Коронавирусот ја отежнува битката против ХИВ/СИДА во светот | Свет | DW | 01.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Коронавирусот ја отежнува битката против ХИВ/СИДА во светот

Стапката на зараза со ХИВ во Африка опаѓаше со години. Но годинава, поради пандемијата на Ковид-19, на Светскиот ден на борбата против Сидата, состојбата не е добра.

Работата на Џилберт Тене не му беше едноставна ни пред короната, а сега на овој лекар од Камерун му е уште потешко. „Луѓето повеќе не сакаат да доаѓаат во болница“, вели тој во разговор за ДВ. Повеќе од половина од инфицираните од ХИВ кои се под терапија, поради страв од коронавирусот не доаѓаат на редовни контроли.
„Не можеме да им препишуваме лекови и да ги советуваме како да се заштитат“, вели Тене.
Лицата заразени со ХИВ можат да живеат со децении со редовно користење на лекови, а притоа да не добијат СИДА (AIDS). Но, без лекови, се закануваат фатални последици. Колешката на Тене од Јужноафриканската република, Золелва Сифумба, тоа го гледа секој ден.
„Многу луѓе повеќе не доаѓаат на контрола. А кога ќе дојдат веќе е предоцна- и умираат“, вели Сифумба. 

-повеќе на темата: Зошто многумина прават ХИВ-тест доцна?

Веќе се сметаше дека состојбата во источна и југоисточна Африка се подобрува и е под контрола. Овој регион долго важеше за глобален епицентар на заразата со ХИВ. Целта на ОН беше Сида-та да биде искоренета до 2030 година. „Епидемијата на коронавирусот се повеќе не оддалечува од таа цел“, вели Вини Бијањима, директорка на УНАИДС.
Колку далеку од целта?
Експертите пресметале дека поради пандемијата на коронавирусот на глобално ниво, дополнително со ХИВ би можеле да се заразат 290 илјади луѓе, а повеќе од 148 илјади да починат како резултат на инфекцијата со ХИВ.
Притоа, стравот од одење на лекар не е единствената причина.
„Податоците покажуваат дека е зголемено насилството над жените и девојчињата додека училиштата беа затворени. Сексуалното насилство е најважната причина поради која доаѓа до нови инфекции, особено во Африка“, вели Бјањима.

Проблемот расте и во источна Европа

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести и на европската канцеларија на СЗО, во 2019 на европскиот континент биле регистрирани повеќе од 136 илјади случаи на ХИВ, од кои 80 отсто во источниот дел на континентот. Во извештајот не биле вклучени податоци од неколку земји, вклучително и од Северна Македонија. Особено проблематично е што околу половината од новооткриените случаи биле пријавени во доцната фаза на инфекцијата „кога имунолошкиот систем веќе ослабува“. Во регионот на источна Европа во последната деценија бројот на нови случаи на зараза со ХИВ е зголемен за 19 проценти, а се смета дека има голем број на неоткриени случаи. Во Западна Европа, во истиот период, бројот на новозаразени е опаднат за 9 проценти.
Различен е и начинот на пренесување на заразата. Додека во Западна Европа најчеста причина за пренесувањето е сексуалниот однос меѓу мажи, во источна Европа ХИВ се пренесува преку хетеросексуални односи и интравенозно користење дрога.

Гледај видео 01:49

Тестирај се за ХИВ!

DW.COM

Реклама