Коронавирус: Зошто се најтешко погодени регионите кои гласаат за екстремната десница? | Информации и анализи за Германија | DW | 11.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Коронавирус: Зошто се најтешко погодени регионите кои гласаат за екстремната десница?

Во екот на вториот бран на коронавирусот во Германија, една необична шема станува се' повидлива: Многу од најтешко погодените региони се оние каде што има најсилна поддршка за радикалната десница. Случајност?

Сметана за успешна приказна за време на првиот бран на коронавирусот, Германија сега има проблем да го стави под контрола вториот бран додека бројот на новозаразени на дневна основа постојано урива рекорди и ја надминува бројката од 20.000.

Состојбата е толку сериозна што и канцеларката Ангела Меркел во средата апелираше до пратениците во Бундестагот да се согласат на построги мерки.

Но, ситуацијата е особено лоша во повеќето поранешни источно-германски покраини, кои лесно го минаа првиот бран.

„Зачудувачки е што најтешко погодените региони се оние каде Алтернативата за Германија (АфД) имаше најголема поддршка на изборите во 2017“, вели Марко Вандервиц, владин комесар за поранешна Источна Германија.

Вандервиц и самиот потекнува од Саксонија, каде е забележана најголема инциденца во целата земја-  319 новозаразени на 100.000 жители, далеку над просекот од 114 на државно ниво. Антиимигрантската и ксенофобна партија АфД, која жестоко ги критикува владините ограничувачки мерки против пандемијата, во Саксонија пред три години освои 27 проценти од гласовите. 

-повеќе на темата: Кој и зошто гласа за деснопопулистичката АфД во Германија?

Истраживачи од Институтот за демократија и цивилно општество во Јена изработи студија за „силната и многу значајна статистичка врска“ меѓу поддршката за АфД и интензитетот на пандемијата, соопшти неговиот директор Матијас Квент на Твитер. Сепак „можно е да постојат фактори кои ја објаснуваат високата поддршка за АфД независно од високата инциденца“, дополни тој. Стапката на постари лица и поголеми семејства, прекуграничната комуникација и организацијата на здравствениот систем, би можеле да имаат влијание на развојот на пандемијата.

Во градовите Герлиц и Бауцен во Саксонија, каде радикалната десница го привлекува секој четврти гласач, инциденцата е околу 500. Во истовреме во Лајпциг, каде Зелените имаат предност пред десницата, стапката на инфекција е околу 140. 

Логична врска

Во Саксонија е голема скепсата во однос на вирусот и на мерките кои се преземаат, и кон неа придонесуваат дури и медицинските работници и стопанствениците.

Гледај видео 02:00

#dw_BalkanBooster: Теории на заговор


Но Саксонија не е единствениот регион каде се забележува ваква пракса. Округот Реген во Баварија, на пример, ја има најголемата инциденца во Германија - 579. Пред три години, токму таму АфД ја доби најголемата поддршка во оваа покраина.
Слично е и во Гелзенкирхен, упориште на АфД во Северна Рајна Вестфалија, каде стапката на новозаразени е трипати повисока од соседниот град Минстер. 

-повеќе на темата: Врвен германски виролог ги побива теориите на заговор за короната

АфД е единствената политика партија во Германија која отворено изразува сомнеж во постоењето на вирусот, и кон мерките кои се преземаат против пандемијата. Пратениците на АфД се спротивставуваа и на носење маски во Бундестагот, нарекувајќи ги „бурки за сите“. Над 56 отсто од гласачите на АфД сметаат дека ограничувањата се претерани. Партијата е поврзана и со движењето „Странични мислители“, група која околу себе ги собира луѓето кои протестираат против рестриктивните мерки.

„Врската меѓу конспиративните теории и радикално десничарската сцена е за жал логична, затоа што тие споделуваат многу теории“, вели Миро Дитрих, истражувач во Фондацијата Амадеу Антонио за борба против расизмот и екстремизмот.

„И едните и другите веруваат дека мала елита тајно ги контролира настаните на штета на ’Германците’“, вели тој.

DW.COM

Поврзана содржина