Границите на ЕУ остануваат отворени - со повеќе контроли за патниците | Свет | DW | 22.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Границите на ЕУ остануваат отворени - со повеќе контроли за патниците

ЕУ предупредува од ширење на новите мутации на коронавирусот и планира натамошни ограничувања за патниците. Наспроти тоа, внатрешните граници на Унијата остануваат отворени и треба да се забрза вакцинацијата.

Ова беше деветти состанок преку видео-конференција на шефовите на влади на ЕУ за координирање на заедничката политика за коронавирусот.  Ситуацијата е сериозна, особено поради новите мутации од Велика Британија и од Јужноафриканската Република, кои веќе се откриени во делови на ЕУ, беше речено по крајот на дебатата. Лидерите на ЕУ апелираат до сите земји-членки да ги координираат своите рестриктивните мерки и да ги координираат контролите.

Ограничувања за патување во подготовка

„Загрижени сме околу појавата на мутации“, рече шефицата на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, и затоа земјите членки безусловно треба да тестираат повеќе и да извршат повеќе генетски анализи за да утврдат кој тип на вирусот циркулира на нивната територија. Во речиси сите земји членки, стапката  на генетски анализи во моментов е под еден процент, што е премалку, рече Фон дер Лајен. Барем пет проценти од сите позитивни тестови треба да се испитаат за да се добие сигурност за циркулирачките форми на вирусот.

Поради оваа причина, властите во Брисел сакаат во понеделник (25 јануари) да претстават план, според кој несуштинското патување треба да се „обесхрабри“. Фокусот тука е првично на бранот патувања за време на зимските празници во февруари, но ограничувањата исто така можат да траат подолго. Притоа не се споменува директна забрана, но треба да има построги контроли, униформни задолжителни тестови и барања за карантин, со цел  што е можно повеќе да се спречи какво било прекугранично движење.

Франција ги заостри условите за влез во земјата

Франција веќе истрча напред и сака како услов за влез во земјата за сите патници од ЕУ да воведе задолжителен негативен тест на коронавирусот 72 часа пред нивното поаѓање. Стоковиот сообраќај и патувањата неопходни за работа треба да бидат изоставени од мерката. Се очекува дека повеќето останати земји на ЕУ ќе го следат примерот во наредната недела.

Пред состанокот, канцеларката Ангела Меркел изјави дека опсежните контроли на границите се последната опција, ако не можат целосно да се исклучат. Белгискиот премиер Александар Кро претходно повика привремено целосно да се забрани патувањето. Од друга страна, постои волја кај Еврокомисијата и мнозинството од земјите членки да ги задржат внатрешните граници во ЕУ отворени за да не предизвикаат хаотични сцени како минатата пролет. Стоките и патниците во важните професии сè уште треба да можат да ја преминуваат границата.

Повеќе:

-Коронавирус: Лидерите на ЕУ не се договорија за ковид-пасоши

-Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

-Ковид-19: Повеќе вакцини за ЕУ – на пролет 

Потребни се „насочени мерки“, рече Фон дер Лајен и предложи на досегашните нивоа на предупредување да се додаде и длабоко-темна црвена боја за да се идентификуваат регионите со особено високо ниво на инфекции и мутации на вирусот. Одлуката за натамошни ограничувања останува на земјите членки на ЕУ, дури и ако се чини дека подготвеноста за нивно усогласување значително се зголеми. Комисијата сега сака да претстави предлог за „Обединет фронт за борба против Ковид-19“. 

Фрустрација поради послабата испорака на вакцини

„За неколку месеци ќе имаме повеќе дози на вакцини отколку што ни требаат“, рече Урсула фон дер Лајен, обидувајќи се да ги утеши земјите членки. Но, тие беа многу фрустрирани од, во моментов, одложените испораки на вакцините. Италија дури сака да ја тужи компанијата Фајзер, а земји како Романија, Полска и Чешка се жалат многу, затоа што во моментов примаат само половина од договореното количество од вакцината на Фајзер. „Земјите членки сакаат побрзи испораки“, призна шефицата на комисијата, поради што, како што рече таа е во контакт со производителите. Властите во Брисел во минатото лето го презедоа купувањето на вакцини.

Урсула фон дер Лајен уште истакна оти таа преговара и со Европската агенција за лекови и најави „брзо“ одобрување на натамошни вакцини. Се очекува во следните неколку недели, да биде издадена дозвола за вакцината на АстраЗенека, која е полесна за чување и затоа може да ги забрза вакцинациите во ЕУ, доколку може да боде испорачана во доволни количества. Фајзер во меѓувреме вети дека во февруари ќе ги надомести заостанатите испораки. Проблемите се објаснети со проширување на производството во фабриката во Пурс, Белгија, каде главно се произведува вакцината за употреба во ЕУ.

Гледај видео 02:17

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Што се однесува до европската цел за вакцинирање на 70 проценти од населението до крајот на август, лидерите на ЕУ останаа без конкретен став: „Ние се стремиме кон тоа“, рече Шарл Мишел во име на Советот на ЕУ. Во исто време, тој ги повика земјите членки да ги забрзаат своите кампањи за вакцинација. Во некои земји, како  Франција или Холандија, тие започнаа доцна и колебливо, поврзани се со бирократија или се борат со проблеми со прифаќањето на вакцината. Овие потешкотии не може да се решат на европско, туку само на национално ниво.

Засега без ковид-пасоши за слободно патување

Одложена во ЕУ беше идејата за стандардизиран дигитален пасош за вакцинација, кој би можел повторно да им даде слобода на движење на граѓаните. Предлогот на маса го стави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис - поддржан од шпанската влада. Двете земји се обидуваат да ја спасат следната туристичка сезона.

Но, предлогот за ковид-пасош не наиде на премногу одобрување: Сè уште не е познато дали вакцинираните лица веќе нема да го пренесуваат вирусот, рече Урсула фон дер Лајен. Исто така е непознато колку долго би траело дејството на вакцините. Познатиот жолт сертификат за вакцинација според моделот на СЗО треба да продолжи да постои. Но, тешко дека пред летото ќе има ковид-пасош како документ за слобода за патување. Шефовите на влади на ЕУ ја одложија оваа дебата за подоцна.

 

Поврзана содржина

Реклама