Коронавирус: Да не ја потиснуваме смртта | Панорама | DW | 16.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Коронавирус: Да не ја потиснуваме смртта

Кога се занимаваме со фрагилноста на егзистенцијата, не можеме да го заобиколиме прашањето за „смислата” за животот. На тој начин може да најдеме сила и отпорност, смета Александра Шерле.

Кога прв пат ми стана јасно дека секој од нас во било кој момент може да дојде лице в лице со смртта, имав седум години. Звуците кои продираа од надвор прво не личеа ни најмалку опасни: можеа да бидат и комшивките кои посебно силно ги тресат теписите на металниот држач во нашиот блок. Но, беа истрели. Кон крајот на декември 1989 мојот роден град Херманштад беше еден од романските градови во кои и по егзекуцијата на диктаторот Чаушеску имаше пукотници. 

Мајка ми со љубов и истовремено многу сериозно ми објасни зошто во никој случај не смее да се приближувам до прозорците и јас веднаш сфатив дека ова не е детска игра.

Дали помислата на смртта нѐ прави депресивни?

Колку е фрагилен животот сфатив и како тинејџер кога поради тешка болест лежев во одделот за интензивна нега. Да се потисне помислата за смртта само затоа што човек е многу млад ми се чинеше исто толку наивно колку и да веруваш на 15- годишна возраст во Дедо Мраз и неговите ирваси. Но, што тоа значи ако смртта си ја носите во мислите? Не ги прави ли таквата перспектива на животот луѓето депресивни? Напротив!

Фрагилноста на животот е тесно поврзана со неговата убавина. Токму свеста за тоа колку брзо сѐ може да помине нѐ спречува низ животот да „тапкам"’ без размислување и како да ни е сѐедно. 

Тоа ни покажува дека секој ден може да биде подарок, нов почеток и авантура. Поими како „да убијам време” ме разбеснуваат: нашето време е толку кратко и скапоцено, зошто намерно да го „убивам”? Всушност е сосем спротивно, секако ќе дојде тој момент кога времето „ќе нѐ убие” нас, но суштината е во тоа што ние правиме пред да ни чукне часот.

Виктор Франкл и прашањето за индивидуалната смисла

Кој не ја потиснува мислата за крајот, не може да не се соочи со прашањето за смислата на своето постоење. Многу нешта може да му дадат на животот смисла, на пример љубовта кон партнерот, децата, семејството, професијата и општествената задача, верата, научно или уметничко дело... Психијатарот Виктор Франкл кој го преживеал холокаустот го поставува прашањето за смислата во фокусот на неговите книги и неговата повеќедецениска работа со пациенти. Смислата мора секој да си ја најде за себе, сосем индивидуално, пишува Франкл. Да се појде од една единствена, универзална смисла за сите е како да се бара еден единствен перфектен потег во шахот. Но, клучно е таквата смисла да се врзе на нешто што е надвор од конкретниот човек. 

Deutschland | Autoren-Foto | Dana Alexandra Scherle

Дана Александра Шерле, автор на текстот

Особено во време на пандемија не треба да ја потиснуваме помислата на смртта. 

Секако дека составен дел од тоа е и да се носат маски, да се почитуваат правилата за дистанца и хигиена и да не се отежнува дополнително со игнорантно однесување и претеран страв од вакцини работата на медицинскиот персонал, кој насекаде во светот се бори за животот на пациентите, исто како и брат ми и нашиот татко, кој и за време на револуцијата во декември 1989 третираше повредени, дури и кога се пукаше врз болницата. 

Клишеата за позитивни мисли” не помагаат

Истовремено помага, особено во тешки времиња, акопомислата на смртта уште повеќе ни го наметне непосредно и јасно прашањето за смислата на животот. Кога ќе ни стане јасно дека имаме едно „зошто”, една причина за живот, гледаме дека таму се крие нашата сила и отпорност. Мудрости од типот „мисли позитивно” и „во секоја криза се крие шанса” никогаш не ми помагале. Кога мажот ми пред година и половина беше многу болен, ме нервираше кога луѓе весело ми раскажуваа едноставно „да мислам позитивно” и дека сѐ ќе се среди. Не, болест не може да се еуфемизира. А, пандемија пак уште помалку.

Мртвите не се бројки, тие се незаменливи луѓе

Мртвите од Ковид-19 не се бројки и статистика. Тие се уникатни и незаменливи луѓе, секој од нив цел свет од мисли, чувства и соништа. Да не ја потиснуваме смртта, туку да зборуваме за оние кои си заминаа од нас. 

Да им покажеме на нашите сакани кои се живи, колку ни значат. И да, ние можеме да им дадеме храброст и верба дури и ако сме географски многу оддалечени. Самотијата е пред сѐ недостиг на вистинска емоционална поврзаност, но таа постои и во фази на просторна разделеност и може и во време на локдаун да биде одржана со телефонати и видео јавувања.

Да ги оставиме празните пароли на страна, за да може отворено да зборуваме за нашите стравови вклучително и смртта. За фрагилноста и убавината на животот, која понекогаш е мрачна. Но, никогаш бесмислена.

 

Реклама