„Дали армијата на САД го донесе коронавирусот во Вухан?“: Како Кина шири дезинформации за Ковид-19 | Свет | DW | 16.02.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Дали армијата на САД го донесе коронавирусот во Вухан?“: Како Кина шири дезинформации за Ковид-19

Во деветмесечно истражување кое ги опфаќа речиси сите социјални мрежи во светот на големите јазици, агенцијата Асосиејтед прес открива како Кина измислува конспирации и шири дезинформации за потеклото на коронавирусот.

China Sprecher des Aussenministeriums Zhao

Жао Лијиан, портпарол на кинеското МНР

Беа потребни само три месеци за гласината дека Ковид-19 бил произведен како биолошко оружје да се рашири од маргините на кинескиот интернет и да фати корен во умовите на милиони луѓе.
До март 2020, верувањето дека вирусот е произведен од човек и веројатно искористен како оружје, е широко распространето, покажуваат истражувањата. Во САД, на пример секој трет Американец верува дека новиот коронавирус бил произведен во лабораторија; а секој четврти дека бил произведен намерно. Ваквиот хаос, барем делумно, е резултат на фабрикување.

Моќни сили, од Пекинг до Вашингтон и од Москва до Техеран, се бореа за контрола врз наративот за потеклото на вирусот. Водечки функционери и медиумите блиски до нив во сите четири земји имаа улога на супер-ширители на дезинформации, користејќи ја својата положба за да посеат сомнеж и да ги засилат веќе постојните конспирации, покажуваа деветмесечно истражување на Асосиејтед прес на државно-спонзорираните дезинформации.
Анализата е направена врз база на милиони постови и текстови на социјалните мрежи Твитер, Фејсбук, ВК, Веибо, ВиЧет, ЈуТуб, Телеграм и други платформи.

Како што пандемијата го обзеде светот, Кина- а не Русија- го презема водството во ширењето дезинформации во странство за потеклото на Ковид-19.
Пекинг првично реагираше на повеќенеделната остра реторика од водечките американски републиканци, вклучително и тогашниот претседател Доналд Трамп, кој се обидуваше да го ребрендира Ковид-19 во „Кинески вирус“.
Кинеското министерство за надворешни работи вели дека Пекинг само се обидувал да промовира пријателство и да посочи факти, истовремено бранејќи се од непријателски сили кои се обидувале да ја политизираат пандемијата.
„Соочени со напумпани обвинувања, оправдано е, и исправно да се поништат лагите и да се расчистат гласините со презентирање на фактите“, велат од кинеското МНР.

Глобален експеримент

Само еден ден откако Светската здравствена организација го прогласи Ковид-19 за пандемија, Жао Лијиан, портпарол на кинеското МНР, објави серија твитови кои веројатно се првиот вистински глобален експеримент со отворени дезинформации. 


Кинеските дипломати дури од неодамна се мобилизираа на западните социјални мрежи, удвојувајќи го бројот на своите Фејсбук профили и за трипати зголемувајќи го бројот на Твитер профилите од крајот на 2019 година. Обете платформи се забранети во Кина.
„Од кога потекнува нулта пациентот во САД“, твитна Жао на 12 март. „Колку луѓе се заразени? Кои се имињата на болниците? Можеби армијата на САД ја донесе епидемијата во Вухан. Бидете транспарентни! Објавете ги податоците! САД ни должат објаснување!“

Она што се случи потоа ја покажува моќта на кинеската глобална машина за пораки.
Само на Твитер, агресивната серија на Жао од 11 твита на 12 и 13 март беше цитирана над 99.000 пати во следните шест недели, на најмалку 54 јазици. Профилите кои го споделувале имале околу 275 милиони следбеници на Твитер- бројка во која сигурно влегуваат и лажни и двојни профили.

Помош од Кремљ

Влијателните републиканци на Твитер, вклучително и Доналд Трамп јуниор, го нападнаа Жао, овозможувајќи им на неговите твитови уште поголема публика.
Кинескиот весник Глобал Тајмс и најмалку 30 кинески дипломатски профили, од Франција до Панама, му дојдоа на помош. Министерот за надворешни работи на Венецуела, дописниците на Раша Тудеј во Каракас, како и саудиски профили блиски до кралското семејство, исто така, значително ја зголемија популарноста на твитовите, овозможувајќи им ширење во шпанското и арапското говорно подрачје.

China Wuhan | Coronavirus | WHO Untersuchung | Peter Ben Embarek

Мисијата на СЗО во Вухан

Кина ги искористи руската стратегија за дезинформации и инфраструктура, потпирајќи се врз помагачи од Москва за ширење на пораките.
Во јануари, руските државни медиуми први ја легитимизираа теоријата дека САД го произвеле вирусот како оружје. Кон хорот наскоро се приклучија и руски политичари.

„Се засилуваа едни со други. Колку беше тоа под команда, а колку опортунизам, е тешко да се каже“, вели Јанис Сартс, директор на НАТО Центарот за стратешки комуникации.

И Иран се вклучи. Истиот ден кога Жао твитна дека вирусот потекнува од армијата на САД, иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Хаменеи соопшти дека Ковид-19 можеби е резултат на биолошки напад. Подоцна со таа конспирација ќе го оправдува одбивањето на американска помош за пандемијата.

Десет дена по конспиративните твитови на Жао, во играта се вклучуваат и кинеските државни медиуми.

„Дали американската влада намерно ја заменуваше реалноста на Ковид-19 со грип?“, сугестивно праша во коментар на мандарински кинеското Радио интернационал на 22 март. „Зошто американскиот армиски институт за истражување на инфективни болести во Форт Детрик, Мериленд, најголемата биохемиска тест база, беше затворена во јули 2019?“

За неколку дена, верзија на текстот се појави повеќе од 350 пари во кинеските државни медиуми, повеќето на мандарински, но и низ целиот свет на англиски, француски, италијански, португалски, шпански и арапски.

Конспирации без последици за авторите

Кинеската амбасада во Франција ја промовираше приказната преку Твитер и Фејсбук. Подоцна таа се појави и на речиси сите кинески видео платформи, вклучувајќи го и Јутуб.

„Очигледно, објавувањето вакви конспиративни теории, дезинформации, вообичаено не резултира во никакви последици за нив“, вели Марејке Олберг, постар соработник  во азиската програма на Германскиот маршалов фонд.

Weltspiegel 15.02.2021 | Corona | Simbabwe Harare | Lieferung Impfstoff aus China

Пристигнување на кинески вакцини во Зимбабве, 15.2.2021

Во април, Русија и Иран се повлекоа од конспиративните тврдења за био-оружје во својата пропаганда. Но Кина, продолжи.

Во јануари, откако тим на Светската здравствена организација влезе во Кина за да го открие потеклото на вирусот, портпаролката на кинеското МНР, Хуа Чунјинг ги повика САД да „ја отворат биолошката лабораторија во Форт Детрик и да покажат поголема транспарентност во своите над 200 биолошки лаборатории, и да ги поканат експертите на СЗО да спроведат истрага за потеклото и во САД“.
Нејзините зборови станаа вирални во Кина.

Од кинеското МНР за АП велат дека резолутно се спротивставуваат на ширењето конспиративни теории. „Не сме го сториле тоа порано и нема да го правиме во иднина“, соопшти министерството.
„Лажните информации се заеднички непријател на човештвото, и Кина секогаш се спротивставувала на создавањето и ширењето на лажни информации“.

Ковид-19: Изолацијата на Пекинг функционира?

DW.COM