностите за тоа, не е баш едноставно. 

Студијата имала цел да го детектира и општото расположение. 26 проценти од анкетираните се сега попесимистички настроени отколку во слично испитување во јануари. Како посебен тежок товар се чувствува ограничувањето на социјалните контакти (42 проценти). Ограничените можности за слободни активности се на второ место на скалата (40 проценти), следени со откажувањето од патувања и мобилност (32 проценти), а на четврто место се забавите – според студијата, 29 проценти од младите страдаат поради тоа. Но, и работата од дома (20 проценти) и финансиите (19 проценти) предизвикуваат грижи. 

Младите се наполно спремни за одрекувања, подвлекува Шплитер. Тој предупредува да не се создава конфликт меѓу младите и старите. Крајно, општествената кохезија во време на пандемија е еден важен ресурс.

 

Реклама