„Комунистичката Партија на Кина не постигнува сѐ што наумила“ | Свет | DW | 26.10.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Комунистичката Партија на Кина не постигнува сѐ што наумила“

Комунистичката партија на Кина денеска (26.10) го започна генералното собрание на кое ќе го одреди идниот стопански курс на земјата. Како би можел да изгледа тој , посочува германската експертка за Кина, Дорис Фишер.

ДВ: Во 2013. година кинеското партиско и државно водство на третета пленарна седница на конгресот донесе одлука за опсежна санација на економијата. Сега, на петтата пленарна седница станува збор за конкретното спроведување. Дали Комунистичката партија има нови идеи за економски успех?

Дорис Фишер: Со одлуките од третата пленарна седница реформската агенда во голема мерка е дефинирана, иако во документите на одделни места е многу нејасна. Се наведува, на пример, дека пазарот би требало да преземе поголема улога. Или: во финансискиот сектор би требало да се спроведат реформи. Врз основа на таа агенда, партијата работеше претходните години, колку можеше. Но очигледно е дека не успева да го спроведе сето она што го наумила.

Колегите во Кина со кои неодамна разговарав имаат чувство оти државното раководство нема доволно моќ да ги спроведе реформите кои на големо се очекуваат. Песимистите велат дека кинеската влада тоа никогаш не ни го сакала.

Комунистичката партија на Кина и натаму пласира економски раст. Дали тоа „мириса“ на планска економија?

Кинескиот петгодишен план денес е- за разлика од верзијата од 1978. година- е рамковен план. Терминот на кинески се промени. Тоа повеќе не е планирање дека фабриката А таа и таа година мора да произведе толку и толку тони стока и затоа и’ се доделуваат толку суровини.

Плановите можат да добијат на тежина затоа што населението и економијата сфатија дека многу јавни пари за поттик и субвенции одат таму каде што сака владата. И според тие планови можат подобро да се ориентираат. Домашните и странските инвеститори, како и брокерите внимателно следат на што владата се фокусира.

Дали верувате оти раст од 7 проценти се’ уште е можен за оваа година?

Тоа би било како гледање во филџан кафе. Тоа не можеме да го знаеме точно. Кога ќе погледнеме како се поставени целите во последниот петгодишен план, гледаме дека тие биле пониски од подоцнежните официјални бројки. Од почетокот на годината уште се зборува за желбата да се остане на „новата нормална состојба“- значи, понизок раст. Затоа владата не сака да постави цел повисока од 7 проценти. Тоа можеби може да биде и 6,5 проценти. Лично типувам на тоа. Би било можно бројката да оди уште подолу, но тоа е малку веројатно.

Doris Fischer

Дорис Фишер

Проблемот кој го има Кина, како и западните земји, е јазот помеѓу сиромашните и богатите. Како тоа може да се реши?

Таа нерамнотежа има различни димензии. Постојат разлики меѓу градови и села, меѓу Исток и Запад, како и внатре во урбаните региони.

Кај регионалните разлики постојат многу проблеми, кои би можеле да бидат се’ поголеми. Така, на пример, се поттикнуваат инвестиции во централна и во западна Кина.

За надминување на разликите меѓу градовите и селата постојат програми за урбанизација. Тие имаат за цел на мигрантите од внатрешноста во големите центри како Пекинг, Шангај и во областите на Бисерната река, да им се пронајде работа и да им се отворат нови перспективи. Засилената урбанизација ќе води кон поголема потрошувачка, со што кинескиот економски раст би дошол одвнатре и би бил помалку фокусиран на извоз.

Што се однесува до третата нерамнотежа: во одделни општини и натаму се оптимизира системот на социјална сигурност. Најновите статистики покажуваат дека разликите во последните 5 години барем не станале поголеми.

И државните фирми се соочуваат со економски тешки времиња. Како би требало тие да бидат санирани?

Концептот на реформите не е сосема нов и убедлив. Имам чувство оти така беше и порано: кон крајот на 90-тите години имаше реформи во државните фирми. Меѓутоа, заднината тогаш беше поинаква. Поголемиот број кинески фирми тогаш беа државни. Тогаш почна приватизација- но големите проблеми не можеа да се решат.

Оваа дилема кинеската влада нема да може лесно да ја реши се’ додека државните фирми се третираат како главен дел од кинескиот стопански систем. До тогаш тие ќе се субвенционираат, ќе имаат привилегии и ќе бидат многу помалку конкурентни. Тоа води кон неефикасност. Затоа не се иновативни. Тоа го знае и кинеската влада. Но дека владините планови ќе го излечат тој основен проблем во државните фирми, сум многу скептична.

Дорис Фишер е професорка за „Кинески бизнис и економија“ на универзитетот Вирцбург.