Конфузија околу ковид-сертификатите: Вакциниран сум а не можам да влезам во ЕУ? | Свет | DW | 01.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Конфузија околу ковид-сертификатите: Вакциниран сум а не можам да влезам во ЕУ?

Неразбирливи се правилата за влез во Европската Унија за вакцинираните лица, бидејќи секоја земја си тера по свое. Бројни барања за појаснување на правилата доаѓаат особено од земјите од Западен Балкан.

Денеска (1 јули) и официјално е пуштен во употреба дигиталниот вакцинален сертификат на ЕУ, овој документ со кој треба да се олесни патувањето внатре во Унијата ќе може да го добијат само оние лица кои примиле некоја од четирите одобрени вакцини во ЕУ. Против ваквата одлука протестираат Индија и Африканската Унија, бидејќи во Индија најголем дел од населението е вакцинирано со индиската варијанта на АстраЗенека под името „Ковишилд“. Но, во ЕУ е одобрена само европската верзија на АстраЗенека под името „Ваксзериа“.

Африканската Унија предупредува од можна дискриминација на африканските патници. Индискиот производител на вакцините на АстраЗенека, Серум Институтот на Индија, ќе се заложи за брзо одобрување и на индиската верзија од Европската агенција за лекови, ЕМА. Но и двете земји ја промашуваат целта, бидејќи всушност за влез во ЕУ не ви се потребни ни пасошот ниту одобрување на вакцината „Ковишилд“.

Лото со вакцините

Секое лице надвор од ЕУ вакцинирано со вакцината „Ковишилд“ може да влезе на територијата на ЕУ бидејќи земјите членки може да ја признаат било која вакцина која е одобрена од Светската здравствена организација (СЗО), како услов за влез. Тоа го потврди и портпаролот на Европската комисија, Адалберт Јанц во Брисел: „Тоа може да се примени и на други вакцини кои се на листата на СЗО.“

Повеќе: 

-Проблеми околу дигиталните пасоши за вакцинирани во Германија

-Зелено светло од Европарламентот за ковид-пасошот

-Пуштена платформата за проверка на дигиталните сертификати за вакцинација

А на листата на СЗО не се само четирите вакцини одобрени во Европа, туку и „Ковишилд“ како и верзијата на АстраЗенека произведена во Јужна Кореја – СК Био. Светската здравствена организација исто така ги признава и Синофарм и Синовак од Кина, како и сите варијанти на Бионтек/Фајзер, Модерна и Јансен (Џонсон и Џонсон). Овие вакцини смеат да се регистрираат во жолтиот вакцинален пасош на СЗО.

Може но и не мора?

„Постои можност луѓето од трети земји да добијат сертификат ако може да докажат дека се вакцинирани со некоја од вакцините наведени во прописите за сертификат на државата членка во која патуваат,“ вели Кристијан Виганд од Европската Комисија. Значи 27 земји членки од ЕУ можат индивидуално да прифатат вакцини од листата на СЗО и да издадат вакцинален пасош. Можат, но не мораат. Бидејќи ова правило на ЕУ е само препорака, а не и закон.

За патниците кои доаѓаат од Азија, Јужна Америка или Африка не е неопходен вакцинален пасош на ЕУ бидејќи секој поединец треба да докаже дека е вакциниран во матичната земја со вакцина која ја признава земјата во која патува. Тоа може да значи дека една Индијка која е вакцинирана со „Ковишилд“ може да патува на Кипар, но не и во Германија.

Збунувачки правила

И самата Европска комисија признава дека правилата се тешко разбирливи и дека мора да се подобрат во делот на граничните служби и администрацијата на државите членки. Три еврокомесари испратија писмо до 27-те влади во кое сугерираат да се користи наједноставна можна „препорака за влез“ и што помалку поединечни одлуки.

Погодени и други вакцини?

Конфузијата околу вакцините не се однесува само на препаратот на АстраЗенека од Индија кој преку Ковакс системот е распределен во над 100 земји, туку и серумот кој Бионтек/Фајзер го разви во Германија. Одредени жители на Канада се жалеа до медиумите, меѓу кои и до ДВ, дека без оглед на тоа што се вакцинирани со вакцината на Бионтек/Фајзер не можат да влезат во Германија. Според информациите на конзуларното одделение на германската амбасада во Канада, германските служби за издавање визи ја препознаваат само марката „Комирнарти“ која се користи во Европа за вакцината на Бионтек/Фајзер. Додека во Канада во вакциналниот пасош стои само ознаката „Фајзер – Бионтек“. Вистински бирократски ќорсокак.

Американските граѓани пак не се погодени од овој проблем. САД во меѓувреме е на „зелената листа“ на ЕУ. За влез во Европа неопходен е само негативен ПЦР тест. Доказ за вакцинација е пожелен, но не и неопходен. Но, ова не важи за патување во контра-насока. САД дозволуваат влез во земјата само на вакцинирани ЕУ граѓани и тоа во ретки случаи.

Гледај видео 15:47

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

АстраЗенека од Европа (Вакзерија) се извезува во многу делови од светот, меѓу кои и Канада, Велика Британија, Мексико и Чиле. Оние кои ја примиле оваа вакцина исто така може да добијат електронски вакцинален пасош од ЕУ во земјата во која влегуваат.

Но прашање е како и дали тоа може тоа да се докаже ако во националните документи за вакцинација не е експлицитно наведено – „Вакзерија“.

Руската вакцина пак не ја признава ниту ЕУ, ниту Светската здравствена организација. Тоа значи дека не може да се користи како доказ за имунизација на оние кои доаѓаат од трети земји.

Какви правила важат за Балканот

Европската комисија најави дека во најбрз можен рок ќе одговори на сите прашања во врска со признавање на вакцините во патничкиот сообраќај. „Добиваме огромен број барања за признавање на вакцини од многу делови на светот. Мора да провериме за кои земји е тоа возможно,“ објаснува Кристијан Виганд од Европската комисија. Особено многу вакви барања доаѓаат од владите од земјите на Западниот Балкан, поради тоа што многу луѓе од овие краеви имаат блиски роднини во ЕУ. Треба да се разјасни дали по одморот во Србија или Босна и Херцеговина ќе можат без проблем да се вратат назад во ЕУ.

Сепак засега во најголемиот број земји во светот се уште не се дозволени туристички патувања во ЕУ.

Гледај видео 01:57

Србија: Вакцина за доверба

Унијата одлучи дека ваквите ограничувања би требало да се укинат што е можно побрзо, секако во согласност со развојот на епидемиолошката слика во тие земји. На пример Велика Британија која повеќе не е дел од ЕУ оди по друг пат. Оние кои влегуваат во оваа земја, иако се вакцинирани мора да приложат негативен тест и да одат во карантин – без оглед каква вакцина примиле.