Контроверзниот милијардер Бабиш ќе ја води Чешка како фирма? | Свет | DW | 23.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контроверзниот милијардер Бабиш ќе ја води Чешка како фирма?

По Полска и Унгарија, и во Чешка победа на популистите, но со поинаков предзнак. Сега многу работи зависат од тоа со кого милијардерот Андреј Бабиш ќе состави коалиција.

Контроверзниот милијардер Андреј Бабиш со големо мнозинство победи на парламентарните избори во Чешка. Популистот со своето протестно движење АНО (во превод „да“, н.з.) освои 29,6% гласови, односно цели 11% повеќе во споредба со 2013 година.

Чешкиот претседател Милош Земан вчера најави дека ќе му го додели мандатот на Бабиш. „Тој не е популист, туку е прагматичар“, изјави 73-годишниот Земан за весникот „Блеск“.

Медимуите го нарекуваат Бабиш „чешки Доналд Трамп“, кој „државата сака да ја води како фирма“. Во текот на кампањата 63-годишниот екс министер за финансии се профилираше како евроскептик, остар критичар на бегалската политика на германската канцеларка Меркел и противник на поголема ЕУ-интеграција.

Коментаторите по изборите оценуваат дека земјата доживеа „политички земјотрес“ и дека е погодена од „ураган“. Социјалдемократите (ЦССД) од каде досега доаѓаше премиерот, доживеаја дебакл. Тие, и покрај добрата состојба на економијата, паднаа од 20,5% на само 7,3% гласови. Наспроти тоа, деснорадикалната СПД (кратенката на чешки значи слобода и директна демократија, н.з.) бележи зголемување на гласовите на 10,6%. Одзивот на изборите беше 60,8%, или отприлика еднаков како пред четири години.

Tschechien Wahl Andrej Babis (Reuters/D.W. Cerny)

Бабиш веќе испратил СМС-пораки до политичките лидери за разговори за коалиција

Поделбата на мандатите за АНО значи дека ќе бидат неопходни уште два партнера во коалицијата. Бабиш уште вчеравечер соопшти дека со СМС-порака ги поканил сите партиски лидери на неформални разговори. Први на ред се комунистите (7,8%) и партијата СТАН (5,2%). Вториот најбогат Чех вечерта по изборите ги обвини противниците и медиумите за „дезинформативна кампања“. „Ние не сме опасност за демократијата“, изјави Бабиш за телевизијата ЦТ.

Инаку, првпат во историјата на младата демократија во Чешка полицијата води истрага против победник на избори. Бабиш е осомничен за измама со субвенции на ЕУ во милионски износ. Затоа многу партии отфрлаат соработка со него лично.

Tschechien Vertrauensabstimmung (Reuters)

Чешкиот претседател Земан смета дека Бабиш не е популист, туку е прагматичар

Бабиш, покрај другото, е сопственик и на значајни дневни весници и на најслушаното приватно радио „Импулс“. Критичарите предупредуваат дека тоа значи досега невидена медиумска, политичка и економска моќ и повлекуваат паралели со италијанскиот екс-премиер Берлускони.

Во Европа се зголемува стравот од растечки јаз меѓу западниот и источниот дел на ЕУ. Бабиш за победникот на изборите во Австрија, Себастијан Курц, рече дека е уште еден „сојузник“ во Вишеградската група во борбата против бегалската политика на ЕУ. Покрај Чешка, дел од Вишеградската група се и Полска, Унгарија и Словачка.

Политикологот Јиржи Пехе за агенцијата ДПА оцени дека Бабиш не е националист од типот на Качински или Орбан. Бабиш нема цврсти уверувања или идеи, туку сака да си го зголемува богатството, изјави Пехе. „Тој е типичен егоцентричен олигарх“, вели Пехе и додава дека Бабиш повеќе наликува на „Трамп или Берлускони, отколку на господата од Вишеградската група“.

DW.COM

Реклама