Конфликтите и климатските промени поттикнуваат глад во светот | Свет | DW | 15.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Конфликтите и климатските промени поттикнуваат глад во светот

Новиот индекс за глад во светот покажува дека ниту еден човек не би морал да страда за храна. Покажува и дека поранешните успеси во борбата против гладот се нарушени поради оружени конфликти и климатските промени.

Добрата вест е дека имаме и знаење и технички и финансиски можности да ја искорениме гладот во светот.
„Од 2000 година на глобално ниво има успеси во намалувањето на гладот, од тогаш е намалена за 31 процент", нагласува Фрејзер Патерсон од Светската организација за  борба против гладот.  „Гледаме напредок во речиси сите земји и региони во светот".
Фрејзер Патерсон е одговорен за Светскиот индекс за глад и во тесна соработка со партнерската организација „Консрн Ворлдвајд” го изработуваат годишниот индекс и извештајот на организацијата за борба против гладот.
Во 2016 немало ниту една земја во која ситуацијата била толку страшна да мора да биде маркирана со црвено.
Но, од 2017 гладот во Централноафриканската република повторно достигна црвена фаза. Општата ситуација со исхраната во земјата растресена од конфликти е страшна. Неисхранетост меѓу народот е повеќе правило отколку исклучок. Секое осмо дете починува пред да го дочека петтиот роденден. Децата кои преживуваат се премногу мали за својата возраст, страдаат од забавен напредок и развој. Заради ваквите фактори ситуацијата е категоризирана како алармантна.

Infografik Welthungerindex 2019 DE ***SPERRFRIST BIS 15.10.2019 (10:00 Uhr CEST)***

Во четири други земји ситуацијата важи за многу сериозна, во Чад, Мадагаскар, Јемен и Замбија. 43 од вкупно 117 земји спаѓаат во категоријата на „сериозна" ситуација. Според извештајот севкупно од глад страдаат 822 милиони лица во светот. Тоа е секој деветти човек на планетата. Пред три години бројката била под 800 милиони.

„За порастот во последните три години пред се два фактора играат значајна улога, а тоа се влијанијата од климатските промени и  зголемувањето на оружаните конфликти во светот",  вели Патерсон за ДВ. За  војни и оружени конфликти  потребни се политички решенија, а за луѓето најмногу погодени од климатските промени итна поддршка за да се справат со негативните последици.
„Индексот за 2019 покажува дека поради човечки фактор станува се` потешко населението на планетата соодветно и на одржлив начин да се прехранува."
Индексот постои од 2006 година. Актуелните бројки чија пресметка се базира пред се` на извори од ООН за глад, исхрана и степенот на смртност на децата, биле споредувани со податоците од претходните години. Резултатот е дека „климатските промени имаат негативни влијанија на сигурното снабдување со храна и тоа не само на земјоделието, туку на сите аспекти на ланецот за исхрана вклучително и расположливоста, пристапот и квалитетот на храната, како и стабилноста на производството."

Помалку хранливи состојки поради климатските промени

Од почетокот на 90-тите години речиси се удвоени појавите на екстремни временски услови,  вели Патерсон како што се суша, поплави, ерозии на почвата и невремиња. Најстрашно погодени се најсиромашните земји, каде гладот секако е најпроширен и каде нема социјална сигурност. Но, и еден друг проблем е поизразен како последица на климатските промени.

„Високите концентрации на јаглероден диоксид во атмосферата прават во растенијата да има помалку микросостојки, помалку белковини, цинк или железо", вели Патерсон. Особено во основните прехранбени производи како пченица, ориз, пченка и соја хранливите состојки се од полош квалитет. „Тоа пак се одразува најмногу на најсиромашните луѓе кои главно ги користат тие растенија за својата прехрана."

Поделби поради климата

Филип Алстон, кој е посебен известувач на ООН за екстремен глад и човекови права, без пардон зборува за „климатски апартхеид". „Ризикуваме ситуација во која има поделби поради климата, во која богатите може да си дозволат да избегаат од претопло време, глад и конфликти, додека остатокот од светот мора да страда поради последиците од климатските промени", вели Алстон при објавувањето на неговиот извештај за екстремна сиромаштија и човекови права.
Извештајот беше претставен пред Советот за човекови права на ООН летово. Независниот експерт за човекови права критикуваше дека последиците од климатските промени на политичко ниво довеле до ветувања, но не и до промена на системот кој ги предизвикува.
„Климатските промени ја загрозуваат иднината на човековите права и сиот постигнат напредок од изминатите 50 години во однос на развој, здравје и сузбивање на гладта", вели Алстон во извештајот. Тој смета дека и во најдоброто сценарио, имено ако се успее до 2100 година глобалното затоплување да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, последиците сепак ќе бидат уништувачки. „Стотици милиони лица ќе се соочат со глад, бегство, болести и смрт", се вели во извештајот.

Indien Dürre in Bundelkhand (picture-alliance/Zuma/A. Gupta)

Од 1990-те години, бројот на екстремни суши и поплави е удвоен



Политички причини

Гладот има пред се` структурни причини, вели и Филип Мимкс од ФИАН, Меѓународната мрежа за човековото право на храна. „Гладот не е судбина", се вели на нивната интернет страница.
„Ако се погледне сегашноста, има повеќе храна по глава на човек отколку пред 20, 30 или 40 години", нагласува Мимкес, кој ја води мрежата на ФИАН во Германија. „Тоа значи дека ние генерално немаме проблем со помало производство, туку со распределбата."
Мимкес во интервјуто за ДВ вели дека помалку од половина од светското земјоделско поризводство се користи директно како прехранбен производ. „Остатокот завршува сосема на друго место, во биопластика, енергија, прехрана за животни."

Тука не помага само да се даваат пари како што ветуваат индустриските земји со години за да се сузбие гладот во светот.
„Најважни причинители на глад се политички прашања како дискриминација, социјална неправда и неправедна трговија", вели Мимкес.

Поголема продукција предизвикува поголем глад

Тој посочува дека на пример во Јужна Америка и покрај поголеми површини за земјоделски производи има се повеќе луѓе кои гладуваат.
„Изминатите децении земјоделските површини таму експлозивно се шират, а со тоа се зголемува и земјоделското производство", вели Мимкес. „И покрај значително поголемото производство таму во последните пет години има околу 60 проценти повеќе лица кои гладуваат."
Произведеното ретко кога служи за прехрана на локалното население, туку најчесто е за извоз или за добивање енергија. Тоа е јасна противречност на препораките кои постојано ги повторуваат индустриските земји, дека треба едноставно да се произведува повеќе.
И Фрејзер Патерсон смета дека гладот е проблем на распределба на храната. Ако сега не делуваме одлучно постои опасност бројките и натаму да растат.
Патерсон вели дека „Сиромаштијата е и останува главна причина за глад во светот. Често луѓето страдаат од глад не поради тоа што нема доволно храна на лице место, туку зашто храната која ја има таму им е прескапа и тие не можат да си ја дозволат."

DW.COM

Реклама