1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Копнеж по детството – Андреј Тарковски, втор дел

16 декември 2019

Тарковски никогаш не создаваше според најновата мода или тренд. Затоа неговите филмови се вечно млади, вечно актуелни... Тие не стареат, како делата на авторите кои пишуваат по вкусот на времето. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3Utbl
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Најсилните луѓе во животот се оние кои успеале до крајот да ја сочуваат детската увереност и интуитивна надеж“, пишува Тарковски. Детството за него е изворот од кој ја црпи творечката интуиција. Многумина  го  доживуваат како „режисер-мистичар". Тоа не е далеку од вистината. Можеби само уште Ингмар Бергман умееше детството да го преобрази во мистична слика, особено во „Диви јагоди” и „Фани и Александар”. Длабоката мистичност на Тарковски бездруго најсилно се  пројавува во неговиот филм „Огледало“ (1974). Во едно интервју вели дека „Огледало“ е религиозен филм. Во него тој сака мислите да ги изрази само со силата на филмската слика. Навистина, во филмот „Огледало“ има големо значење и музиката на Бах. Сепак, филмската нарација е речиси целосно редуцирана на криптичноста, на таинственоста, на мистичноста на сликата.  Иако тоа противречи на буквалното значење на зборот мистично, кое првично претпоставува чин на  потонатост во себе, со затворени очи и уста. На Тарковски му успева да покаже дека и погледот што потонува во таинственоста, во затвореноста на филмската слика стигнува до нивото на мистично сознание. Затоа што филмските слики во „Огледало“ во режисерот се раѓаат во неговата свртеност кон себе и кон паметењето на детството. Тој сликите ги повикува од душата, бидејќи филмот за него треба да биде „реализација на душата“, а не на сценариото или на сижето.

Сите филмови на Тарковски се длабоко лични. Само ниту еден не е толку јасно лична исповед, како „Огледало“. Во него раскажувачот вели во еден миг дека долго и постојано сонувал еден ист сон.  Во сонот тој со сета сила се обидува да се врати во тие места каде што порано бил домот на дедо му, каде што се родил. Во сонот сознава дека се  е‘ само сон. И големата радост ја помрачува  очекуваното будење! А напати се случувало да престане да му се враќа во сонот и  домот и околината од неговото детство. „Тогаш почнувам да тагувам“, вели раскажувачот. „Го чекам и не можам да го дочекам тој сон, во кој јас повторно ќе се видам себеси како дете и пак ќе се почувствувам среќен, затоа што уште е се‘  пред мене, уште е се‘  возможно.“ Како ретко кој филмски режисер, Тарковски во  „Огледало“ успева да го прикаже детството како симбол за рајот. А загубата на среќата на детството како прогонството од рајот. Изразот со кој Тарковски раскажува се  сликите, а многу помалку зборовите. Чувствата кои ги будат тие слики се недофатливи за зборот. Зборот занемува пред силината на сликата. Како што е во животот во миговите на голема радост, бескрајна среќа или спокој.  Небаре телесно чувствуваме како гледачи дека, како во сонот, и ние попусто постојано се обидуваме да го преминеме прагот. И да влеземе во светот на филмските слики во „Огледало". Посакуваме да ги допреме, за да поверуваме дека се вистинити. Затоа што тие ни се чинат пореални од реалноста. Затоа што тие се чист копнеж по детството. Затоа што се  до болка силни слики на среќата и убавината што ја гледаат насекаде само очите на детето. Болката на детето никаде не  е толку силно изразена како во „Огледало“  - мигот кога детето се буди во ноќта и извикува „папа!“. Како што е ненадминлива сликата на  зачуденоста, полна со страв,  со која тоа дете го гледа густежот од зеленило во градината, низ кој  задувува некој чуден, моќен ветер, кој како да избликнува од некој невидлив свет. Како да  дува од рајот, кој станува далечен, иако е пред нас. Затоа што во тагата светот не е повеќе  рајот на детството. Чувството кое го сугерираат филмските слики на Тарковски во „Огледало“ е  мачно. Пејсажите се шифри за минливоста, за мигновеноста на среќата. Мачното чувство тој го опишува  преку желбата на раскажувачот во сонот да се врати во детството. Кога „нешто те влече назад, во минатото, не оставајќи  ништо во иднината пред тебе", вели тој.  

Други колумни од Кица Колбе:

-„Словенска носталгија“ – Андреј Тарковски, прв дел

-Бугарското селективно историско паметење

-Магијата на писмото и уметноста на дневникот

Тарковски имал наследено  од детството и слики на среќа и слики на  траума. Татко му, прочуениот поет  Арсениј Тарковски, ја напуштил мајка му кога синот Андреј имал три години. Андреј и две години помалата сестра Марина потоа растеле само со  мајка им. Иако најдолго живеел во Москва, за Тарковски куќата на дедо му по мајка во селото Завражје, во реонот Јурјевец,  каде што се родил 1932-та и го поминал детството, засекогаш останала симбол за изгубениот татков дом. Во Јурјевец, пак, тој живеел само со фамилијата на мајка му, Марија Ивановна Вишнјакова, која потекнувала од стар  род на дворјани. Тарковски бил длабоко поврзан со мајка му, за која велел дека и‘ должи се‘. Други, пак,  велат дека во сите жени тој трагал по мајка му. Сите личеле на неа,  кога таа била млада и убава. И  една реплика од „Огледало“ го изговара тоа. Дрвената куќа во „Огледало“ е  куќата во Јурјевец. Денес таму се наоѓа музејот на Андреј Тарковски.

Filmstill - Iwans Kindheit - Andrej Tarkowski
Фотографија: picture-alliance/United Archives/IFTN

Обидувајќи се да го преобрази доживувањето на детството во филм, Тарковски верува дека  ќе ја надмине својата траума. Тој во филмот вградува и разговор со мајка му. Нејзиниот син верува дека со тоа што ќе го повика повторно во филмот времето на детството, во кое се одиграла и неговата среќа и неговата траума, ќе му успее да ги „измири” своите разделени родители. Филмот навистина ја има силата да создаде илузија на враќање во времето. Тој небаре ја „воскреснува“ изгубената целина на животот. Можеби затоа филмот има сила да ја зацели раната. За да се надмине траумата, како што се надевал Тарковски. Подоцна пишува дека  откако го снимил филмот „Огледало“ тој навистина се ослободил од чувството на тага. Само што,  „во одредена смисла,  се изгубив и себеси“, заклучува тој.

„Огледало” е најличниот филм на Траковски и во него се поставени главните теми на кои им се враќа и во други  филмови. Со носталгијата и со тагата, кои ги доживува првпат како дете,  тој се занимава во двата последни филма, „Носталгија“ и „Жртва“. Артистот  Олег Јанковски, кој во „Огледало“ го игра татко му Арсениј, во „Носталгија“ го игра рускиот историчар Горчаков. Во него има многу нешто од самиот Тарковски. Синот на Олег Јанковски,  Филип,  во „Огледало“ е детенцето кое го игра  малечкиот Андреј. Работниот наслов на  филмот бил  „Бел, бел ден...“ За време на снимањето малечкиот Филип  постојано се огледувал во многуте огледала во куќата. Тарковски го забележал тоа и рекол: „Огледало! Точно. Така  ќе се вика филмот“.  Филип Јанковски се сеќава во едно интервју со колкава нежност и блискост Тарковски се однесувал кон него на снимањето. Постојано му раскажувал приказни и му рецитирал стихови. Всушност, Тарковски го чинел тоа, по што копнеел како дете да го чини татко му за него.

Во „Огледало“  раскажувачот е речиси невидлив. Тој разговара со тие што ги гледа како во огледало во паметењето. Од тоа станува јасно дека тој е на смртна постела. Филмот е исповед, желба за измирување и покајание на тие кои еднаш се разделиле. И на детето му причиниле незамислива болка. Неколкупати се слуша гласот на татко му на  Андреј Тарковски,  Арсениј, кој ги говори своите стихови.  Еден стих од нив  десет години подоцна  станува реплика  на почетокот на филмот „Жртва“.  Таму таткото му вели на малечкото детенце, „не плаши се, нема смрт“. Тоа е двоен завет. Утеха на смртно болниот татко Андреј Тарковски, упатена на син му Андреј. Во исто време тоа е измирување на детенцето Андреј од „Огледало“ со заминатиот татко Арсениј. Имено, тие зборови кои му ги говори главниот лик на синчето во „Жртва“, кое е на иста возраст како  Тарковски кога ги напуштил татко му, се  првите стихови од една негова песна.

И во „Носталгија“ главниот херој е алтер его на авторот.  Филмот е замислен како израз на  „руската форма на носталгијата“. За Тарковски тоа е „типична национална состојба на душата“. Според него, таа   Русите ги обзема кога тие се наоѓаат далеку од татковината. Да се биде далеку од татковината, за емигрантот значи да се биде далеку и од местото на детството. Филмот „Носталгија“ ја раскажува носталгијата на Тарковски во Италија по својот дом во Русија. И таму  местото е една дрвена куќа, среде меланхоличниот „ландшафт“ на руската провинција - дачата на Тарковски во Мјасное. Раскажувајќи ја својата состојба на душата, Тарковски сака да  ја раскаже речиси „судбинската врска на руските луѓе со своите национални корени,  со своето минато и со својата култура, својата земја, другари и роднини...“

Andrej Tarkowski Regisseur Kalenderblatt
Андреј ТарковскиФотографија: dpa

На руски „носталгија“ значи  „смртна болест“, објаснува Тарковски. По угледот на Достоевски, тој во филмот ги покажува „типично руските“ црти на носталгијата како, на пример, сострадание. Во  „Носталгија“ рускиот историчар Горчаков сочувствува со Италијанецот Доменико, кого сите го сметаат за  „чуден  и  луд“. Слично на Доменико во „Носталгија“, кој се самозапалува на плоштадот на италијанскиот град, во „Жртва“ главниот јунак ја запалува својата куќа. Домот – местото со најголемата симболична вредност! Мотивот на себежртвувањето од љубов за другите,   кај Тарковски е длабоко поврзан и со носталгијата, но и со неговото мистично разбирање на животот. Во едно интервју вели дека  идејата за филмот „Жртва“ се родила додека го снимал „Носталгија“. Себежртвувањето во неговиот последен филм е мистична жртва - за да се прекине низата на уништувањето на светот, на човештвото. Другите тоа го доживуваат како лудост. И го носат главниот јунак во болница! Само јуродивоста, мачеништвото може да покаже  дека има и еден друг ред, кој за најголемиот број луѓе останува невидлив, говорат филмовите на Тарковски. Тој мајсторски знае да укаже без патетика на невидливиот метафизички поредок, токму покажувајќи го неземскиот блесок на сето постоечко, кое го гледаат јасно само децата. И оние кои за  другите напати се чинат „луди“, чудаци или јуродиви.

Во „Носталгија“  на крајот се обединуваат и копнежот по непознатото и тагата по дома во движењето на мислата, која станува „скришно писмо“ во филмската слика. Во неа се обединети нештата кои во реалноста се разделени и далечни. Во последните кадри главниот јунак Горчаков лежи на земјата.  Камерата  му се приближува и ни‘ открива дека тоа во што гледа во земјата е околината околу неговата куќа во Мјасное, во Русија. А кога  камерата се оддалечува, таа ни ги открива урнатините од ренесансна црква во Италија. А  над неа, наместо покрив,  е само небескиот свод! Тарковски некаде вели дека словенската носталгија се состои во сознанието дека тоа, по што заминатиот копнеел одејќи на Западот, имено, западната култура  како италијанската, никогаш не може да се обедини со тоа што останало дома. Со домот, роднините, ближните, културата на својата словенска татковина... Во „Носталгија“ тие се обединети во копнежот  на главниот јунак. Куќата во Мјасное и сета руска природа, со ридови, полиња и реки, е среде урнатините на италијанска црква.  Тогаш од небото почнува да снежи! Снегот пак има двојно значење. Тоа за децата е небески знак, чудо и епифанија.  Тој, меѓутоа,  е и  метафора за тага и смрт – како студ, како замреност на животот. А тие што  добро го паметат филмот „Андреј Рубљов“ на  Тарковски, веднаш помислуваат на сцената во разурнатата црква, преполна со  телата на убиените  во братоубиствената војна. Таму среде урнатините на  православната црква стои иконописецот Андреј Рубљов. Од неботот почнува да снежи. Во провидение му се јавува и  застанува до него неговиот одамна починат учител по иконопис, прочуениот Теофан Грк. Обајцата гледаат кон небото, кон снегот. Теофан Грк тивко проговорува: „Нема ништо потажно од  црква без покрив, врз која врне снег!“ Црквата е Божји дом. Таа е метафората за метафизичката заштита на човекот. Кога и таа ќе се претвори во урнатина, тогаш тоа е  најсилната метафора за носталгијата и за губењето на духовноста, онака како што и двете нешта ги доживувал Тарковски во западниот свет. Тој во едно интервју вели дека во „Носталгија” говори и за „носталгија по духовност“. Овој аспект на неговата носталгија го прави неговото творештво денес, кога неретко се чини дека светот полудел, уште поактуелно. Впрочем, Тарковски никогаш не создаваше според најновата мода или тренд. Затоа неговите филмови се вечно млади, вечно актуелни, како и делата на Достоевски или Кафка. Тие не стареат, како делата на авторите кои пишуваат по вкусот на времето.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.