Конечно „мирен“ самит на ЕУ | Свет | DW | 02.03.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Конечно „мирен“ самит на ЕУ

Шефовите на држави и влади на ЕУ денеска (02.03) го продолжуваат самитот во Брисел од кој се очекуваат нови импулси за економски пораст и отворање работни места. Треба да биде потпишан и новиот фискален пакт.

default

Шефовите на држави и влади на ЕУ

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо си посака на овој самит да има помалку драма и навистина - на првиот ден од самитот немаше маратонско заседание со долги преговори. Од една страна, Романија попушти во спорот околу кандидатскиот статус за Србија, а од друга страна, на самитот нема да стане збор за справување со кризи. Стана јасно дека Германија со својот отпор против проширување на чадорот за спас за државите во криза е осамена, но одлуката за проширување на фондот за спас е одложена.

Не е доволно само да се штеди - во тоа шефовите на држави и влади на ЕУ се единствени. „Владите мора да бидат поттикнати да работат на зголемување на конкурентноста и на пораст“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на самитот на ЕУ во Брисел. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо видливо задоволен рече:

„Првпат, и тоа е новина, на една средба не стана збор за справување со кризи, туку самитот се концентрира на поголем пораст. Се разговара за структурни реформи за поголем пораст и работни места и за тоа што треба да направи Европа за да ги постигне тие цели.“

Излез од кризниот модус

Мора да се излезе од „кризниот модус“ и да се дојде во „пораст-модус“, рече Барозо. Претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој додаде дека се разговара за различни опции - модернизација на пензиските системи, флексибилизација на помошта во случај на невработеност и предлогот на Меркел за намалување на даночниот товар.

EU Gipfel in Brüssel 01.03.2012

Жозе Мануел Барозо и Херман Ван Ромпој

Прашањето за проширување на чадорот за спас ЕСМ, како што се очекуваше, е одложено за март. Сепак, темата Грција е присутна на самитот. Министрите за финансии на земјите од еврозоната заклучија дека земјата ги исполнила критериумите за наредниот пакет за спас.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ги извести шефовите на држави и влади на ЕУ за искуствата од неговата посета на Грција неделава. Рече дека најмногу го окупира проблемот на огромната невработеност на младите која изнесува над 40 проценти. Луѓето, и тоа не само во Грција, туку и во други држави, имаат чувство дека немаат иднина во ЕУ во која конкурентноста има главен збор, вели Шулц:

„Ако на оваа средба зборуваме за пораст и вработување, прв принцип треба да ни‘ биде борба против невработеноста на младите, која треба да е во средиштето на мерките што се преземаат.“

Србија, конечно, кандидат

EU Serbien Tadic Barroso Brüssel Pressekonferenz PK

Борис Тадиќ и Барозо

До почетокот на самитот на ЕУ беше возбудливо околу прашањето на кандидатскиот статус на Србија. Романија, која на почетокот на неделата вложи вето на одлуката за Србија поради барањето за признавање на Власите како етнички Романци, се откажа од блокадата откако беше потпишан протокол за правата на романското малцинство во Србија.

„Денеска донесовме одлука на Србија да и‘ биде доделен статус на кандидат за ЕУ. Тоа е значајно достигнување кое е резултат на големите напори на двете страни во дијалогот меѓу Белград и Приштина“, рече Ван Ромпој.

На самитот на ЕУ е донесена и една персонална одлука - Херман Ван Ромпој е реизбран за Претседател на Советот на ЕУ. Тој ќе раководи и со евро-самитот, на кој државите од еврозоната во иднина најмалку еднаш на шест месеци ќе ја договараат својата буџетска и економска политика. Така предвидува Фискалниот пакт кој треба да биде потпишан денеска.

Автор: Дафне Гратвол / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски