Контроверзниот Бајер - Монсанто „дил“ | Економија | DW | 15.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Контроверзниот Бајер - Монсанто „дил“

Аграрната бранша е соочена со големи предизвици. Бајер плаќа милијарди евра за американскиот концерн Монсанто. Зделката е прилично контроверзна, пред сѐ поради генетски променетите производи.

Преземањето на американски Монсанто од страна на германски Бајер има историски димензии - носи големи шанси, но и ризици и нуспојави. Бајер со купувањето на американскиот џин Монсанто се „вооружува“ за огромните промени во бизнисот со семенски материјал и средства за заштита на растенија. „Дилот“ тежи 66 милијарди долари (околу 59 милијарди евра). Со преземањето, темпото на фузирање во аграрната бранша се зголемува драстично. Бајер и Монсанто не се сами: на крајот можеби пазарот од 85 милијарди евра ќе го делат само 4 концерни.

Притисокот врз земјоделците за дејствување, со оглед на падот на цената на важни земјоделски производи како пченицата, станува огромен. Истовремено, индустријата, со оглед на постојаното зголемување на светското население и промените на климата, е соочена со големи предизвици. Бројот на луѓето во светот до 2050 година ќе се зголеми за околу три милијарди и ќе изнесува 10 милијарди, проценуваат експертите. А, обработливите површини ќе останат речиси исти. Значи, овој пазар долгорочно ветува пораст.

Deutschland Firmenlogo der Bayer AG in Wuppertal

Бајер го презема Монсанто за 66 милијарди долари

Шефот на Бајер, Вернер Бауман, непосредно по стапувањето на функцијата во мај годинава изненадувачки соопшти дека има намера да го преземе Монсанто. Со американскиот концерн Бајер се катапултира на светскиот врв на понудувачи на семенски материјал и средства за заштита на растенија. Никогаш досега еден германски концерн не платил толку многу пари за преземање колку што Бајер плаќа за Монсанто.

„Дилот“ меѓутоа е контроверзен од самиот почеток. Монсанто во Европа со години се поврзува со генетски променети производи и е предмет на критика. Освен тоа, концернот се обвинува и за дрзок однос со муштериите. Монсанто се поврзува и со глифосатот - супстанца во пестицидите за уништување плевел. Постојат сомневања дека глифосатот е канцероген. ЕУ во јуни даде дозвола за користење на контроверзниот уништувач на плевел и во наредните 18 месеци.

„Монсанто се поврзува со многу аномалии во аграрната индустрија“, критикува шефот на пратеничката група на Зелените во германскиот Бундестаг, Антон Хофрајтер. „Ген-технологијата и пестицидите не се технологии на иднината, туку технологии на ризик. Додека скепсата на луѓето во врска со аграрната индустрија се зголемува, Бајер сака да инвестира токму во оваа нееколошка насока.“

Das Firmenlogo des US-Saatgutkonzerns Monsanto

Монсанто во Европа со години се поврзува со генетски променети производи

Зделката на Бајер со Монсанто ја концентрира пазарната моќ во рацете на мал број концерни, на штета на селаните и потрошувачите. И конкуренцијата на Бајер не спие. Неодамна американските власти дадоа дозвола за преземање на швајцарскиот аграрно-хемиски концерн Сингента од страна на кинеското претпријатие ХемКина за 43 милијарди долари. Во декември минатата година своја фузија најавија и Доу Хемикал и Дупон. Тие сакаат од тронот да го соборат БАСФ.

Какви долгорочни промени за земјоделсците ќе донесат фузиите и преземањата, е отворено. Во моментов многу селани се воздржани и не купуваат семенски материјал и средства за заштита на растенија поради ценовниот притисок за важни аграрни добра, како пченицата, и поради монетарните турбуленции во голем број земји во забрзан подем. Пазарот е оптоварен и поради кризата во Бразил. Покрај тоа, значително се намали и економскиот пораст во азиските земји во забрзан пдоем. Со тоа се зголеми притисокот за фузионирање. Кон сето тоа треба да се додаде и дека условите за финансирање фузии се речиси идеални за концерните, поради отворањето на славините за пари од страна на централните банки. Централните банки ширум светот во борбата против прениската инфлација широко ги отворија славините за пари и ги „поплавија“ пазарите со ликвидност.

DW.COM

Реклама