Корона-вакцините не го ослабуваат имунолошкиот систем  | Панорама | DW | 02.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Корона-вакцините не го ослабуваат имунолошкиот систем 

Антиваксерите одбиваат вакцина против Ковид-19 и поради тоа што се убедени оти го ослабува имунолошкиот систем. Наводно докази произлегуваат и од студија од Холандија. Колку се основани тврдењата? 

„Бионтек намалува имунитет?“ – вака гласи телетекст пораката објавена на германските телевизии ДМАКС и Хамбург 1 чија снимка и скриншот вирално се шират на Фејсбук и Твитер. Особено ја споделуваат антиваксери, а наводно треба да даде научни докази дека вакцината на Бионтек/Фајзер против Ковид-19 го ослабува имунолошкиот систем. Дел од корисниците на социјалните мрежи дури одат чекор понатаму и тврдат дека сето ова има фатални последици. „Потоа луѓето не умираат само од Ковид, туку и од многу други можни вирусни заболувања.“ 

При тоа се повикуваат на една студија од Холандија која во мај 2021 се појави како т.н „пред-печат“ (однапред објавена) на една платформа за научни студии, но досега не е научно рецензирана и независно потврдена. Операторите на платформата предупредуваат дека ваквите „студии без помината верификација“ се само првични извештаи и не се научно верификувани. „Оттука ваквите извештаи не треба да се земаат предвид во клиничката пракса, ниту како основа за медицински третмани, а не треба ниту да се објавуваат во медиумите како официјални информации“, апелираат од медРксив (medRxiv).

Колку е веродостојна студијата? Што се тврдењата? 

Дали холандската студија потврдува дека корона-вакцината го ослабува нашиот имунолошки систем? Не! Парадокасално, студијата која ја цитираат антиваксерите всушност е спроведена за да се покаже дали и колку вакцината на Бионтек/Фајзер е ефикасна против новите варијанти на коронавирусот.  Еден од авторите на студијата, Михаи Нетеа од Радбуд Универзитетот во Нијмеген вели за ДВ дека резултатите од студијата ја потврдуваат ефикасноста на вакцината. Според него изведениот заклучок од студијата дека вакцината го ослабува нашиот имунолошки систем е погрешен. Во разговор за ДВ тој нагласува: „Сакавме да утврдиме кои се имунолошките ефекти на новата вакцина. Тоа е важно бидејќи овие вакцини ќе ги користиме уште долго, поради што треба нивните ефекти опсежно да се истражат. Многу е несреќно тоа што некои луѓе ова си го толкуваат во одредена насока која не е цел на нашето истражување.“ 

Во рамки на студијата, кај мала група вакцинирани лица (16 волонтери) во различни временски интервали биле анализирани воспалителни реакции на природниот имунитет. Научниците утврдиле дека вакцината на Бионтек/Фајзер влијае и на стекнатиот и на природниот имунитет, што не е никаква новина ниту проблем кај вакцините, што ќе го појасниме дополнително. 

Покрај САРС-КоВ-2, тие имунолошките клетки ги стимулирале со други различни патогени (компоненти од вируси, габи, бактерии). Имунолошките одговори биле малку послаби или некаде малку посилни од вообичаено – во зависност од стимулот и времето на мерење. Но, Михаи Нетеа е категоричен: „Во нашата студија не добивме никакви клинички податоци кои потврдуваат дека вакцината ги ослабува нашиот имунолошки одговори, ниту пак дека луѓето поради вакцината се поподложни на други инфекции и болести.“ 

Christine Falk Präsidentin der Deutschen Gesellschaft für Immunologie

Директорката на Германското здружение за имунологија, Кристине Фалк

Од гледна точка на имунологијата, тоа што го открија авторите на оваа студија е навистина значајно, вели за ДВ директорката на Германското здружение за имунологија, Кристине Фалк. Анализите покажуваат колку прецизно функционира регулирањето на имунолошкиот систем на молекуларно ниво, како и дека и вродениот природен имунитет исто така може да се „тренира“. Според Фалк, студијата сепак не е релевантна за општата јавност. 

Дали луѓето по вакцинацијата се повеќе склони на други болести? 

Не, ваквите тврдења се неточни. Еден твитерџија по холандската студија заклучува дека човековиот организам „веќе не може добро да се справи со бактерии и други вируси бидејќи имунолошкиот систем е променет“. Но, тоа не е така. Нашиот имунолошкиот систем е толку сеопфатен што без проблем може да се бори на повеќе фронтови, дури и веднаш по вакцинацијата, објаснува имунологот Кристине Фалк. „Во нашето тело имаме армија на Т-клетки и Б-клетки, од кои еве да речеме десетина се борат со спајк протеинот, но останатиот дел е подготвен да се справи со било која друга ‘закана’ што доаѓа,“ објаснува Фалк. „Тоа значи дека воопшто не треба да размислувате дали имате помала имунолошка заштита по вакцинацијата,“ категорична е таа. Ова го покажуваат досегашните податоци.

Фалк исто така не гледа никаква поврзаност меѓу корона-вакцината и наводната зголемена подложност на херпесни инфекции. Вакви тврдења може да се прочитаат во коментарите под твитот за холандската студија. Еден од нив вели – „..можно ли е оваа промена на имунолошкиот систем, 10-14 дена по втората доза вакцина, да го прави телото подложно на Херпес зостер? Мојот доктор вели дека не сум единствен ваков случај..."

„Можеби некаде има зголемување на инфекции со херпес, но тоа нема никаква врска со вакцината. Едноставно не може да се изведе ваков заклучок од студијата која анализира нешто сосем друго,“ нагласува имунологот Фалк. 

Дали промените во имунолошкиот систем предизвикан од мРНК вакцините се опасни? 

Фразата „препрограмирање на вродениот имунитет“ користена во спорната телетекст-порака предизвика најголеми реакции на социјалните мрежи. Она што звучи како неповратна манипулација на човечкиот имунитет во суштина е синоним за „трениран имунитет“ или „вродена имунолошка толеранција“. Ова е јасно објаснето во самата студија: „Одредени вакцини (....) покрај нивниот основен ефект врз специфичната (адаптивна) имунолошка меморија, предизвикуваат и долгорочно функционално препрограмирање на клетки кај вродениот имунитет (...).“ Овој биолошки процес се нарекува „трениран имунитет“. 

Кристине Фалк го нагласува ова: „Сите вакцини имаат влијание врз вродениот имунитет. Тоа не е само со мРНК вакцините за коронавирусот, туку тоа е така со сите вакцини.“ Погрешно е „препрограмирањето“ на вродениот имунолошки одговор да се претставува како ослабување на целосниот имунолошки систем, нагласуваат и еден од авторите на студијата, Михаи Нетеа и имунологот Фалк.

Дали вакцинацијата долгорочно го менува нашиот имунолошки систем? 

Не. Забележаните адаптации на вродениот имунитет по вакцинацијата со Бионтек/Фајзер се со краткорочен ефект, нагласува Михаи Нетеа. На ова укажуваат и наодите на Кристине Фалк според кои две недели по примената втора доза имунолошкиот систем се враќа во нормала. Истовремено е утврдено создавање на посакуваните антитела што е еден вид билдање мемориска имунолошка одбрана. „Тоа е како една каскада, која по одредено време повторно се враќа во нормална состојба. Остануваат само суперантитела кои ги имаме потоа и нè штитат долгорочно.“ 

Од нејзина гледна точка, поопасни промени има во случај на заболување со Ковид-19. „Анализиравме 100 пациенти и сите тие се уште имаат промени кај имунолошките клетки во крвта. И тоа покажува дека овој вирус и кај оние со лесна клиничка слика го нарушува имунолошкиот систем. Тоа е силна битка и кај лесните случаи. Овие промени се забележуваат и по неколку месеци од прележувањето на болеста, што многу ме загрижува,“ предупредува Кристине Фалк.