Коронавирус: На Германија повторно ѝ се заканува локдаун? | Информации и анализи за Германија | DW | 24.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Коронавирус: На Германија повторно ѝ се заканува локдаун?

Денеска во Германија стапува во сила новиот Закон за заштита од инфекции, но неизвесно е дали ќе може да го сопре четвртиот бран на коронавирус. Во дебатите повторно се појавуваат старите мерки.

Локдаун за невакцинирани, делумен локдаун за сите, локдаун во фудбалот – многу од предлозите во борбата против  растечките корона-бројки  не се нови. Она што веќе не требаше да биде замисливо, сега повторно е тема на дебата.

Вршителот на должноста германски сојузен министер за здравство, Јенс Шпан, во интервју за „Рајнише пост“ беше прашан за можноста од делумен локдаун. „Во оваа ситуација ништо не може да се исклучи, колку и да е тоа горчливо', гласеше неговиот одговор.

Пресретнување тоа е новата девиза?

Но, дали тоа ќе помогне? Шпан очекува побрзо одржување на за 9 декември планираната конференција на канцеларката со покраинските премиери, со оглед на  ситуацијата со коронавирусот  во југозападниот дел од Германија. „Мислам дека треба да дејствуваме што поскоро. Гледаме колку е сериозна ситуацијата во Саксонија, Баварија, Баден Виртенберг и Тирингија“, изјави Шпан.

А бројките на  инфекциите во земјата  и натаму растат. Институтот Роберт Кох регистрирал 66.884 позитивни тестови во рок од 24 часа, што е за 14.058 случаи повеќе отколку во средата пред една недела, кога беа пријавени 52.826 нови инфекции.

Седумдневната инциденца достигна нова рекордна вредност од 405,5, што значи толку луѓе од 100.000 жители во измината седмица се заразиле со  коронавирус.

Невакцинираните во фокусот

Кандидатот за претседател на Христијанско демократската унија, Фридрих Мерц, имајќи ги во предвид растечките бројки на новоинфицирани, предлага локдаун за невакцинираните. „Оној кој не е вакциниран или излечен, да може да отиде само во аптека, во супермаркет или на лекар“, изјави тој.

Мерц пледира за дополнително зајакнување на притисокот врз  невакцинираните,  дури да не можат ни да работат: „Со консеквентна 2Г регулатива, пристапот до работното место би бил можен само за вакцинирани и прележани, со сите консеквенци. Ниеден невакциниран вработен веќе во биро, ниеден невакциниран пратеник во Бундестагот, ниеден невакциниран студент повеќе во факултетска предавална, ниеден невакциниран студент веќе на фудбалски терен.“

3Г на работно место, работа од дома...

Засега, според новиот Закон за заштита од инфекции, од денеска во целата земја за вработените важи  правилото 3Г.  Тоа значи, сите вработени пред влезот на своето работо место треба да покажат доказ дека се вакцинирани, прележани или тестирани негативно на коронавирус. Невакцинираните на својот работодавач треба да му приложат дневно актуелен брз тест или максимално 48 часа стар ПЦР тест. Регулативата договорена меѓу сојузната влада и покраините важи до 19 март 2022, таа се однесува и на сите кои користат автобуси и возови.

Со правилото 3Г паралелно оди повторно и обврската за работа од дома секаде каде е тоа можно.

Покрај овие прописи, многу покраини дополнително ја затегнаа завртката на антикорона мерки, соочени со скок на бројките на новозаразени.

Во најбројната според население сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија од денеска важат натамошни ограничувања за невакцинирани. На многу места за слободните активности во сила е правилото 2Г, како што истакна покраинскиот министер за здравство, Карл-Јозеф Лауман, како кина, кафулиња, ресторани и концерти, но и божиќни пазари, фудбалски стадиони и други масовни манифестации.

Во дискотеки, клубови, карневалски славја важи правилото 2Г плус. Вакцинираните и прележани треба дополнително да приложат и актуелен негативен ковид-тест. 

И во Баден Виртемберг на вакцинираните и прележаните им е потребен дополнителен негативен тест за влез во барови и клубови. Освен тоа, во жариштата на пандемија во иднина ноќе невакцинираните можат да го напуштаат домот само поради итна причина, а немаат пристап во најголем дел од продавниците, со исклучок на оние за прехранбени производи.

Баварија, со исклучок на трговијата, насекаде воведе правило 2Г, за многу културни и други институции за слободни активности важи 2Г плус. Невакцинираните смеат да се среќаваат само со мал број други лица. Клубовите и баровите се затвораат, рестораните се отворени само до 22 часот. Божиќните панаѓури се откажани, за културата и спортот важи максимално пополнување на капацитетот од 25 %. Во жариштата на коронавирус со седумдневна инциденца повисока од 1000, клуч на врата мораат да стават гастрономијата, хотелите, спортските и културни објекти. 

2Г правило важи сега и во Рајнланд-Фалц, Долна Саксонија и Саксонија-Анхалт. Бранденбур ова правило го проширува и на трговијата на мало, со исклучок на супермаркетите и останатите продавници за дневни потреби. Божиќните панаѓури се затворени, за невакцинираните важат строги ограничувања на контактите со други лица. Укината е обврската за задолжително присуство на училишна настава во училиштата, а почетокот на божиќниот распуст е поместен за три дена порано.