Заев и Филипче најавуваат вакцини во најскоро време | Северна Македонија | DW | 22.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев и Филипче најавуваат вакцини во најскоро време

Анализите во лаборатијата на МАНУ покажале дека во земјата нема присутни нови мутации на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека вакцини ќе се набават со интервентен увоз на лекови.

Според анализите на лабораторијата на МАНУ, опасната британска мутација на коронавирусот не е забележана во Северна Македонија, уверуваат надлежните. „Овој вирус што е тука е присутен од пред неколку месеци“, вели министерот за здравство Венко Филипче. Новиот вид на коронавирусот кој многу брзо ги премина речиси сите европски граници, предизвикувајќи нов страв, затворање на границите и откажување на летовите, предизвика зголемување на бројот за заболени од Ковид-19 во светот. Надлежните уверуваат дека вакцините против Ковид-19 ќе бидат ефикасни и против мутациитe. 

Но, да не се олабавуваме

„Никаква мутација што го прави вирусот позаразен не е присутна кај нас“, тврди министерот за здравство Филипче. Но, според него, непостоењето на мутација не е причина за олабавување на мерките за заштита.

-повеќе на темата: Коронавирус: Мнозинството смета дека владата не се справува добро со пандемијата, но не би се вакцинирале

„Треба да бидеме внимателни и покрај падот на бројките. И понатаму сме со резерва, а не треба да се заборави дека сега почна и второто полугодие во училиштата“, изјави Филипче на промоцијата на донација на  амбулантни возила од Општина Чаир за Здравствен дом Скопје.

Одбиена понудата на Брнабиќ

Еден ден откако српската премиерка Ана Брнабиќ испрати понуда од Белград македонските лекари да се вакцинираат во Србија, додека да се надминат проблемите со регистрацијата на вакцините, Филипче се заблагодари, но ја одби понудата. Тој вели дека здравствени работници, како и другите граѓани, ќе се вакцинираат во С.Македонија. 

-повеќе на темата: Катастрофален морален неуспех: Само 25 ковид-вакцини за сиромашните земји

Според него, не постојат пречки вакцините да стигнат во земјата. Што се однесува до договорот кој Северна Македонија го направи со Република Србија, од каде треба да пристигнат 8.000 вакцини, се чека Србија да добие дозвола од ‘Фајзер“ за извозот на вакцините. И вакцините од Србија ќе бидат со интервентен увоз. 
„Не може да има регистрација во ниту една од земјите, затоа што продуктите се нови. Тоа не може да се очекува, ниту пак има потреба,  бидејќи документите што се даваат за интервентен увоз се сосема доволни. Со тоа се обезбедуваме дека целата постапка на правење на вакцината, контролите во матичните земји каде се направени, контролите од меѓународните лаборатории, сертификатите за квалитет, со сето тоа се осигуруваме за квалитетот“, изјави министерот.

Интервентен увоз

Тој повтори дека се во постојана комуникација со претставништвото на „Фајзер“ во Белград и со седиштето на компанијата во Њујорк за да се добијат потребните документи. „Интервентниот увоз на лекови не е никаква новина и години наназад постапката се користела за увоз на вакцини и други препарати“, појасни министерот за здравство. Што се однесува до изментите на Законот за лекови, во него ќе се интервенира од причина што глобална политика на производителот на вакцини Фајзер со кој земјата има договор, бара да аплицира како меѓународно претставништво, а не преку фирма регистрирана во нашата држава.

-повеќе на темата: Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

Измената во Законот за лекови доаѓа после специфичното барање на компанијата ‘Фајзер’, која ја донесоа на глобално ниво, а тоа е за конкретниот продукт - вакцината против Ковид-19, да немаат обврска да прават никакви договори со локални компании, туку самите да аплицираат, во секоја од државите како претставништво од надвор, од странство за да направат регистрација на продуктот. Фајзер“ е вакцина која е регистрирана во двете најголеми регулаторни тела: американската ФДА и европската ЕМА.

-повеќе на темата: „Швајцарска мутација“ на Ковид-19 пристигна и во Северна Македонија

Филипче вели дека сите вакцини се евалуираат, но дека сепак предност и се дава на европската мрежа на лаборатории и нивните вакцини. „ Сметам дека сосема добро ќе ја спроведеме вакцинацијата“, дециден е министерот за здравство. 

Премиерот Зоран Заев, во интервју за емисијата „Трилинг“, најави дека очекува првата транша од вакцините на „Фајзер“, кои на земјата и ги подели соседна Србија, да пристигнат во најскоро време. Во февруари, рече Заев, се очекува да биде познато кога ќе пристигнат и вакцините преку КОВАКС системот. 

Реклама