„Короната ќе стане вирусно заболување со кое ќе можеме да се справуваме“ | Свет | DW | 01.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Короната ќе стане вирусно заболување со кое ќе можеме да се справуваме“

Озлем Туречи и Угур Шахин не се разочарани што не ја добија Нобеловата награда за медицина. „Секојдневно добиваме многу Нобелови награди“, велат основачите на Бионтек во разговор за ДВ.

Berlin, Deutschland | Axel Springer Award für Biontech-Gründer

Основачите на Бионтек, Угур Сахин и Озлем Туречи, на доделувањето на наградата во Солун

ДВ: Госпоѓо Туречи, господине Шахин, во Солун ја добивте наградата за особени заслуги за Европа. Што ви значи оваа награда?

Угур Шахин: Тоа енаграда која ја репрезентира европската култура. Награда која се доделува во еден град од каде потекнува и нашиот пријател и партнер Алберт Бурла, претседателот на Управниот одбор на Фајзер.Наградата ја добивме во време кога можеме навистина повторно да патуваме. Поради многуте рестрикции тоа во последно време го правевме малку.

Вашите предци се од Солун...

Угур Шахин: Прадедо ми од страната на мајка ми е од Солун. Потоа неговото семејствосе преселило на Крит, а оттука заминало за Искендерун во Турција, каде сум роден. Паметам дека мајка ми постојано раскажуваше приказни од времето на својот татко и дедо, за тоа колку биле блиски во тоа време односите помеѓу Грците и Турците.

Како ќе одат натаму работите со короната? Кога ќе заврши пандемијата?

Озлем Туречи: Тоа е тешко прашање, затоа што секојдневно учиме по нешто ново за вирусот, како на пример - како реагира на вакцини. Тоа знаење е неопходно за да се процени кога ќе заврши пандемијата. Но, она што веќе сега со сигурност може да се каже е дека постепено ќе настапи нова нормалност. Тоа го чувствуваме сега. Учиме како да се однесуваме кон вирусот. Многумина од нас се веќе вакцинирани и се добива нов степен на слобода. Ќе настапи нормалност во која врз основа на имунитетот на уште поголеми делови од населението, ќе можеме да делуваме послободно. Сигурно ќе имаме работа со вирусот уште неколку години. Притоа ќе се најдат одговори и на прашањата кои досега се нејасни. На пример, иднината ќе покаже дали ќе настапат други варијатни на вирусот кои би биле имуни на вакцините кои сега постојат и дали ќе биде неопходно прилагодување на вакцините. Вирусот со текот на годините ќе добие статус каков што има вирусот на грип, против кој групи од населението се вакцинираат еднаш или двапати годишно, а други не се вакцинираат. Короната ќе стане вирусно заболување со кое ќе можеме да се справуваме.

Работите ли на нова вакцина, на нова генерација од вашата вакцина против натамошни мутации на вирусот?

Угур Шахин: Да, во моментов тестираме вакцини против варијанти на вирусот на мала група доброволци. Една студија за јужноафриканската Бета-варијанта на вирусот е речиси завршена, друга студија за Делта-варијантата е во тек, пред сѐ за да се соберат податоци. Во моментов нема неопходност за промена на вакцината. Но, сакаме да покажеме дека можеме да произведеме нови вакцини против варијантите на вирусот и клинички да ги тестираме и дека тие се исто толку безбедни како и оние кои сега ги употребуваме. Доколку во наредните години се појави варијанта за која ќе мораме да ја прилагодиме вакцината, тоа ќе можеме да го направиме многу брзо, затоа што веќе е етаблиран соодветниот процес. Ќе можеме да се подготвиме без возбуда доколку е неопходно вакцината да се менува секои две години за да се прилагоди на нови варијанти.

Разочарани ли сте што и покрај толку многу истражувања, сѐ уште има луѓе кои одбиваат да се вакцинираат? Или имате разбирање за тоа?

Угур Шахин: Можеме да го сфатиме тоа и апсолутно не сме разочарани. Она што го правиме од наша страна е да понудиме информации на транспарентен начин. Добро е што експертите изнесуваат свои ставови во медиумите. На тој начин секој има можност да разбере каква е состојбата. Единственото што му го препорачувам секому е да не разгледува само еднострани информации, туку да се информира што е можно повеќе и пошироко. Така може да се дојде до добра одлука за себе.

Имате ли разбирање кога луѓето велат дека станува збор за нова технологија, за која ништо не е познато, не е познато какви долгорочни последици би имало?

Угур Шахин: Го разбираме тоа. Но, од друга страна, вакцините се поднесуваат многу, многу добро. Тие се едно од најважните постигнувања на човештвото. Без вакцини нашето општество сигурно не би се развило онака како што е развиено денес. И, нашата вакцина се заснова на нова технологија, но нејзе ја имаме добро разбрано затоа што таа технологија постои веќе 30 години. Нашата вакцина не се појави туку така, туку се базира брз биомолекула која се наоѓа во нашето тело, во секоја клетка. Ние не внесуваме ништо туѓо и за тоа имаме многу, многу добра научна основа, затоа што во тие истражувања се инвестира над 30 години. Затоа нашата вакцина можеше да се создаде толку бргу.

Многумина беа сигурни дека ќе ја добиете овогодишната Нобелова награда за медицина. Разочарани ли сте што не ја добивте?

Угур Шахин: Мислам дека не може да се биде разочаран доколку не се добие нешто толку ретко како што е Нобеловата награда.

Озлем Туречи: Големата награда која ја добивме е што стотици милиони луѓе се вакцинирани со нешто на што работевме долго и што од многу луѓе добиваме мејлови, благодарност и фотографии со бабата која сега може да добива посети. Тоа се секојдневно огромен број Нобелови награди кои вредат многу.

Д-р Озлем Туречи и д-р Угур Шахин се основачи на компанијата BioNTech од Мајнц. Тие на 13.10.2021 во Солун од страна на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу ја добија овогодишната награда Царица Теофанија за развој на првата вакцина против коронавирусот.