„Консултантот“ на пленумците вели дека „образот му е чист“ | Северна Македонија | DW | 23.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Консултантот“ на пленумците вели дека „образот му е чист“

Едно од лицата кое протестираше против изградбата на новите факултети на кампусот на УКИМ, всушност учествувало како понудувач на конкурсот за проектирање на зградите. Владо Данаилов вели дека „образот му е чист“

Архитектот Владо Данаилов кој завчера учествуваше како дел од делегацијата на Студентскиот пленум на разговорите со ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски околу спорната градба на два нови факултети на студентскиот кампус, и самиот се јавил на конкурсот за проектирање на зградите. Ова во интервју за Дојче Веле денеска го обелодени ректорот Стојковски, иако не го спомена името на архитектот кој на разговорите присуствувал во својство на „надворешен консултант“ на една од пленумските организации.

„Значи воопшто не е студент, а се јавува од името на студентите, кој се претстави како 'надворешен консултант' на една од пленумските организации“, вели Стојковски.

„Но, тука приказната не завршува. Истото лице кое ја проблематизира локацијата, сечењето на дрвјата и што уште не, се јавува и како понудувач на јавниот повик на МОН за проектирање на зградите. Се прашувам, ако му била позната локацијата (со дрвја, се разбира), просторот на кој ќе се гради и слично, а тој не се сложувал со тоа, и ако има цврсти принципи, зошто воопшто конкурирал?“, рече Стојковски.

Владо Данаилов во телефонски разговор денеска ни потврди дека учествувал на разговорите со ректорот, но како претставник на младинската организација „Мугра“. Данаилов потврдува дека учествувал и на конкурсот за проектирање на зградите „како дел од тим“, но вели дека тоа не го нарушува неговиот кредибилитет, ниту професионално како архитект, ниту приватно.

„Целосно сум сигурен дека тоа не го нарушува кредибилитетот, тој се гради врз основа на проектантски способности, а сосема друг е кредибилитетот како совесен граѓанин. Јас имам чиста совест и чист образ“, вели Данаилов.

Тој сепак, со изговор дека во моментот нема време, не одговори на прашањето: дали проектот за кој конкурирал бил предвиден да се гради на истото место како и сегашниот, и дали и со него се предвидувало сечење на дрвјата - потег што предизвика и најголеми реакции кај дел од јавноста.

Младинската организација „Мугра“ е формирана во ноември годинава, а во својата платформа наведува дека е „организација составена од студенти, средношколци и останати млади лица кои се обединуваат и организираат меѓусебно сѐ со цел изнаоѓање и воспоставување на подобри идеи, кои би претставувале решение за проблемите со кои се соочуваме како млади во нашето општество“.

Prof. Velimir Stojkovski

Ректорот Велимир Стојковски

Данаилов на почетокот на месецов во изјавата за ТВ-Нова, тврдеше дека „одлуката за изградба на два барокни факултета во рамките на УКИМ е бескрупулозна“, објаснувајќи дека се губи драгоцен зелен простор.

„Самата одлука, носење на планот, целата низа на настани што довеле до овој почеток на градење е многу подло, бескрупулозно, затоа што не се преземени никакви локални концептуални параметри кои треба да се почитуваат. Мора да сме свесни дека изгубивме скапоцен зелен простор и важно е некој да преземе некоја одговорност, нема да дозволиме да не се соочат луѓето со одговорноста која ја сносат“, рече тогаш Данаилов.

Од „Мугра“ тогаш исто така реагираа на одлуката за градба на двете нови згради, посочувајќи дека со неа се прекршуваат повеќе правила и принципи. Меѓу другите, во нивното соопштение од 6 декември се наведуваат: прекршување на автономијата на Универзитетот, прекршување на авторските права на архитектот на универзитетскиот кампус, како и нарушување на животната средина, поради сечењето на дрвата. На крајот на соопштението, организацијата бара да се преиспита проектот и нуди подготвеност да учествува во негова измена со сопствени предлози.

Од Студентскиот пленум засега нема реакција на изјавите на ректорот Стојковски, кој во разговорот за ДВ постави хипотетичко прашање: „Дали ако тоа лице било избрано за најповолен понудувач, ќе немаше никакви проблеми со дрвјата и сето останато?“

Инаку тендерот тежок речиси 20 милиони евра за изградба на двете нови згради на студентскиот кампус го доби „омиленото“ дуо на власта во Македонија, градежната компанија „Бетон Штип“ и архитектот Жарко Чаушевски. Предвидено е зградите да бидат во „барок“ стил.

Реклама