Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор! | Северна Македонија | DW | 22.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

Не знам како ќе ја надминеме кризата со коронавирусот доколку престанеме да влегуваме во НАТО и да добиваме датум за почеток на преговори со ЕУ барем по еднаш неделно? Потребен ни е медијатор, пишува Борис Георгиевски.

По толку години мака и напорна работа конечно дојде и тој момент: Го спасуваме човештвото, ја обезбедуваме иднината наша и на нашите поколенија- со седење дома. Јади, пиј, спиј, што и да правиш- седи си дома и слушај го Филипче. За доброто на сите.

Издржавме пет века турско, 40 години социјализам, 30 години транзиција, толку ли е тешко да се издржи некој ден, недела, ајде да не баксузирам, ама и месец изолација? И тоа дома. Никој не мора да седи врзан за радијатор. Барем засега.
Ова се ѕвездените мигови на Македонецот- ем со препорака седи дома и ништо не работи, ем на секои два-три дена слави успеси. 

И затоа редно е малку повеќе да гледаме и на добрата страна на работите. Еве на пример, пресметајте колку пати во последниов месец влеговме во НАТО, и уште колку пати ќе влеземе во екот на коронакризата. Само во последнава недела, прво станавме дел од Алијансата откако Шпанија го ратификуваше протоколот. После неколку часа влеговме повторно откако кралот Фелипе го потпиша указот.

Инструментот

Па документот патуваше до Вашингтон, таму го примија во Стејт Департментот и оп, повторно станавме членки на НАТО. Во петокот претседателот Пендаровски го потпиша инструментот за пристапување- уште една причина за прослава. Сега „инструментот“; сешто научивме додека влегуваме во НАТО па и дека се потпишува инструмент; нејсе инструментот сега со ДХЛ ќе патува повторно до Вашингтон. Е тогаш, најверојатно кон средината на следната недела, па ептен ќе станеме членка на НАТО. 
Со оглед дека во ова време-невреме, кога сите залепени пред телевизор, фејсбук, твитер, што и да е, нервозно исчекуваат нови вести, овој последен момент можеше да се искористи и за малку релаксација на нацијата. На пример, од Кабинетот на Пендаровски или од МНР да ни го поделат и кодот за следење на пакетот на ДХЛ со „инструментот“. Па сите заедно да следиме до каде ни е членството во НАТО и барем за момент да ги отргнеме мислите од коронава. Знаете, тие таканаречени „трекинг кодови“ ви даваат можност до милиметар да го следите движењето на пакетот. Ги замислувам насловите: „Верче од Пошта 2 го спакува инструментот- го нема директорот од ДУИ да потпише“; „Пакетот предаден во комбето на ДХЛ, ВМРО-ДПМНЕ бара оставки затоа што возачот бил пријател на балдската на втора братучедка на комшијата на Вице Заев"; „Членството во НАТО ја прелета Словенија- нивната контрола на лет ништо не забележа"; „Влезот во Алијансата над Големата бара- Пендаровски апелира до Исланд: згаснете ги гејзерите!“; „Инструментот ни заглави на крстосницата околу Белата куќа- Димитров и Рикер бараат чаре", „Од СДСМ во живо: Не се секирајте ако треба пак ќе влеземе и следната недела", и сл.
Убавината е во тоа што, дури и кога конечно ептен-ептен најсериозно, „сега стварно“ ќе влеземе во НАТО, ќе започнеме да преговаравме со ЕУ. Ехееееј! Па ние ќе го загубиме фокусот во битката со коронавирусот! Да не ви кажувам колку „инструменти“ има ЕУ. Па тоа е милина една, ем за потпишување, ем за испраќање по пошта.

Сите знаеме дека преговорите ќе траат со години. Ама најдоброто е што никој не знае уште колку пати ќе добиваме датум за почеток на преговорите.

Датум по датум

Еве во четвртокот, рано наутро, според Бујар Османи добивме датум за почеток на преговори со ЕУ. Готово, историска одлука, ЕУ нема каде да бега. Еден час подоцна, Никола Димитров не извести дека уште не сме добиле, ама кај и да е ќе биде. Два часа подоцна се откажа самитот на лидерите на ЕУ, ама доцна, бидејќи ние веќе добивме датум.
Тие од ЕУ немаат толку датуми колку што ние можеме да им ги добиваме. Од 2006 година само добиваме датум, па после чекаме пак да го добиеме. Двапати и го добивме, по еднаш во 2018 и 2019, и малку би било нефер од ЕУ доколку сега дибидус го добиеме бидејќи не знам што ќе правиме среде коронакриза ако не продолжиме да го добиваме барем еднаш неделно. Не е фер ни за Заев. Граѓаните ги научија на памет сите препораки за седење дома и миење раце кои ги постира на Фејсбук, и ако престанеме да влегуваме во НАТО и да добиваме датум за почеток на преговори со ЕУ, стварно не знам што ќе постира човекот.
Замислете да почнеме да преговараме баш сега во ова време-невреме. Тоа значи сериозна работа. А ние имаме доволно за преговарање и дома. Кој ќе се расправа сега и со бирократите од Брисел?!
На пример, секој ден преговараме со ВМРО-ДПМНЕ да ги стават на располагање „нивните“ лекари во битката со коронавирусот. Тие ги нудат, на здравството му требаат, на граѓаните им требаат, ама пустото нема кој да ги повика. Си седат во партиската палата и стримаат тркалезни маси за тоа што треба владата и министерот за здравство да направат. Кога ќе запнат со идеи, ете ги Мицкоски, Милошоски и Николоски со нова надеж и план како да се реши проблемот: „Ви рековме!; Од кога викавме дека вака ќе биде!; За ништо не ве бива!; Од 1903 бараме да се затворат границите!" Еве Мицкоски почна и писма да пишува.  

Вистински човек за полициски час
Толку тешко одат тие преговори што Николоски ги префрли и на ниво на светската организација. Залудно Обединетите нации тврдат дека не постои анализа за тоа какви мерки презела владата, кога Николоски знае дека Обединетите нации тврдат дека мерките на владата не се добри.
И логично е што Николоски ги вмеша ОН во проблемот. Не се само лекарите на ВМРО-ДПМНЕ за кои треба да се преговара. Еве од завчера се и економските експерти, утре ќе бидат и полицајците, војниците, па ќе дојде на ред и администрацијата...
И зато сега е вистинско време ОН да ни испратат медијатор. Ама не Метју Нимиц. Не, не. Нам ни треба некој кој одблиску го познава проблемот и знае и како да се насочат парите, и здравството да се дигне на нозе, а ако треба и вакцина набрзина да се најде.
Доктор Никола Груевски!

Слушам човекот имал прекрасни предлози деновиве на Фејсбук. Не го читав, ама се збори. Шетајќи низ испразнетиот центар на Скопје деновиве, сфатив колку се ќе беше поинаку да ги немаше сите оние споменици, велелепни згради и фасасди, што ни ги насади на и околу плоштадот. Па што ако потроши 600 милиони евра?! Во вакви моменти сфаќате колку паметен потег беше тоа. Имало ли коронавирус во антиката? Е па немало. Мислите дека ако ги инвестираше во болници денеска подобро ќе беше? Да го оставевме да си ја направи цела држава антика, сега гајле ќе немавме.
И затоа велам, да му дадеме шанса на човекот, бидејќи греота е ваков кадар да оставиме да чмае по белиот свет. Ем ќе им се намалат патните трошоци за консултации на Мицкоски, Николоски и Милошоски, ем тие пари можат да се искористат во кризава. Ич да не е, сијалици во Белата палата ќе сменат- та не е еден кат во зградана. А фала богу распуштено е и Собранието, па нема што да се секираме. Ќе дојде, ќе не помири, ќе прошета по Инфективна, ќе утврди дека коронавирус нема и, до 26 април ќе го пратиме назад во Пешта, да не му текне да слави некоја годишнина следниот ден. И ќеф ќе му направиме со вонреднава состојба и со полицискиов час... од кога му беше мерак.
А ние после ќе си измиеме раце и за друго ќе си преговараме. Оти сега е најважно да ја надминеме кризата со коронавирусот.

Гледај видео 01:14

Посебно важно поради коронавирусот: Како правилно се мијат рацете!

DW.COM

Реклама