Корона: Велигден во Ватикан - овојпат без верници | Свет | DW | 10.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Корона: Велигден во Ватикан - овојпат без верници

Папата Франциско мисата по повод последната вечера на Исус, пренесувана синоќа на интернет и ТВ, ја служеше во речиси празна црква. Тој потсети на напорите на свештениците, лекарите и негувателите и жртвите од Ковид-19.

Пристапот до плоштадот Свети Петар е забранет. Единствени посетители покрај фонтаната Ди Треви се неколку гулаби. И на барокниот плоштад Навона, меѓу калдрмата расте трева. Ваква слика на Рим никогаш не може да се види. Улиците се пусти, без луѓе, ролетните на рестораните се спуштени. И тоа кратко пред Велигден, токму во време кога градот вообичаено е полн со туристи.

Салваторе стои пред својата продавница за прехранбени производи, една од ретките која уште има дозвола да биде отворена. Ова ќе биде сосем поинаков Велигден, вели тој. Иако, според негово мислење, ништо не менува во суштината на празникот, тоа што на пример Великопеточната процесија, Патот на солзите, на која обично учествуваат десетици илјади луѓе на Колосеум, сега се одржува на плоштадот Свети Петар, каде папата e речиси сам.

„Процесијата е само надворешен фактор. Фактор кој им е потребен на многу луѓе за да ги разберат нештата.“

Многу вакви надворешни фактори оваа година се променети, вели Салваторе: и Велигденската миса нема да биде одржана на плоштадот Свети Петар пред бројни посетители, туку папата ќе ја одржи во базиликата Свети Петар, не на големиот папски олтар, туку назад, на еден помал олтар.

Повеќе:

Фотографија на денот: Папата сам на молитва за пандемијата

Религијата во доба на коронавирус

Коронавирусот и религијата

Овој осамен Велигден не е лесен ни за папата, вели ватиканската новинарка Гудрун Салиер:

„Зашто, веќе знаеме дека Франциско е папа кој е изразито социјално насочен, тој излегува надвор секогаш кога може. Тој е човек кој на пример живее во хотел само за да може да дојде повеќе во контакт  со луѓето.“

Но, Велигден годинава истовремено е уште поважен отколку во другите години – како празник на воскреснувањето, во време кога живееме во заканувачка ситуација, вели Саилер. И уште нешто: за папата отсекогаш било централно велигденските празнувања да бидат насочени и посветени кон оние кои страдаат, вели ватиканскиот експерт Марко Полити:

„Господ, Исус Христос, бил меѓу страдалниците. Господ секогаш е меѓу страдалниците. Верувам дека папата Франциско тоа сега посебно ќе го истакне. И неговата осаменост, кога човек ќе го види сам на овие велигденски празнувања, всушност значи: и јас сум под притисок, исто како што и вие се чувствувате под притисок. Јас страдам, исто како што и сите вие страдате и убеден сум дека мораме да го положиме овој тежок испит.“

Може ли овој тежок тест, односно пандемијата на коронавирус, може ли овој Велигденски празник на дистанца можеби дури и да го зајакне католицизмот? Гудрун Саилер вели – да.

„Желбата и копнежот по религиозна длабочина, по далекувидност, по некој хоризонт, по некоја ориентација, во времиња на криза се посилни од било кога, тоа ни е познато.“

Марко Полити има поинакво мислење. И тој е свесен дека божјите служби на папата Франциско на интернет често се гледани, но смета: нема да има зголемен број верници, тие само сакаат онлајн да го слушнат благословот на папата, „Урби ет орби", кој се дава само за Велигден, Божик и по изборот на нов папа. Всушност, поради пандемијата на коронавирус, папата Франциско пред неколку недели пред Велигден даде вонреден благослов. Тоа е голем исклучок, фотографиите на папата, кој стои сам пред базиликата Свети Петар на поројниот дожд, го обиколија светот. А овојпат?

„Не можам да претстажувам што ќе рече папата, но смислата е недвојбено јасна: ќе успееме, ако соработуваме заеднички," вели Полити.

Поврзана содржина

Реклама