Без оглед на во последно време малку забавениот пораст на бројот на новоинфицирани, Институтот Роберт Кох уште не констатира промена на трендот. Постои сепак „внимателен оптимизам" што бројките не растат толку нагло, тоа покажува дека Германија не е беспомошно изложена на вирусот, изјави претседателот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер во Берлин. Но, ние уште не знаеме дали е во прашање стабилен развој, сѐ уште е нејасно во колкав обем е тоа поврзано со најновите ограничувања како затворањето на рестораните, дополни Вилер.
Не е исклучена ни можноста капацитетите на лабораториите за тестирање да стигнат до своите граници. Јасно е истовремено дека ќе расте бројот на пациенти со потешка форма на болеста на одделенијата за интензивна нега, исто како и стапката на смртни случаи. „Мораме да бидеме соочени и со максимално исполнување на капацитетите на болниците", предупреди Вилер.
Дефицит на персонал во клиниките
Речиси половина од болниците во меѓувреме пријавија ограничена достапност на кревети за интензивна нега, што првенствено се должи на инфицирање на персоналот кој од таа причина не стои на располагање, истакна Вилер.
Повеќе на темата:
„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот
Германија: Кој, кога и како ќе биде вакциниран против коронавирус
Студија – со корона се заразени четирипати повеќе луѓе од регистрираните
Корона-локдаун? Не, благодарам!
Зачестуваат и случаите на инфекции во училиштата, каде во секој случај мора да продолжи спроведувањето на хигиенските концепти, како носењето заштитна маска. Брзината на распространувањето на коронавирусот е во тесна корелација со однесувањето на луѓето. Зимските услови се отежнувачка околност поради повеќето време кое се поминува во затворени простории, што ги олеснува можностите за пренос на заразата. „Базичните правила – одржување физичка дистанца, носење маска, често проветрување, се работи кои ќе нѐ следат уште неколку месеци", истакна шефот на Институтот Роберт Кох. Според неговата евиденција од утрово, во изминатите 24 часа има 21.866 новодијагностицирани случаи. Вкупната бројка на регистрирани инфекции со коронавирус досега се искачи на 727.553, а на смртни случаи – на 11.982.
Шпан очекува ограничувањата да потраат цела зима
И германскиот сојузен министер за здравство Јенс Шпан не очекува скоро олеснување на воведените мерки заради сузбивање на пандемијата на короновирус, најмалку до пролет. Оваа зима нема да бидат дозволени манифестации со повеќе од десет или петнаесет учесници, изјави тој за радио Берлин-Бранденбург.
Дури и во случај на опаѓање на бројот на новоинфицирани, тоа не значи автоматски можност од декември или јануари да се одржуваат божиќни, новогодишни или семејни прослави „како ништо да не било". Тој ја поздрави одлуката на покраинските здравствени власти на Северна Рајна Вестфалија за порано започнување на Божиќниот распуст за учениците како „прагматична", но решението останува кај секоја одделна покраина.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
-
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.
Автор: Стефани Хепнер