Колку странските инвеститори реално ја чинат Македонија е тајна | Северна Македонија | DW | 09.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Колку странските инвеститори реално ја чинат Македонија е тајна

Македонија заработи безмалку две ипол милијарди евра странски капитал за девет години но колку потроши за инвеститорите останува тајна. Стопанствениците бараат отчетност и ист третман,експертите пак промена на пристапот.

Политиката на субвенционирање на странските инвеститори која веќе девет години ја форсира власта, освен засилена промоција и реформски зафати, се базира и на сериозна поддршка за компаниите кои ќе се одлучат да отворат бизнис во Македонија. Даночни и царински ослободувања, инфраструктурна логистика, субвенции, договор за концесија на земјиште на 99 години, трошоци за изградба на погони до 500,000 евра, се дел од бројните бенефиции што ги добиваат компаниите, во зависност од големината на инвестицијата и бројот на вработени. Ефектите од стратегијата која ја турка широк владин тим се видливи но колку и реално исплатливи? Во отсуство на детални анализи околу кост бенефитот од оваа политика јавноста нема јасна слика дали и колку реално изгледа соодносот на влогот наспроти добивката. Владата демонстрира задоволство повикувајќи се на статистиката која покажува дека извозот расте, паралелно со увозот, а се отвораат и нови работни места.

Mazedonien Land und Leute

Сепак, концептот на слободни економски зони веќе подолг период ги бранува домашните бизнис кругови кои постојано предупредуваат дека се дискриминирани. Политиката на отворена поддршка на странскиот капитал им создава огромна нелојална конкуренција и тоа од повеќе аспекти. Затоа апелираат дека картите мора да се отворат пред јавноста:

„Државата нека каже колку пари им дава на странските инвеститори. Колку дополнително доива секоја од овие компании. А тие добиваат плус средства. Еве на пример Џонсон Контролс што си замина земаше плус 500,000 евра секоја година. За нив имам видено и знам, но за другите не знам. Затоа треба да кажат колку плус пари им даваат на секоја поединечно. Стопати сме реагирале и сме им укажувале, но тоа е кога премиерот ви тера бизнис. Постојано велам дека премиер не треба да тера бизнис, нека си ја тера политиката, а таа нека носи добро, тука се согласувам. Тоа што тој сака да донесе нови вработувања да, му симнувам капа, но не бизнис да тера. Знаете ли што значи кога јас како премиер ќе ве замолам да дојдете во мојата земја, знаете ли каква обврска имам кон вас! Знаете ли колку го интересираат законско облигационите односи инвеститорот кој го знае премиерот? Или пак оној кого премиерот го молел една година или повеќе да дојде да инвестира кај нас? Нула! Се јавува и работата мора да биде завршена, трагедија, ќе почне по амбасади да врти да се жали да се повикува на договори. Е толку чинат странските инвеститори. Но друго е кога бизнисмен, стопанственик, еве на пример кога Горан ќе ги викне во име на државата. Т да ќе му се качуваат на глава но тој ќе каже, што да правам си има институции. Но тие не го ангажираат Горан, они сакаат сами тоа да го прават. Сами да се успешни сами да тераат бизниси, сами да тераат политика. Но тоа не е воопшто добро“, коментира Горан Рафајловски претседател на Стопанската комора на град Скопје.

Freihandelszone Bunardzik

Еден од клучните проблеми според домашните стопанственици е работната сила, квалификуваната, која се повеќе недостасува. Ваквата состојба според Рафајловски во голем дел се должи токму на политиката на субвенции кон странските инвеститори кои за ефтини пари ја преземаат висококвалификуваната работна сила:

„Многу е сериозно и многу е лошо, ние не можеме да најдеме мајстор на пазар да работи во фирма. Тие што до вчера работеле кај нас, кои плаќаме полни придонеси, даноци и сите давачки кон државата, многу лесно заминуваат кај странската конкуренција. Зошто? Затоа што странскиот газда ќе го чини многу поевтино да го плати поскапо бидејќи ужива многу бенефиции кои уште во старт му носат голем ќар. Вие вложувате во нив, ги обучувате и потоа некој ви ги зема само заради тоа што може да си дозволи да го плати повеќе. Тоа е нелојална конкуренција“, предупредува Рафајловски.

Според надлежните, ефектите од странските директни инвестиции треба да се анализираат во поширок контекст. Анализите покажувале позитивни ефекти:

„Она што се прави кај нас не е ништо поразлично од другиот дел на светот. Секаде некој се бори за да го донесе инвеститорот и да добие. Да, поддршката е неспорна, но никој не ја гледа пошироката слика, колку бизниси дополнително имаат бенефит од овие компании, добавувачи, вршители на услуги, одржување, обезбедување и слично. Сите овие работи се дополнителни, треба да се гледа целиот аспект, а не да се смета еден наспроти еден за да се види дали е позитивна политиката или не. Ако не се гледаат на тој начин работите тогаш јас сум сигурен дека е позитивна. Кога ќе се соберат сите позитивни и негативни аспекти преовладуваат позитивните и тоа доминантно. Да добиваат ослободување од персоналец, но ако се погледне вкупниот нето ефект тогаш тоа е занемарлива ставка. Никој не ја гледа пошироката слика, сите се занимаваат само со поединечна фирма и толку“, вели за Дојче веле Виктори Мизо директор на Технолошко индустриските развојни зони.

Die Freie Wirtschaftliche Zone in der Gegend von Tetovo, Mazedonien

Од Владата сметаат дека билансот на странските инвестиции е добар пред се заради фактот што најголем дел од нив биле гринфилд проекти, инвестиции во фабрики доминантно во делот на автомобилската индустрија. Дел од економистите пак одамна предупредуваат дека концептот на слободни економски зони и субвенционирање на странскиот капитал носи ограничен ефект: „ Инвеститорите ќе доаѓаат онолку колку што ќе ги поддржувате, а до кога, до кога ќе бидете способни тоа да го правите. Потоа тие веднаш ќе си заминат. Затоа на овој начин не треба да се оди во недоглед. Можеби пресметката на владата околу добиеното и даденото покажува дека ефектот е позитивен, но никако не смее да се запоставува домашното стопанство. Тоа е клучната база за поддршка ако сакате да имате долгорочен одржлив развој“, коментира за Дојче веле универзитетски професор.

Реклама