1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона- пропаганда

1 април 2020

Некои ќе речат еве го овој пак го брани Венко Филипче. Јас ќе одговорам, да, го бранам од една лоша, валкана и опасна пропаганда од причина што знам како му е. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3aIF3
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Ковид-19 предизвика хаос во светот, колабираше неколку силни здравствени системи, зема многу човечки жртви, ги затвори луѓето во своите домови, го смени текот на нормалното живеење, сериозно ги разниша економиите, ги бутна цените на акциите и нафтата. Пандемијата на коронавирусот ја разниша довербата меѓу сојузници, ја стави на тест европската и светската солидарност. Колку и да мислевме дека развиените земји имаат протоколи и искуство за справување со вонредни и итни ситуации, сепак во многу земји видовме збунетост, млака реакција, некаде и задоцнета, со многу тешки последици кои произлегоа од тоа. Накратко, Ковид-19 предизвика огромна катастрофа во светот.

Експерти и „експерти“

Катастрофата беше и се уште е проследена со „корона пропагандата".Во основа тоа е онаа лоша, валкана пропаганда која си постоеше во светот и претходно, а која имаше и има за цел нешто вистинско да прикрие, некого да уништи и некој да профитира од тоа. Ова се прави преку пласирање на лажна вест која најчесто се базира на некоја полувистина, или некое општо прифатено верување или перцепција. Така најпрво се појави пропаганда дека секаде има корона освен во Америка, па некои побрзаа да заклучат дека Американците го пуштиле вирусот. Кога вирусот букна и во Америка оваа пропаганда се заборави, па се смисли нова дека вирусот е предизвикан од новата 5Г технологија. Потоа излезе дека Путин пуштил 500 лавови низ град за да се осигура дека се почитува полицискиот час. Потоа излезе дека и Меркел е во самоизолација бидејќи била во контакт со некој заболен. Тука пропагандистите ни порачаа дека сигурно е дека и Меркел е заболена, ама не кажуваат. Потоа излезе дека принцот Чарлс е заболен како и премиерот на Велика Британија. За нив кажуваат, за Меркел кријат. Нормално, тоа за Меркел веднаш се заборави, ама во моментот кога беше пуштено си ја заврши својата работа.

- Коронавирус ante portas

Паралелно на ова на големо се пропагираа лекови и начин на заштита од корона па слушнавме дека треба да се пие сода бикарбона со лимон, да се јаде лук и да се пие ракија. Слушнавме безброј експерти и „експерти". Првите навистина експерти кои внимателно ни порачуваа што смееме и треба да правиме, а што не, а другите самонаречени експерти кои имаат знаење и став за секоја можна ситуација. Тоа е онаа сорта што секогаш е во право и никогаш не греши. Слично на онаа маалска пропаганда кога некој маалец им соопштува на другите маалци, седејќи покрај клупа, некоја врвна светска тајна или геостратешка позиција, најчесто од категоријата top secret. Моја препорака е да се следат упатствата и препораките само на здравствените власти и Светската здравствена организација.

И Спилберг да им позавиди

Кај нас ми привлече внимание една црна пропаганда која отиде многу ниско и на еден прилично некоректен начин го прогласи министерот за здравство за воен профитер бидејќи наводно тестовите што се правеле во Институтот за јавно здравје биле неколку пати поскапи од тие што се правеле во приватните болници. Немаше воопшто да реагирам ако тоа навистина беше така и ако причината навистина беше во цената на тестовите, а не како во конкретниот случај каде станува збор за сумата што Фондот за здравство му ја плаќа на Институтот за јавно здравје за секој направен тест. Некои ќе речат еве го овој пак го брани Венко. Јас ќе одговорам, да, го бранам од една лоша, валкана и опасна пропаганда од причина што знам како му е. Јас лично бев подложен на многу опасна, ниска и валкана пропаганда. Тоа што јас го преживеав беше веројатно најцрната пропаганда направена на било кој политичар во државава. Затоа и реагирам. Затоа што знам какво е чувството кога се бориш, се трудиш секому да помогнеш, работиш без престан, често и над 16 часа секој ден, а некој седејќи позади компјутер смислува како да те оцрни. Кај нас по партиите тоа го сметаат за успешна пи-ар активност, па има толку изверзирани црни пропагандисти што дури и Спилберг може да се засрами и да им завиди. Да разјасниме, да бидеш воен профитер е страшно злосторство, исто како да бидеш виновен за смрт на деца. Реагирам затоа што не е така.

- Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус

Дозволете, како човек што долго време управувал со ресорот здравство да ја објаснам реално ситуацијата. Лабораториската услуга, како што е тестирањето за КОВИД-19 не се плаќа од страна на фондот по ДСГ (дијагностичко сродни групи) кое преставува кодирање наменето само за хоспитализирани пациенти. Фактурирањето и наплатата на лабораториски услуги спаѓа во сегментот на специјалистичко-консултативни пакети, и оваа цена ја утврдува Управниот одбор на Фондот за здравство (ФЗОМ) по предлог на надлежната Комисија на ФЗОМ, а врз основа на интерна методологија на ФЗОМ. Е за оваа цена станува збор, а не за разлика на цената на тестовите во приватните и јавните здравствени установа. Настрана што не станува збор ниту за исти тестови. За да биде уште појасно сакам да појаснам дека доколку се намали сумата што Фондот за здравство ја плаќа на Институтот за јавно здравство за тестирањето на граѓаните за КОВИД-19, ќе се намали приходот на Институтот, што е исклучително штетно и неоправдано во ова време на криза кога институтот и неговите вработени се во првата борбена линија. Значи овие 4.950 денари ги плаќа Фондот за здравство на Институтот за секое направено испитување и тоа не е цената по која е набавен тестот.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Venko Filipce
Филипче го прогласија за воен профитер бидејќи се префрлиле средства од буџетот на една јавна институција во буџетот на друга јавна институцијаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Власта не е толку вредна

Симплифицирано, Венко го прогласија за воен профитер бидејќи се префрлиле средства од буџетот на една јавна институција во буџетот на друга јавна институција. Затоа реагирам, затоа што сеуште ја чувствувам горчината која ја имав од една слична валкана и одвратна пропаганда. Да, јас сум ја почувствувал на своја кожа силата на валканата пропаганда, но никогаш не би посегнал по истото оружје против било кој и би замолил и препорачал никој и никогаш повеќе да не го прави тоа во државава против никого. Власта не е толку вредна. Едно е политички да се критикуваме, напаѓаме, расправаме, но ова е друго, многу опасно и со страшни можни последици кои за среќа јас ги преживеав. Оваа или ваква пропаганда може да натера некого да направи некој многу непромислен и опасен чекор, па затоа уште еднаш би апелирал за воздржување од вакви квалификации, особено кога тоа што се тврди не е вистина.

На крај дозволете ми втор пат во две недели да и честитам на нацијата. Ова е ретка привилегија. Отворањето на преговорите за наше полноправно членство во Европската Унија е историска одлука и историска придобивка за сите македонски граѓани. Искрено се надевам дека веднаш по завршувањето на оваа светска криза предизвикана од пандемијата, ќе бидат отворени првите поглавја. Посакувам преговорите да завршат во рекордно време и што е можно побргу да станеме полноправна членка на ЕУ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема