Коронавирусот галопира: 14 починати и 870 новозаразени | Северна Македонија | DW | 28.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Коронавирусот галопира: 14 починати и 870 новозаразени

Бројката на новозаразени од Ковид-19 во Северна Македонија опасно се приближува до бројката од илјада дневно. Денешниот нов рекорд во црниот биланс е 870 инфицирани граѓани.

Пандемијата со коронавирус зема се поголем замав во С.Македонија. Министерството за здравство вечерва објави дека во изминативе 24 часа дури 870 граѓани се заразиле со Ковид-19, а биле тестирани 2647 лица.

Како последица на вирусот, починале 14 лица. Тројца пациенти од Скопје на возраст од 51, 60 и 83 години, тројца од Куманово (65, 71 и 53г), еден пациент од Дебар (80г), двајца од Прилеп (55 и 56г), еден од Тетово (63г), еден од Велес (65г), еден од Струмица (68г), еден од Радовиш (72г) и еден пациент од Кратово (75г). Сите се починати во болнички услови.
Битката со опасниот вирус ја добиле 292 пациенти. Скопје и понатаму е на врвот на листата на градови кои најмногу се најдоа на удар на вирусот, со 422 новозаразени со Ковид-19. Следуваат Тетово - со 64 нови случаи и Струмица со 55 новозаразени со коронавирус. 

Досега во земјата се направени вкупно 240.658 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 28.697, бројката на оздравени пациенти е 19.771, на починати е 963, а бројот на активни случаи изнесува 7.963.

Загрижувачката состојба со коронавирусот утре ќе биде тема на разговор и во Вилата Водно, каде претседателот Стево Пендровски го свика Советот за безбедност. На седницата, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот ќе присуствува и министерот за здравство Венко Филипче.

Со цел справување со заразата, во моментов на сила се неколку мерки како намален капацитет на превозот на патници на 50%, скратено работно време на угостителските објекти до 23 часот, како и забрана за групирање на повеќе од 4 лица по 23 часот. На собраниската Комисија за здравство денеска на дневен ред беше расправата за проширување на ковид-мерките како што се забраната за семејни прослави и задолжителното носење маски и на отворено, но тие сè уште не се на сила, бидејќи за нив се потребни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, кој е во собраниска процедура.

DW.COM