Нов полициски час: Рестрикциите поради Ковид-19 се нужно зло, вели доктор Даниловски | Северна Македонија | DW | 08.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нов полициски час: Рестрикциите поради Ковид-19 се нужно зло, вели доктор Даниловски

Во ситуација кога е загрозен највисокиот општествен интерес – народното здравје, на државата ѝ стојат на располагање мерки на принуда, вели епидемиологот Даниловски по најавите за воведување нов полициски час.

Во ситуација кога е загрозен највисокиот општествен интерес – народното здравје, на државата ѝ стојат на располагање мерки на принуда, рестрикција. Тие никогаш не се популарни. Тие се „нужно зло“! Но, потребни се за да не се пречекори капацитетот на болничките установи, да не колабира системот, вели за ДВ епидемиологот и универзитетски професор Драган Даниловски, во пресрет на најавите за воведување на полициски час. 
Тој смета дека сите што живееме во организирани општествени заедници, колективитети, мораме да знаеме кога треба да го отстапиме својот индивидуален суверенитет во полза на општиот интерес, народното здравје. 
„За жал, секогаш постои едно малцинство (или мнозинство) граѓани кои тврдоглаво манифестираат егоизам, отсуство на емпатија „за својот ближен“. Тој егоизам директно ја компромитира целта на државата за зачувување на јавниот интерес, јавното здравје. Така, станува залудно одговорното однесување на оној друг сегмент граѓани“, вели д-р Даниловски. 

Мерките не смеат да предизвикаат штета

Во медицината постои една максима: Primum non nocere! (Пред сѐ, не прави штета!). Преведено, во актуелната ситуација, додава д-р Даниловски, преземените мерки никогаш не смеат да предизвикаат повеќе штета, од онаа што ја предизвикува причината заради која се преземаат.
„При дизајнирањето на мерките мора да се води сметка за оваа вистина. Се надевам дека, планираните мерки (полициски час од 22 до 05 часот, ќе го редуцираат бројот на социјални контакти, односно растот на бројот на дневни случаи ќе забави“, смета епидемиологот.

-повеќе на темата: Полицискиот час тропа пак на врата?

 Министерот за здравство Венко Филипче најави дека Владата утре на седница ќе одлучува дали ќе се врати на сила повторно полицискиот час во С.Македонија. Причина е зголемениот број на на заболени лица и непочитувањето на мерките. Предлогот е полицискиот час да се воведе од 22 до 5 часоти изутрина, само еден час откако ќе се затворат кафеаните и останатите угостителски објекти. Во јавноста повторно реакции околу најавената мерка, се проблематизира и времето и ефектот од таквата мерка. 
„Зошто токму од 22 часот? Па, по затворање на кафеаните во 21 часот, толпи млади луѓе продолжуваат со дружење по улиците, парковите, на Водно итн. Сигурно нема да дојде до запирање на растот, но убеден сум дека ќе дојде до забавување“, објаснува д-р Даниловски. 

Можни се и други рестрикции

Рестрикциите коишто ги побара Комисијата за заразни болести следат откако социјалните мрежи беа преплавени со фотографии на млади луѓе кои не ги почитуваат мерките во главниот град, во вечерните часови. Веќе подолго време се алармира дека градскиот парк во Скопје, како и Водно се преполни со групи млади, кои по затворањето на кафулињата ја продолжуваат забавата на отворено. И покрај забраните, на големо се одржуваат свадби и прослави на кои има и по 300 гости. Маски се помалку се носат, мерките се прекршуваат се почесто. 

-повеќе на темата: Од полицискиот час ќе има повеќе штета одошто корист, тврди Владата

Дека ситуацијата со Ковид-19 станува повторно алартмантна покажуваат податоците од Министерството за здравство. По компликации од Ковид-19 во изминатото деноноќие во болнички услови починаа 11 пациенти, а од 1.562 тестирања, регистрирани се 316 нови случаи. Ако предлогот за воведување на полициски час биде потврден од Владата, забрана за движење низ целата земја би почнала да се применува веднаш и ќе важи две недели. Филипче не исклучува продолжување на полицискиот час или дополнителни рестриктивни мерки доколку бројките продолжат да растат. Засега угостителските објекти остануваат отворени до 21 часот.
Во изминатите три дена, во Македонија се регистрирани речиси 1.900 нови случаи на коронавирус, што според надлежните,  се должи на собирите и непочитувањето на основните препораки за заштита. За првпат полициски час во С. Македонија беше воведен на 22 март лани, а беше укинат на 27 мај, по што граѓаните поминаа и неколку викенди во карантин. 

 

DW.COM