Коронавирус: Зошто стапките на смртност се толку различни? | Свет | DW | 27.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Коронавирус: Зошто стапките на смртност се толку различни?

Многумина од нас веројатно секојдневно го следат бројот на новоинфицирани со коронавирус и бројот на починати. Кај стапките на смртност има големи разлики помеѓу различни земји. Зошто е тоа така?

Coronavirus in Italien Särge vor Krematorium von Piacenza (picture-alliance/dpa/AP/LaPresse/C. Furlan)

Стапката на смртност е висока особено во Италија

Бројот на починати од коронавирусот во Германија е низок во однос на бројот на докажани случаи на инфицирани лица. Оваа стапка на смртност во Италија, споредено со Германија, е се’ уште екстремно висока. Во Германија таа изнесува 0,4%. Според податоци на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, стапката на смртност во Италија на почетокот на неделава (24 март 2020) била 20 пати повисока.

Infografik Coronavirus Todesfäller pro einer Million Einwohner DE

Смртни случаи на еден милион жители (извори: Универзитет Џон Хопкинс; Светска банка, одделни земји)

Причина за оваа дискрепанција, според Светската здравствена организација, се различните услови, старосната структура, медицинските можности и, не како последно, бројот на направени тестови. Зашто, дали инфицираните ќе бидат откриени и ќе влезат во статистиката е нешто што има значително влијание врз објавените бројки. Во некои земји тест се спроведува дури и кај починатите, што исто така влијае врз бројките. Притоа улога играат следните фактори:

Кој се тестира?

Во Италија просечната старост на докажано инфицираните лица е 63 години, објави на Твитер демоскопот Андреас Бакхаус од германскиот Институт за истражување на населението. Во Германија просечната старост, според Бакхаус, изнесува само 45 години.

Тоа веројатно се должи на фактот што во Италија на тестирање одат многу помалку млади луѓе, кои имаат поблаги симптоми на болеста, отколку што тоа се прави во Германија. Соодветно на тоа, тие и не влегуваат во статистиките. Тоа, пак, ја зголемува стапката на смртност, затоа што е видлив само врвот на ледениот брег, односно тешко болните.

Освен тоа, во Италија веројатно не само што „темните“ односно непознатите бројки на инфицирани лица се многу повисоки, туку се тоа и „темните“ бројки на смртни случаи, напиша весникот Кориере дела Сера.

Јужна Кореја е спротивен пример. Таму властите имаат тестирано многу повеќе случаи на Ковид-19 отколку во повеќето други земји. Стапката на смртност во Јужна Кореја е исклучително ниска.

Старосна структура

Улога би можела да игра и просечната старост на населението. Постарите луѓе се особено загрозени од инфекција со корона. Тие честопати имаат и други болести. Вирусот кај нив има полесна работа отколку кај здравите лица, кои се освен тоа и помлади. Одбранбените сили попуштаат со текот на годините. Имунолошкиот систем веќе не функционира толку добро како на помлади години. Постарите луѓе, кога станува збор за инфективни болести, припаѓаат на ризичната група.

Гледај видео 00:57

Инфекција со коронавирус: Како се одвива тоа?

Но, тоа сепак не е објаснување за големите разлики помеѓу Германија и Италија, зашто старосната структура е многу слична. Во 2018 година просечната старост во Германија изнесуваше 46 години, додека во Италија 46,3 години.

Овој фактор би можел да игра поголема улога во земјите од Супсахарска Африка, во кои просечната старост на населението е многу пониска. Тоа, на пример, се однесува на Мали, Чад и Демократска Република Конго, каде луѓето имата просечна старост од 16 години.

Повеќе: 

САД ја надминаа Кина: Најголем број инфицирани од коронавирусот

Лондон се подготвува за „цунами“ од Ковид-19 пациенти

Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?

Време на избивање на епидемијата

Текот на епидемијата би можел да биде едно од објаснувањата за различните стапки на смртност. Во земји кои се многу повеќе погодени од корона отколку што е тоа Германија, на пример Италија или Шпанија, епидемијата изби многу порано.

Гледај видео 01:17

Како да разговарате со децата за коронавирусот?

И, со оглед на тоа што од моментот на инфекција до моментот на смрт на пациентот минува извесно време, стапката на смртност на крајот на епидемијата веројатно ќе се зголеми.

Некои научници сметаат дека врвот на епидемијата во Германија се’ уште не е достигнат. Тоа може да доведе до повисок број на починати лица.

Медицинско згрижување

Најважно, меѓутоа, е прашањето како здравствениот систем на една земја е подготвен за епидемијата и дали ќе се успее во одржување на поблага крива на ширење на епидемијата.

Бројот на смртни случаи се намалува пред се’ со ставање на тешко болните пациенти на респиратори. Оттука, од одлучувачко значење е дали има доволно кревети на одделите за интензивна нега за да може на сите тешко болни пациенти да им се пружи најдобра можна нега.

Ако здравстевните системи се преоптоварени од голем пораст на пациенти, тешко ќе може да се избегне смрт на пациентите кои не добиле соодветна медицинска нега.

Кога станува збор за креветите за интензивна нега, помеѓу Италија и Германија има огромни разлики. Во Италија живеат околу 60 милиони луѓе. За нив на почетокот на епидемијата на располагање имаше околу 5.000 кревети за интензивна нега. Германија со околу 80 милиони жители има околу 28.000 кревети за интензивна нега. И, овој број би требало да се зголеми двојно во најкраток можен рок.

Во светски рамки бројот на кревети за интензивна нега е многу различно распореден На 100.000 жители во Германија има 29, во САД - 34, во Италија - 12 и во Шпанија само 10 кревети.

Притоа, треба да се каже дека Јужна Кореја, која со масовно тестирање и мерки на изолација многу ефикасно се справи со вирусот, има само 10,6 кревети за интензивна нега на 100.000 жители. Тоа е резултат на тоа што со стриктни карантински мерки уште на почеток се успеа во ублажување на кривата на текот на инфекцијата. Таму досега се’ уште има нешто под 10.000 инфицирани лица. За споредба: во Италија бројот на инфицирани е осум пати повисок, а во Шпанија шест пати.

Се’ додека трае пандемијата ќе има големи разлики во бројот на инфицирани и починати од земја од земја и од континент до континент. Дури откако бранот на инфекции ќе се намали, ќе биде можно да се генерираат до извесен степен доверливи бројки и статистики.

Поврзана содржина

Реклама