Коронавирус: Германија бара формула за олеснување на рестрикциите | Информации и анализи за Германија | DW | 15.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Коронавирус: Германија бара формула за олеснување на рестрикциите

По продолжениот локдаун сѐ погласни се барањата за фазни планови кои ќе се ориентираат на регионалните инциденции. Покраината Шлезвиг Холштајн предничи со таков план.

Планот кој на Германија во корона пандемијата конечно треба да ѝ обезбеди перспектива, има 9 страници, четири пасуса, 23 реда и 92 коцкички во сива, жолта и бела боја.

Општеството го дели во различни животни сфери како училишта, гастрономија и култура, а состојбата со инфекциите во инциденции над 100, под 100, под 50 и под 35. 

Ако инциденцијата е над 100 или меѓу 100 и 50, гастрономските објекти мора да останат затворени, тогаш е можна само достава. Ако инциденцијата падне под 50, рестораните може да отворат со преполовен број посетители и јасен концепт за хигиената. Ако три недели остане под новата референца што важи на сојузно ниво, имено инциденцијата 35, тогаш ќе биде укинат и полицискиот час. 

За критичарите тоа е предлог кој нема допирна точка со реалноста и кој при појава на мутации побрзо ќе биде вратен во фиока отколку што беше изваден. За приврзаниците планот е обврзувачки, промена на стратегијата и пред сѐ итно потребен мотивациски поттик за населението заморено од корона мерките. Освен тоа станува збор за етаблиран модел кој со години се користи во справувањето со заразни болести. 

Позитивни реакции во Шлезвиг Холштајн

Дирк Шредтер е креатор на фазниот план за покраината Шлезвиг Холштајн, кој веќе доби зелено светло од тамошниот парламент. Шефот на кабинетот на покраинскиот премиер со недели ја анализирал табелата, изминатите месеци заспивал со криви на зараза, мерки за олабавување и затворање и се будел со повици од виролози, педијатри и економисти.

Повеќе на темата:

Локдаун до недоглед: Како да се мотивираат изморените Германци?

Ковид карантинот во Германија продолжен до 7 март

„Кога го претставувавме фазниот план во покраинава реакциите беа неверојатно позитивни. Луѓето викаа супер што имаме план и јасно е на каде тераме”, изјави политичарот од редовите на ЦДУ. „Чисто психолошки тоа е огромна предност, јас мислам да се преземаат мерки на 14 дена не е многу од корист”. 

Добар пример за целата држава 

Кога Шредтер го избрал предметот статистика на економскиот факултет во Потсдам, не ни сонувал дека 20 години подицна ќе му биде толку корисна. 42-годишниот со часови може да се занимава со крива која зема невообичаен тек, сѐ додека не открие на што се должи тоа. Дирк Шредтер за себе вели дека од секогаш имал афинитет за бројки и можеби токму затоа бил вистинскиот човек за да развие фазен модел за околу три милиони жители на најсеверната германска покраина. 

„Мислам дека со фазниот план разработивме добар пример за целата сојузна држава како може со помош на строги критериуми регионално различно да се постапува. Во тоа е и шармот на работата”, вели шефот на кабинетот на покраинскиот премиер од Шлезвиг Холштајн.

Шлезвиг Холштајн попушта, Хамбург негодува

Поради тоа што инциденцијата во Шлезвиг Холштајн во моментов е 61,4 оваа покраина од 22 февруари ги отвора градинките и училиштата, а од први март и зоолошките градини, тематски паркови, хортикултурни центри и цвеќари – токму како што е предвидено во фазниот план. Но, она што во Шлезвиг Холштајн предизвикува олеснување, е причина за негодување кај критичарите во соседната покраина Хамбург. Вториот градоначалник на градот Хамбург, Катарина Фегебанк од Зелените, ги критикува олабавувањата на мерките и предупредува дека различен пристап на покраините може „повторно да доведе до еден вид какафонија од олеснувачки мерки.“ Шредтер одговара дека Хамбург бил запознаен со одлуката на Шлезвиг – Холштајн.

Гледај видео 02:20

Германските институти за јавно здравје пукаат по шавови

Повторно крпеници – дел од покраините за фазен план, дел против

Фазен план за цела Германија би бил успешен само кога би го вовеле сите покраини и што е можно повеќе меѓусебно усогласен. Но, веќе станува очигледно дека повторно ќе има „крпеници”.

Повеќе на темата:

Принуден карантин: 12 квадратни метри за прекршители на Ковид-мерките

Корона: Расте критиката за кризниот менаџмент на германската влада

Покрај предводникот Шлезвиг – Холштајн, до сега фазен план имаат изготвено само Долна Саксонија и Тирингија. Најнаселените покраини Северна Рајна Вестфалија и Баварија категорично исклучуваат примена на ваков модел и сакаат и понатаму да „возат на сигурно“.

Следниот корона-самит на почетокот на март

Шредтер се уште се надева на единствен модел на национално ниво и смета на тоа дека и останатите покраини може да го следат нивниот пример до следната средба на канцеларката и покраинските премиери закажана за 3 март. Истовремено е свесен дека фазниот план на Шлезвиг Холштајн постојано мора да се прилагодува поради можните мутации, актуелниот број на вакцинирани и степенот на пополнети места на одделенијата за интензивна нега по болниците.

„Ние сме во пандемија и секој ден учиме по нешто ново. Кога ќе се појават нови сознанија се разбира моделот мора да се адаптира,“ вели Дирк Шредтер. „Но фазниот план, или чекор по чекор, и сега веќе дава одлични резултати. Бидејќи за првпат гледаме подалеку од следната конференција и даваме перспектива.“

Владиниот портпарол Штефан Зајберт во Берлин изјави дека е можно повторно отворање на продавниците во покраините и пред 7 март ако бројот на заразени долгорочно е под инциденцијата од 35. За тоа да се случи бројот на заразени треба да биде најмалку три до пет дена под оваа референтна вредност. Оттука се чини дека и владата не го отфрла целосно моделот на фазен план или „чекор по чекор“.