Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија? | Свет | DW | 27.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Коронавирус: колку е опасна „двојната мутација“ од Индија?

Преку спојот на две мутации, индискиот сој на коронавирус може полесно да му „побегне“ на имунолошкиот систем. И вакцинираните и опоравените на тој начин можат побрзо да се заразат со оваа варијанта.

Индиската варијанта на коронавирусот, Б.1.617 (B.1.617) содржи истовремено две значајни промени на геномот во еден површински протеин: E484Q и L452R. Зад овие криптични бројки се крие фактички соодветната промена на геномот.

Одделни мутации се одамна познати: E484Q наликува на варијантата E484K, која се појавуваше веќе и кај британската, јужноафриканската и бразилската варијанта. А мутацијата L452R се наоѓа и во калифорниската варијанта CAL.20C.

Но, во Индија овие две мутации првпат се присутни заедно, поради што често се нарекуваат и „двојна мутација“.

„Двојната мутација“ не е единствено одговорна за драматичната ситуација

Но, заедничкото појавување на двете мутации не значи и дека оваа варијанта е дупло позаразна или поопасна, тоа допрва треба да се истражи. Досега нема доволно податоци со кои би се извршила подобра проценка на вирусната варијанта.

Сепак, „двојната мутација“ во секој случај е една од причините за катастрофалната состојба на Индискиот супконтинент. Индија бележи преку 17 милиони потврдени инфекции, со што е втора според бројот на заразени во светот по САД, иако можеби сивата бројка е гигантска. Речиси 200.000 луѓе досега починаа во Индија од или во врска со коронавирусот.

Огромниот број на новозаразени со Ковид-19 во рок од 24 часа – последно се 332.000, е една од причините за колапс на ионака заостанатиот здравствен систем на Индија. Федералните и локалните власти предолго недоволно се бореа со пандемијата, многу рано беа олабавени или укинати рестрикциите, се толерираа дури и масовни манифестации.

Indien Kumbh mela in Haridwar

Масовни ритуали наместо придржување кон епидемиолошките правила во Индија

Заобиколување на имунолошкиот систем

Кога нова варијанта на вирусот ќе пронајде пат за да го заобиколи нашиот имунолошки систем, науката тоа го нарекува „Escape-Mutation".

Според Институтот Роберт Кох, овие мутации водат кон „намалена неутрализација преку антитела или Т-клетките.“ Но, решавачки е во колкави размери фактички дејствува редукцијата.

Овие „побегнати мутации“ можат да бидат опасни и за веќе вакцинираните или опоравените лица, зашто и тие веројатно се помалку добро заштитени од инфицирање со овој индиски сој. Дали вакцинираните потоа можат да ја шират заразата, уште е нејасно. 

Сепак, германскиот епидемиолог Карл Лаутербах на Твитер укажува на нова студија за неутрализацијата од Индија, според која постоечките вакцини дејствуваат против новата варијанта Б.1.617.

Гледај видео 02:15

Индија: Новиот бран на коронавирус наликува на цунами

Лаутербах цитира и нова британска студија, според која опасноста од инфекција преку вакцинирањето се намалува за две третини. А кај оној кој ќе се зарази и покрај примената вакцина, веројатноста за тежок тек на болеста се редуцира исто така за две третини. Тоа упатува на претпоставката дека овие пациенти и самите се помалку заразни за околината.

Меѓународни проценки

Без оглед што можеби звучи цинички имајќи ја предвид драматичната ситуација во Индија, досега Светската здравствена организација ја класифицираше индиската варијанта на коронавирусот, Б.1.617 само како „варијанта која се следи“.

Наспроти тоа, британската варијанта Б.1.1.7 е означена како загрижувачка, исто како и јужноафриканската Б.1.351 и бразилската варијанта П.1.

Од аспект на СЗО овие соеви се загрижувачки зашто полесно се распространуваат, текот на болеста е потежок и подолготраен, зашто вирусот може да го заобиколи имунолошкиот систем и ја ограничува ефикасноста на постојните вакцини.

-Повеќе:

Корона-драма во Индија: И армијата на помош

Индија – катастрофа со најава

Колку е опaсен индискиот сој на коронавирусот?

Мора да се признае притоа дека засега има многу малку информации за индиската „двојна мутација“, па СЗО класифицирањето ќе мора да го промени соодветно на приливот на дополнителни податоци.

Германски експерти смируваат

„Од скудната основа на податоци не може да се прочита јасен тренд, но ситуацијата мора да се следи“, вели Рихард Хеер, раководител на истражувачката група Еволуција на вирусите и бактериите во Центарот за биологија на Универзитетот Базел. Генерално, за одделни варијанти со значителни мутации уште се знае премалку. „Од таа причина, не верувам дека сојот Б.1.617 заслужува поголемо внимание од другите вирусни варијанти“, вели Неер.

И раководителот на Одделот за вирологија на белинската клиника Шарите, Кристијан Дростен, уште во март во индискиот сој не гледаше причина за загриженост. За да се опфати најголем дел од вирусните мутации, потребно е сразмерно мала промена во идните генерации на вакцини, мало ажурирање, истакна Дростен во својот НДР-подкаст.

 

Поврзана содржина