Корона во Германија: Без паника! | Свет | DW | 07.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Корона во Германија: Без паника!

Да, бројот на заразени во Германија повторно се зголемува. Не, тоа не е причина за паника. Со претпазливост, разум и одгвоорност и натаму ќе може да се владее со состојбата, смета Марсел Фиртсенау.

Една криза може да се призива. Или, како во случајот со короната, една пандемија која трае со месеци и го менува нашиот живот и секојдневие, може непотребно да се драматизира. Таква опасност има во моментов во Германија, која во борбата против вирусот, се’ на се’, се бори успешно. Се разбира дека бројките на новозаразени, кои со денови се се’ поголеми, се причина за загриженост. Но, дали некој навистина веруваше дека постепеното олабавување на мерките кое почна во мај ќе остане без последици? Колку наивно!

Оној кој сака да ја сведе заразата на минимум, мора целосно да се изолира од околината. Значи, колку повеќе луѓе среќаваме, толку е поголем ризикот да се заразиме, што е логично. На пример, да се заразиме со вирус на грип. Оној кој сака да се заштити од кашлање и кивање кога е студено, се облекува повеќе и по можност избегнува средби со настинати луѓе. Или се вакцинира. Па сепак, во Германија, според проценки на институтот „Роберт Кох“, секоја година од грип се разболуваат најмалку два милиона луѓе.

Подобро задоцнета обврска за тестирање отколку никаква

Бројот на заразени може да биде дури и двојно повисок. И со оглед на тоа што секоја сезона на грип (во Германија во периодот од крај на октомври до средина на мај) има различен тек, бројките се разликуваат многу.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon (DW )

Марсел Фирстенау

Меѓу другото и бројот на починати. Некогаш се неколку стотини, но може да бидат и над 20.000. И сега можеби ќе прашате - што има тоа врска со короната? Многу, зашто при сите, делумно големи, разлики, може да се влијае врз ширењето на вирусите и, во најдобар случај, ширењето може да биде спречено.

Затоа во Германија од сабота важи обврска за тестирање за сите летувалци кои се враќаат од ризични региони. И, добро е што е така! Сепак, се поставува прашањето - зошто оваа мерка доаѓа дури сега, а не истовремено со отворањето на границите и повторното заживување на патувањата на средината од јуни? Имено, зголемениот број на новозаразени може да се објасни и со тоа - но не исклучиво само со тоа - дека нетестирани летувалци го внесле вирусот незабележано во земјата. Но, во споредба со особено лошите месеци март и април, сега состојбата, пред се’ од медицински аспект, е релаксирана.

За вирусот знаеме веќе многу

Шокантни слики од преполни одделенија за интензивна нега во болниците или камиони полни со ковчези со починати од корона, во Германија, поради брзата и разумна реакција, досега за среќа нема. И, така може и да остане доколку функционира мешавината од обврска за носење заштитна маска, правилата за држење дистанца, засилена хигиена и обврска за тестирање. Но, за тоа се одговорни сите. Прекршувањата мора да бидат санкционирани брзо. А, за одговорните на различни нивоа на власта, од сојузната влада до најмалата општина, треба да важи едно - уздите да се затегаат пред да стане предоцна.

Тоа практично може да значи дека повторноотворените училишта по завршувањето на летниот распуст може, ако е потребно, повторно да се затворат, но само онаму каде тоа, поради бројките на инфицирани, е итно неопходно. Колку добро на тој начин може да се контролира ситуацијата во корона-жариштата, докажуваат привремените затворања на големите кланици или земјоделските фарми. Жариштата констатирани таму, или во некои ресторани или верски заедници, беа поучни. Тие го свртеа погледот и кон неправилностите и лошите услови, како скандалозните збирни сместувалишта за сезонски работници, или повеќе од невнимателните гастрономи на кои не им е грижа за хигиенските концепти.

Втор бран? Ни првиот не е завршен!

Кога во вакви случаи се реагира консеквентно и кога колку што е можно повеќе луѓе во секојдневието се однесуваат внимателно и со обѕири кон другите, тогаш Германија може да биде поштедена од втор карантин. И, кога веќе толку многу за зборува за втор бран - молам да се види точно колку е тој голем. Зашто, корона-бранот од првото појавување всушност никогаш не заврши, но, за среќа, од мај стануваше се’ помал. Сега повторно се зголемува. Тоа сите мора да го сфатиме сериозно и да реагираме соодветно - со претпазливост, разум и одговорност. Така бранот повторно ќе се намали.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама