Фотографија на денот: Четврт корона-бран во Германија | Информации и анализи за Германија | DW | 20.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Фотографија на денот: Четврт корона-бран во Германија

Во Германија почна четвртиот бран од пандемијата на коронавирусот, оцени институтот „Роберт Кох“. Од зараза се погодени пред сѐ помладите.

Во најновиот извештај на институтот „Роберт Кох“ (РКИ) се наведува дека за една недела уделот на позитивни ПЦР-тестови во лабораториите се зголемил од 4 на 6 проценти. „Со тоа јасно се покажува дека е почнат четвртиот бран, од кој особено е зафатено младото население“, се вели во извештајот. Дел од инфицираните се заразиле во земјите каде што биле на годишен одмор, на пример во Шпанија, Турција или на Балканот.

РКИ оценува дека опасноста по здравјето на луѓето кои не се вакцинирани е и натаму голема. Што се однесува до вакцинираните, експертите проценуваат дека опасноста е умерена.

Министерот за здравство Јенс Шпан пред една недела предупреди дека четвртиот бран на пандемијата доаѓа и дека прашање е само колку тој ќе биде опасен. За поголема сигурност од зараза тој ги истакна правилата како држење дистанца и носење маски во средствата за јавен превоз или во продавниците, а освен тоа за влез во одредени затворени простории е неопходно и придржување до т.н. 3Г-правило - вакцинирани, оздравени, тестирани со негативен наод (на германски Geimpfte, Genesene, negativ Getestetе).

Во Германија околу 64% од граѓаните имаат примено барем една доза од вакцината против Ковид-19, а околу 58% се целосно вакцинирани. За да запре пандемијата, според проценките, стапката на вакцинирани би требало да е најмалку околу 85%.