1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чини една реченица на премиерот Груевски?

Катерина Блажевска21 април 2015

Со ребалансот на буџетот не ќе може да обезбедат средства за сите мерки што ги ветува Владата. Експертите стравуваат дека ќе има нови задолжувања, кои ќе ја разнишаат и сегашната економска „кула од карти“

https://p.dw.com/p/1FBTP
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Колку ја чини државата една реченица на премиерот? Во зависност од расходната страна на ветените мерки, меѓу два и пет милиони евра неделно, а некои реченици тежат и петкратно повеќе. Ова е ироничната оценка на економистите, откако на секој партиски собир на ВМРО-ДПМНЕ низ општините во Македонија, премиерот најавува нови економски и социјални мерки, но без да ја соопшти финансиската конструкција за нив и кондицијата на буџетот за нивно спроведување. Но, она што е извесно, е дека по секој таков собир буџетот е оптоварен со нов потенцијален расход. „Од каде ќе се обезбедат средства за овие мерки?“, прашуваат економистите. Прашањето не е без основа ако се има предвид дека станува збор за ветени над 20.000 нови вработувања, повисоки плати, двојно зголемување на социјалната помош, таблет-компјутери за студентите, повисоки стипендии, подолго породилно отсуство... Дали ќе се крати од едни проекти за да се реализираат други, дали ќе има потреба од нови задолжувања или овие „позитивни бомби“, како што ги нарекува власта, се само инстант формула за намалување на штетите врз владејачкиот рејтинг од „лошите бомби“ на опозицијата?

Ад-хок решенија

Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи (ЦЕА), ја нагласува потребата од анализа на три димензии на овој тренд.
„Прво, целиот буџетски процес во кој учествува целата администрација и на крај пратениците, се бајпасира со ад-хок решенија кои не се вградени во буџетот и за кои не се прикажани никакви анализи за тоа што се очекува од нив и кој е статутарниот имплементатор. Второ, се бајпасираат институции - влада, министерства и парламент, а не се обезбедува партиципација на граѓаните, ниту пак се прави анализа на профилот на таргетираните клиенти. Според третата, но и не последна димензија, не се прикажува анализа и фискалниот ефект од овие мерки, ниту како ќе се следи имплементацијата, а се сомневаме дека нема да има ни евалуација од овие мерки“, објаснува Николов.

Ако Владата, продолжи да троши со исто темпо како и во првите два месеца, минусот во државната каса ќе се зголеми за дополнителни 130 милиони евра и ќе достигне 430 милиони евра, што е 4,9 отсто од БДП, покажуваат неодамнешните пресметки на ЦЕА. Има ли пари во буџетот за новите ветувања? Од Владата молчат. Драган Тевдовски, доцент на Економскиот факултет, вели дека само за поттикнување на новите вработувања потребни се околу дополнителни 20 милиони евра.

„Секојдневното промовирање мерки од страна на власта има една цел - да создаде привид дека работите во земјава се менуваат. Во последниве месеци тоа доживува кулминација. Најдобар пример е проектот 'Македонија вработува', со кој власта најави дека за три пати ќе го зголеми отворањето работни места во однос на тоа што се предвидува со владините програми дефинирани со буџетот за 2015 година, а притоа без да објасни со кои пари ќе го финансира овој проект. Јавноста треба да знае дека за реализација на овој проект на годишно ниво ќе треба за три пати да се зголемат средствата од буџетот насочени за потикнување на вработувањата. Односно, ќе треба да се алоцираат барем уште 20 милиони евра дополнителни народни пари. Досега нема никаква најава од власта за тоа. Има најава за 2 милиони евра, но не од буџетот, туку од ИПА програма на ЕУ за потикнување на вработувањата. Секако тие се далеку од доволни“, укажува Тевдовски.

И ребаланс и задолжувања?

За да може да ги фининасира сите непланирани трошења, според економистите, Владата ќе мора да направи ребаланс на буџетот. Со ребалансот е можна пренамена на пари од проекти кои не се реализираат, за ставките кои сега ќе се зголемат. Но, и покрај можната пренамена, стравуваат дека тие средства нема да бидат доволни и оти ќе има нови задолжувања за да се финансираат сите најавени трошења. Изет Зекири, професор од Универзитетот на ЈИЕ, предупредува дека станува збор за популистички мерки во време кога буџетот е пред колапс.

„Ако се анализира дефицитот во првите три месеци, тој изнесува околу 100 милиони евра. Тоа покажува дека економијата не може да создава приходи за да ги покрива новите трошоци. Исто така, ако се има предвид дека со буџетот за 2015 година парите за плати на администрацијата изнесуваат 397 милиони евра, јасно е дека во нив не се планирани ни зголемувања на плати, ни нови вработувања. Во ваква ситуација мора да има ребаланс на буџетот. Во спротивно, останува дефицитот да се покрива или со нови задолжувања или со намалување на девизните резерви, а да не заборавиме дека задолжувањето веќе е двојно зголемено“, предупредува Зекири.

Во март државата дома се задолжи со 241 милион евра, што е двојно повеќе од првично планираното. Истиот месец по основ на доспеани долгови Владата врати 178 милиони евра, со што задолженоста во март се зголеми за 63 милиони евра. Според економистите тој тренд може да биде сигнал дека постојат проблеми со ликвидноста.

Versammlung der Partei VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Земи од едни, дај на други!

Премиерот Груевски најави дека за одредени категории нови вработувања, придонесите нема да ги плаќа работодавачот. Ова ветување доаѓа во време кога хонорарците се обврзани да плаќаат придонеси на разликата меѓу висината на хорорарот и минималната плата, што ги става во нееднаква положба во споредба со други привилегирани граѓани, за кои придонесите ќе се плаќаат од буџетот. Според Тевдовски, ова наликува на градење кула од карти.

„Дали власта планира со пари од буџетот да ги покрие и придонесите на вработените со предложените мерки? Или можеби сака само да изгради 'кула од карти'. Вистински одговор може да се добие само со ребаланс на буџетот каде јасно ќе се види дали се алоцирани средства за проектот 'Македонија вработува' или не. Но, во недостиг на одговор, интересна е една работа која деновиве ја зборуваат студентите по економија. Проектот 'Македонија вработува' бил најавен само неколку дена после промовирањето на проектот 'Америка вработува' во популарната серија 'Кула од карти' - серија за политички интриги и неостварени ветувања - како што кажува самиот наслов“, вели Тевдовски.

Економистите потсетуваат дека Владата ниту има пари, ниту создава пари, па кога премиерот најавува зголемување на расходите од буџетот, всушност најавува дека ќе зема од едни граѓани за да пренесе на други. Буџетот е проектиран на 2,65 милијарди евра, а лошото менаџирање на јавните финанасии може да предизвика не само економски, туку и политички импликации, односно кулминација на социјално незадоволство. Затоа, според економистите, покрај политичкото, клучното прашање околу кое елитите ќе мора да постигнат консензус - е економската иднина на земјата. Со еден збор, да се спречи еден ден таа се да се распадне како кула од карти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи