Конкурс за влада на национален спас | Северна Македонија | DW | 10.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Конкурс за влада на национален спас

И во Бугарија и во Македонија покрај заложбите за дијалог има моќни политички сили кои невешто ја кријат радоста од блокадата на Македонија во нејзините остварувања на стратегиските интереси. Пишува Ерол Ризаов.

Конечно можеме да здивнеме, најдено е спасоносно решение за сите проблеми со кои се соочува Македонија. ВМРО ДПМНЕ распиша јавен конкурс за избор на експертска влада на национален спас. Полн погодок, штета што се доцни со оваа генијална идеја. Но, никогаш не е доцна. Исто како на онаа многу гледана емисија „никад није касно“ да се пеат познати песни и во повозрасни години.

За брзо време по изборот на експертската влада ќе се справиме со пандемијата од коронавирусот. Бројот на заболени и починати од Ковид 19 ќе се намали веднаш драстично, а автоматски и економската криза ќе се надмине за неколку месеци, а организираниот криминал и корупција ќе биде само лошо минато. Владеење на правото за сите граѓани стапува на сила веднаш по падот на корумпираната влада на премиерот Зоран Заев. Тоа што било досега и се ограбило, било па поминало.

Несогласувањата со Бугарија ќе се решат без одродување на Македонците. Гоце Делчев заедно со сите македонски дејци и преродбеници остануваат само наши, македонската нација и македонскиот јазик имаат автохтони словенски и антички корени, а не бугарски. Бугарија немоќна пред силината на аргументите ќе го повлече ветото. Истовремено ќе се подобри и лошиот договор со Грција. Преговорите со ЕУ почнуваат по еден месец, поточно кон средината на декември.

Повторно волшебни решенија

Изборот на премиерот и на владата за национален спас ќе го напрви еминентна тричлена комисија составена од лидерите на пионерската историска коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, лично и персонално Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Aфрим Гаши. Како сето тоа ќе се изведе во моментот не е важно. Ова не е време за беззначајни детаљи. Сега е важно само владата да поднесе оставка, да дојдат експертите да управуваат со земјата, а по една година кога ќе се решат сите проблеми и кога ќе се вакцинираме и ќе се распишат предвремени параламентарни избори. Чудесно.

По ова човек останува без зборови. Ништо од ова не верувате? Па не верува никој разумен, не верувам ни јас, ама убаво е во вакви тешки ситуации да се чујат вакви волшебни решенија, кои не може ни најбујна детска фантазија да ги осмисли. Но, затоа  можат да ги осмислат челниците на ВМРО ДПМНЕ. Еве ги деталите од нивниот конкурс за национален спас:  Под итно треба да се формира влада за национален спас и да се извади Македонија од дното во кое ја втурна премиерот Зоран Заев со неговите штетни политики. Овие конкурсни услови ги соопшти  потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Други колумни од авторот:

-Бугарските корени на вирусот

-Последиците од бугарското вето

-Бугарија ја зајакна посебноста на Македонците

Неговите несоборливи аргументи се дека тој се надева, иако длабоко разочаран од односот на Бугарија, како соседни и блиски држави проблемите да се решат бидејќи лично тој најмалку што очекува е Бугарија да го поддржува напредокот на Македонија кон ЕУ. Затоа што тоа е од интерес на сите во регионот. Стабилен економски развој на регионот е од интерес на сите. Браво Николоски. Ептен ти се силни аргументите од писмената задача за ученици од трето оделение, пред кои кога ќе ги слушнат Бугарите ќе се извинат и ќе се повлечат засрамени за своите злодела.

Заев е убиец на народот, а владата прави геноцид

За справување со пандемијата од коронавирусот, исто така, има силни аргументи: Заев е убиец на својот народ. Владата прави геноцид. Умираат само сиромашните луѓе кои останаа без егзистенција поради криминалната и неспособна влада. Да немавме неспособна влада, ќе имавме повеќе спасени животи. Венко Филипче и Зоран Заев веднаш да поднесат оставки, да се смени Комисијата за заштита од заразни болести да дојдат домашни и светски експерти да ја спречат натамошната зараза и да ја спасат Македонија.

Што да се каже на ова, а да не се опцуе сочно. Гледаат ли овие луѓе што го зборат ова, што се случува и во соседството и во цела Европа и на земјината топка. Се разбира, гледаат и добро знаат со што се соочуваат и најразвиените и најбогати земји, знаат дека вирусот не бира, богати и сиромашни, славни и непознати, цареви и претседатели, лекари и возачи, секаде каде што е отворено може да влезе непречено вирусот.

И каде е тогаш националниот спас од пандемијата, за надминување на економската криза и за односите со Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ?
Прво, строгото почитување на препораките на Светската здравствена организација кои се повторуваат илјадници пати секојдневно и ќе се повторуваат  до пронаоѓањето на лек и на вакцина. Има непобитни искуствени докази дека секаде каде попуштила дисциплината и не се почитувани препораките вирусот се враќа пожестоко. Здравствената комисија на Македонија работи транспарентно и ги применува сите здравствени протоколи кои се познати во светот. Досега нема спасоносен лек, ниту вакцина. Она што не смее да се случи е Комисијата да подлегне на притисоци од политиката, да не ги соопштува неопходните мерки и препораки и да ги крие податоците, колку и да се лоши, од јавноста. Политиката треба да ги спроведува препораките на  стручните луѓе од Комисијата за заштита од заразни болести. Таква усогласеност во Македонија успешно функционира. Ригорозноста од натамошните ограничувања на некои човекови права и слободи мора да зависи само од степенот на почитување на мерките и од научниот пристап.

Во успешното справување со пандемијата се и решенијата за надминување на економската криза најмалку две години по нејзиното сузбивање.

Нон пејперот стана „тази дупка не е дупка"

Што се однесува до односите со Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ, нема друг начин освен силна дипломатска активност меѓу Скопје- Софија – Брисел. Последните вести кажуваат дека во Берлин биле блиску до договор со прифаќање на таканаречен Нон пејпер на министерско ниво, што означува договор кој не е на хартија. Но, за жал Бугарија експресно го одби овој Нон пејпер, во стилот „тази дупка не е дупка", за кој министерката дала согласност. Според овој документ, Скопје се согласува официјално да објави пред земјите-членки на ЕУ и институциите дека краткиот облик на државното име – Северна Македонија – се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“. Потоа, дека Бугарија го задржува правото да приложи своја еднострана изјава на рамката за преговори, но не станува збор да се отвори ново поглавје во преговорите (35-то, како што изјавуваше бугарскиот претседател Румен Радев). Потоа, дека Германија ќе му предложи на Советот на ЕУ да ја забележи позицијата на Софија што се однесува на македонскиот јазик дека кога се споменува тој да биде во согласност со Уставот на РСМ, а Скопје од своја страна официјално да изјави дека јазикот е кодифициран во 1945 година. Македонија никогаш не го криела историскиот факт  дека македонскиот литературен јазик е кодифициран во 1945 година.

Особено внимание во овој нон-пејпер ѝ се посветува на работата на заедничката историска комисија. Германското претседателство бара таа да ги објави резулатите до кои што досега стигна, а Берлин е подготвен да помогне  „со споделување на најдобрите практики за методите на работа“. Без оглед што овој обид е неуспешен тој најавува дека е можно да се најде одржлив договор за двете страни, како што е одржлив и Преспанскиот мировен договор кој ги запазува идентитетските посебности на македонскиот народ и македонскиот јазик, како што е сочувано и името Република Македонија со географската додавка Северна.

Нон-пејперот и податокот дека министерката Захариева го прифатила, па по нејзиното враќање властите во Софија неочекувано го одбиле, е само доказ дека и во Бугарија во самиот државен врв има поделеност како да се реши проблемот, но истовремено покажува дека е решлив и   дека не можат да се анулираат универзалните права на самоопределување. Во прашање е недовербата и со децении напластените идеологии меѓу двете држави и двата народа. Мошне добар патоказ за излезно решение е и предлогот на Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер  Германија да учествува со свои историски експерти во работата на историската комисија, што има своја потврда и во нон-пејперот.

Национален спас или пропаст?

Во Бугарија се погласно се јавуваат јавни личности и одговорни луѓе на функции и новинари кои ги поставуваат работите здраворазумски и во европски дух. Еден таков јавен настап кој остава  впечаток е и на бугарскиот дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи  Љубомир Ќучуков. Тој е дециден: Блокирањето на евроинтеграцијата на Скопје може да ја стави Софија во изолација во ЕУ и да предизвика силни антибугарски чувства во Северна Македонија. Ќучуков е скептичен кон самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Таквиот чекор го компромитира и приоритетот на Бугарија за време на претседавањето со Советот на ЕУ за евроинтеграција на Западен Балкан.

За жал и во Македонија како и во Бугарија, покрај заложбите за дијалог и изнаоѓање на прифатливи решенија за двете страни, има моќни политички сили кои невешто ја кријат радоста од блокадата на Македонија во нејзините остварувања на стратегиските интереси. Тие во тоа гледаат добра шанса за освојување на власта. Ништо друго. Тоа не е национален спас, туку национална пропаст.

 

Реклама