Консултациите во ДУИ засега без одлука | Македонија | DW | 08.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Консултациите во ДУИ засега без одлука

Додека во ДУИ сѐ уште траат консултациите, а Брисел очекува влада со европска агенда, ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека во иднина со проблеми ќе се соочат оние кои ќе ја игнорираат волјата на мнозинството граѓани.

Ни по синоќешните консултации на најтесното претседателство, ДУИ не донела одлука дали ќе ги даде потписите на СДСМ за партијата да го добие мандатот, по што би започнале и суштински разговори за состав на влада. На состанокот, потпретседателите на партијата - Изет Меџити, Теута Арифи и Невзат Бејта го информирале лидерот на ДУИ и неговите соработници за деталите од завчерашните разговори со преговарачите од СДСМ. И покрај навестувањата дека синоќешните консултации ќе завршат со одлука за давање на потписите, тоа сепак не се случило. Партиски извори не откриваат што е причината за пролонгирањето на одлуката, но оставаат впечаток дека им треба уште време, односно дека одлуката, каква и да е, нема да биде донесена пред утрешното доаѓање на еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје.   

Влада со европска агенда

Од друга страна, нема големи неизвесности околу пораките што комесарот Хан утре ќе им ги пренесе на партиските раководства. Нив вчера ги потврди амбасадорот на ЕУ во Македонија, Сaмуел Жбогар.

„Со нетрпение очекуваме формирање на новата влада. Гледаме дека сите политички партии во земјата ја поддржуваат агендата на ЕУ. Веруваме дека токму оваа ЕУ агенда е центарот или ткивото кое би ги обединило сите политички партии во земјата и таквата агенда секогаш ќе има потреба од широка поддршка, не само од партиите кои се на власт, туку и од опозицијата. Токму на тој начин или во тој контекст ние гледаме една силна влада која ќе притиска, или ќе работи на имплементација на ЕУ-агендата и ќе направи прогрес“, рече Жбогар одговарајќи на новинарско прашање- какви пораки ќе испрати до партиите еврокомесарот Хан.

Samuel Zbogar EU Bauftragter für Kosovo (AP)

Самуел Жбогар

Запрашан дали широка коалиција ќе придонесе да се надмине политичката криза, Жбогар се огради од какви било сугестии во таа насока. 
„Работа на политичките партии во парламентот е да одлучат каков вид коалиција, каков вид влада сакаат да формираат. Ние како ЕУ, немаме никаков став или гледиште во врска со тоа прашање. Меѓутоа, во наш интерес е да се формира силна коалиција во поширок контекст, во контекст на тоа без разлика дали партиите се на власт или се опозиција, сите да дадат поддршка на реализација на ЕУ-агендата“, потенцираше амбасадорот на ЕУ.

Со тоа е извесно дека комесарот Хан би останал на линијата на тој став, особено што неговата посета не е поврзана ниту со разговори за формирање влада, ниту со пржинскиот процес, туку со присуство на состанок посветен на енергетиката во рамките на процесот „Шест западнобалкански држави“, на чии маргини тој ќе ги оствари средбите со партиските раководства.

Но, додека некои партии сепак не исклучуваат евентуален „сигнал“ од еврокомесарот, во СДСМ тие очекувања се насочени кон констатирање на фактите.

„Очекуваме само да се потврди дека Република Македонија на кредибилните избори одржани на 11-ти декември гласаше за промени на оваа власт, и да се потврди заложбата за формирање на политичка Влада која ќе ги донесе потребните промени“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.

Кој ќе биде избркан од штабот на ВМРО-ДПМНЕ?

И додека Брисел очекува формирање политичка влада со европска агенда, а во ДУИ се уште траат консултациите, ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека во иднина со проблеми ќе се соочат оние кои ќе ја игнорираат волјата на мнозинството граѓани. Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот став бил искажан на средбата на лидерот Никола Груевски со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен. На прашањето од амбасадорката - доколку СДСМ формира Влада, дали истата ќе биде прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ, од партијата одговориле: „Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“.

На забелешката од амбасадорката на ОБСЕ, дека постојат држави каде се случува победничката партија да не влезе во владејачката коалиција, и било одговорено дека во изминатите години и одвнатре и однадвор постојано било потенцирано дека Македонија не е иста со останатите земји и дека има една специфика - мултиетничноста, а во таква ситуација исклучително е важно победникот кај македонските и победникот кај албанските гласачи секогаш да коалицираат.

„Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е победник, и одвнатре и однадвор се заборава тој принцип. Сите треба да знаат дека ако еднаш се прекрши тој принцип, истото ќе стане неповратлив процес. Доколку сега се отстапи од тој принцип, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина, кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе отцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави“, и одговориле од ВМРО-ДПМНЕ на амбасадорката на ОБСЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцирале дека состојбата во Република Македонија е зрела за одржување на нови предвремени парламентарни и дека гледано од аспект на трошоци, најдобро би било тие да се одржат во исто време со локалните избори (во мај -н.з).

 

DW.COM

Реклама