Шведска и Данска планираат пасоши за вакцинираните | Свет | DW | 16.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Шведска и Данска планираат пасоши за вакцинираните

Шведска и Данска планираат воведување дигитален корона-пасош за вакцинираните, за на тој начин да го олеснат, на пример, патувањето. Кој ќе профитира од тоа? И, како изгледаат работите во другите земји?

Шведска досега беше позната по својот „специјален пат“ во пандемијата на коронавирусот. Наместо локдаун и рестрикции, како во другите европски земји, Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето. Таквиот однос во пандемијата беше мета на многу критики, особено поради високиот број инфицирани. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Шведска досега со коронавирус се заразиле повеќе од 600.000 луѓе.

Сега земјата, заедно со Данска, повторно тргнува на специјален пат и сака до лето да воведе дигитален пасош за имунизација.

Повеќе

Капитулираше ли Шведска пред коронавирусот?

Како земји во ЕУ со добар имиџ, потфрлија во кризата со Ковид-19

За каква цел и за кого би бил наменет пасошот?

Шведскиот министер за дигитален развој Андерс Игеман објаснува дека во прва линија станува збор за тоа на едноставен начин да се докаже дека лицето е вакцинирано. Такви докази би можеле во иднина да бидат важни, на пример, при патување во други земји, или на културни и спортски манифестации. Дигиталната инфраструктура за пасошот за вакцинација би требало да е подготвена до 1 јуни, а во подготовките учествуваат повеќе институции.

Данска ги обелодени своите планови за пасоши за вакцинираните пред Шведска. Пасошите би требало пред се' да ги олеснат службените патувања. Доказот за вакцинација би се добивал преку интернет страницата на данското Министерството за здравство или преку смартфон.

Schweden 2. Corona-Welle

Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето

Како стојат Данска и Шведска со вакцинирањето на населението?

Во моментов од дигитален пасош за имунизација би профитирале само мал број луѓе. Онлајн-платформата Our World in Data (состојба 14.02.2021) објави дека во Данска досега се вакцинирани 6,87% од населението, а во Шведска - 4,53%. Тоа значи дека стапката на вакцинација во двете земји е слична како во Германија (4,95%) и во Европската унија. За споредба - Израел, кој предводи по бројот на вакцинирани лица против коронавирусот, досега вакцинираше 74% од своето население.

Дали некогаш ќе биде вакцинирано мнозинството Швеѓани, е нејасно. Земјата важи за критички настроена кон вакцинирањето откако масовната имунизација против свински грип пред околу 10 години имаше делумно лоши здравствени последици по децата и младите. Имаше стотици случаи на заболени од нарколепсија, хронично пореметување на спиењето, карактеризирано со претерана поспаност и изненадувачки напади на сон. Тогашната имунизација важи за еден од најголемите медицински скандали во земјата и добро им е останата во главата на граѓаните.

Infografik COVID-19 Impfungen pro 100 Menschen

Број на вакцинирани на 100 луѓе (извор Our World in Data)

Кои луѓе ќе бидат исклучени?

Лицата кои би имале пасош за имунизација би можеле да имаат привилегии. Она што на прв поглед звучи позитивно, меѓутоа, има и негативна страна. Критичарите стравуваат дека на тој начин „од задна врата“ ќе се протурка обврска за вакцинирање, пред се' за луѓето кои сакаат или мораат да патуваат, или кои сакаат да учествуваат во општествениот живот. Тоа би можело да предизвика поделеност во општеството, аргументира германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер. Освен тоа, на тој начин би можела да биде разнишана довербата во политиката, која досега исклучуваше обврска за вакцинација.

Освен тоа, критичарите велат дека се' додека нема доволно вакцини на располагање, предностите за вакцинираните се нефер. Треба да се додаде и дека не сите луѓе смеат да се вакцинираат без проблем. Луѓето кои имаат тешки алергии, на пример, или оние кои пијат имуносупресивни лекарства, смеат да се вакцинираат само по консултација со лекар, а бремените жени и доилките би требало по можност да не се вакцинираат. Овие категории луѓе би биле исклучени од предностите што би ги носел пасошот за имунизација без да можат да сторат што било по тоа прашање.

Ibiza Tourismus Strand Krise Coronavirus

Земјите на југот на Европа се зависни од туризмот и бараат воведување пасоши за имунизација

Што се планира во останатите европски земји?

И други европски земји, како Грција, Кипар и Шпанија, бараат воведување пасош за имунизација за лицата кои се вакцинирани да смеат слободно да патуваат и за да се поттикне туризмот.

Гледај видео 01:35

До вакцина, како на лотарија

Полска и Романија веќе се откажани од обврска за карантин за лицата кои влегуваат, доколку тие се вакцинирани.

За документ за имунизација размислува и ЕУ. Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес објасни дека таа не е за пасош за имунизација, туку за „сертификат за имунизација“. „Разликата е во тоа што документот за кој ние размислуваме би ги содржел сите податоци околу вакцинацијата“, објасни таа.

ПовеќеКоронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

Киријакидес се надева дека полза од тоа ќе има науката. „Тоа би ни дало увид во развојот на вирусот и можните нуспојави кои би се јавиле подоцна.“

Дали пасошот за имунизација би бил воведен и во Германија?

Во моментов такво нешто изгледа неверојатно. Неодамна Советот за етика во Германија се изјасни против пасош за имунизација.

Повеќе: Вакцинирани- и што потоа?

Според Советот, се' уште не може да се исклучи дека вакцинираните и натаму го пренесуваат вирусот. Носењето маска и држењето неопходно растојание, според Советот, е и натаму разумно. Доколку се утврди дека вакцинираните не го пренесувата вирусот, тогаш би имало повеќе простор за размислување во друга насока, се вели оттаму.