Конструктивна корупција | Македонија | DW | 25.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Конструктивна корупција

Дискусијата за реалните или насетувани амбиции на кандидатите за министерски и други позиции во власта е побитна од која било друга дискусија преку која партиите и медиумите сакаат да ја заматкаат јавноста.

Да немаше корупција, политиката ќе ја водеа типови од слаб квалитет, луѓе без амбиција. Зборовите на Скитер од "Големиот МекГинти” (1940) црно-белата "приказна за двајца луѓе пребегaни во една банана република” се можеби најпрецизниот сублимат за мамурната полутемница низ која талкаме во исчекување на новото. Цинизмот на Скитер и денес звучи круто, арогантно и сирово како и пред речиси осумдесет години, што само ја подвлекува константата на политиката. Или пак на корупцијата, таа старозанаетска придружничка на политичарите од предбиблијски времиња. Но, повнимателното читање на мудроста на Скитер ќе разоткрие нешто уште постаро од политиката, поисконско од корупцијата. Амбицијата, имено, е жарот со кој сите се раѓаме и на кој покорно му се подредуваме од првиот направен чекор и изустен збор. Сѐ до првата искра на разум која средината и блиските ќе ни ја всадат и низ неа насочат натаму во животот. Некогаш таа искра е светла, жари и блеска за да на другите им ја разбие темницата, но некогаш – и почесто - е темна, примамливо мрачна и заводлива со апетит да не проголта и ја нахрани гладта за богатсво и страста за моќ. Амбицијата е секако доблест достојна за пофалба, белег за почест. Но како што вели Наполеон "амбицијата е страст на големи карактери кои можат да ја искористат за добро или зло, зависно од принципите според кои се водат.”

Не за прв пат во овие десетлетија, но никогаш како досега амбицијата не играла толку битна улога во осознавањето на реалноста и дефинирање на иднината. На сите ни се јасни декларираните амбиции на големите политики, големите заедници, големите партии, големите групировки. Од неодамна почнавме да учиме и да се освестуваме и за улогите на клановите во креирањето во неслужбените, но доминантни реалности кои ни се наметнуваат бесчујно но чувствително болно. За да сега, во делириум да бидеме принудени да се соочиме со (по)следната и прва алка на заокружениот синџир на исхрана – личната амбиција скриена и камуфлирана во групни вреви и еуфории.

ВМРО-ДПМНЕ се облекува, СДСМ се соблекува

Веќе нема сомнеж дека ВМРО се облекува, а СДСМ соблекува за да легне до ДУИ во владиниот тесен кревет. Громогласното кукурикање на "чесните и поштени” курири на СДСМ и на глувите веќе им имаат разгласено дека амбицијата на новата влада ќе биде реформска, прогресивна. Редно е да им поверуваме дека такви им се програмските амбиции. Но зошто тогаш најголемата врева по кулоарите и мртвата тишина низ медиумите настапува токму кога ќе се отвори прашањето кој конкретно, кои ликови и имиња, кои чоеци и човеци ќе ги реализираат тие програмски амбиции?

Тишината и нелагодноста во објавувањето на конкретните имиња на изведувачите на реформските работи не е воопшто "прашање од втор ред” како што синхроно тврдат партиските телали. Напротив, токму конкретноста во дефинирање на имињата на носителите на функциите е предизвик поголем од сите програми, агенди и владини политики заедно. Факт кој ја детерминира и дефинира потребата за сеопшта транспартиска омерта (н.з. завет за молчење на членовите на сицилијанската мафија) за криење на имињата на кандидатите. Зошто? Затоа што токму имињата на кандидатите ја разоткриваат нивната реална индивидуална амбиција по која се познати или сомничени, и следствено реалниот капацитет на партиите во власта за исполнување на зацртаните задачи. И во тоа СДСМ, ДУИ, Беса, Алијансата се идентични  и покрај сите различности, сплотени во свеста дека судот за нив нема да биде донесен и запечатен според убавите зборови во ветер, туку според имињата на министрите кои на јавноста ќе ѝ разјаснат колку е часот уште пред да почне да се бројат првите сто дена грејс-период. Кој, патем, важи само за Македонците, но поради константата ДУИ не и за Албанците.

Дискусијата за реалните или насетувани амбиции на кандидатите за министерски и други позиции во власта е затоа побитна од која било друга дискусија преку која партиите и медиумите сакаат да ја заматкаат јавноста. Името и презимето на ликот појаснува повеќе од сите програмски тефтери, лидерски интервјуа, ступидни дебати, дипломатски пофалби. Ако не верувате, проверете сами како меѓусебно скараните портали и "новинари” од Бихачка се натпреваруваат во лиферување час промотивно-пофални, час саботажно-дефамирачки листи на новиот владин кабинет, на ист начин како што командантските и интелектуални (sic!) кланови на ДУИ се препукуваат и си подметнуваат. Сите здружено, во еден дух зададени да не убедат дека "имињата не се битни, туку реформите”. Извонредно глупав и за логиката навредлив изговор кој сам себе се побива низ штурото прашање – ако имињата не се битни, зошто ги кријат од јавноста како змија нозете?

Ги кријат бидејќи токму имињата ги разоткриваат личните амбиции на кандидатите. Што е помал проблем. За разлика од сознанието дека токму тие амбиции се јасен показател за степенот на корупција и криминал со кој ќе бидеме соочени како општествени коприви родени од црното семе на приватните амбиции. А дека пред нас ќе расцути нова реколта на "илјада расцутени коприви” е заканувачки изгледно. Пред сѐ поради имињата кои, онака, бенигно и спонтано, дефилираат низ вестите. Но уште повеќе поради перфидните и цинични усилби на одредени славни новинарски антикорупциски слободарски пера да во име на "економски препородбени чуда” ни ги подметнат под нос и во паричник досегашните финансиери и корупциски јатаци на Груевски, Мијалков и Ахмети.

Логиката на стабилократија

Доколку ваквата бедно растеглива еластичност на принципелниот став контра корупцијата и криминалот веќе извира на површина – и тоа токму во секторот на економијата и финансиите - уште пред да се даде заклетвата врз она пемпере наречено Устав, можеме да се потсетиме од свежите искуства што ќе следи во другите ресори на новата власт. За кои борбата се врши според парите на располагање, или пак меракот да се искористи намерата на странците за брзо членство во НАТО за да низ портфељот Одбрана се профитира и подготви кампања за следен Претседател на државата. 

Резервираниот став на меѓународната заедница сведен на осуда и самопеплосување кон ВМРО но со сосема ситен асортиман на пофални и надежни зборови за новата влада упатува на сомнеж дека ни тие не се премногу воодушевени од опцијата која мораат да ја подржат. Нивното нескриено отсуство на амбиција за посериозен и длабочински ангажман во расчистување на состојбите само ќе ја стимулира амбицијата на домашните нови надежи безгрижно да продолжат таму каде што претходниците ја претераа. Но овој пат, за разлика од претходниците, тоа ќе биде конструктивен криминал и прогресивна корупција, но повторно во име на мирот и стабилноста. Принципите на амбициите се исти, останато се само нијанси на партиски дресови и логиката на стабилократија по вкус и интерес на Брисел и на Вашингтон. Неволноста и неподготвеноста на Западот да се справи со ефективно санкционирање на културата на коруптофилија во чие цутење самите имаат дадено огромен придонес не може да се субституира со нудење пари (кои ионака ќе завршат кај корумпираните партии) ниту плацебо идеи за регионални соработки со кои ќе не ги мачкаат очите додека чекаме Годо покана од Брисел. Но желбата на граѓаните за казнување на политиките и ликовите кои им ја цицаат егзистенцијата и иднината нема да пресуши поради цинично-игнорантскиот однос на Западот, туку ќе биде преточена во очајничко вртење кон Истокот и прифаќање на каква  било понуда која ќе им заличи како спас од коруптократијата. Па колку и да е кратковида, гневот ја прави таквата понуда прифатлива. 

Сето наведено е само делче од многуте други причини за длабока и здрава скепса за правецот во кој се движиме, однапред определен од подземните струења и милувања меѓу власта во заминување и власта која наследува,  Диктирани од болните амбиции на мрачните ликови од политичкото и екпономско подземје, незаинтересирани да ја увидат причинско-последичната логика на нештата според кои максимум нетолеранција за крим-корупцијата во власта е единствена гаранција за минимум радикализација на општеството. Затоа ви препорачувам да се одморите. Но чевлите не ги соблекувајте. Бидејќи нема да помине премногу време пред улиците да не повикаат повторно на марш против криминалот и корупцијата. Дури и доколку крим-корупцијата отсега биде фина, културна, граѓански воспитана, избањата, кулерска и двојно повеќе прозападна од претходната. 

 

DW.COM

Реклама