1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се почитуваат правата и слободите на граѓаните во Македонија?

Свето Тоевски6 март 2014

Во Македонија се случуваат прекршувања на човековите права и слободи по разни основи, предупредуваат експерти. Според невладината организација „Цивил“, создаден е „ѕид меѓу граѓаните и институциите на системот“.

https://p.dw.com/p/1BKxA
Фотографија: Imago

Активистите на невладината организација „Цивил“- Центар за човекови права и слободи од Скопје неодамна во Битола организираа средба на отворен простор со граѓаните и поставија големо пано симболично наречено „Ѕидот на плачот“. Потоа имаа среќавање и со граѓаните на Тетово, каде што пред Домот на културата го поставија „Ѕидот на нееднаквоста“.

Кате Христовска, менаџер за комуникации во невладината организација „Цивил“ вели за ДВ: „Има исклучително многу случаи на прекршувања на човековите права во целата земја. Постои 'ѕид' меѓу граѓаните и институциите на системот. Во Тетово поставивме ’Ѕид на нееднаквоста’, за да укажеме низ една симболика на тоа дека граѓаните се чувствуваат нееднакви. Немаат каде да се пожалат. Ако и се пожалат, не добиваат повратен одговор. Или, тоа трае предолго и не им се решава ни еден проблем, за кој се пожалиле. Во Битола граѓаните доаѓаа на ’Ѕидот на плачот’ да си ги кажат маките. Се надевам дека граѓаните ќе се разбудат од апатијата, во која се западнати. Токму затоа нашата јавна трибина во Велес ја имавме насловено ’Крени го гласот'.“

Мирјана Најчевска, експерт за човекови права од Институтот за социолошки и правно-политички истражувања од Скопје, се надоврзува: „Во моментов нема ниту една државна институција, која не ги прекршува во огромна мера правата и слободите на граѓаните. Секоја државна институција негува практики на нееднакво постапување, прекршување на законите и на заобиколување на правото. Сепак, најголемиот проблем го гледам во правосудниот систем, јавното обвинителство, во судовите и уставниот суд, кои не даваат ниту минимум заштита на правата и слободите на граѓаните. Системот на права и слободи не може да функционира без постоење закони. Но, не е секој закон во функција на заштита на тие права и слободи: законот кој е донесен низ недемократска процедура и кој го озаконува неправото има сосема спротивен ефект.“

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Sveto Toevski

„Цивил“ подготви опширен извештај во врска со состојбата со човековите права и слободи во Македонија во текот на 2013 и во првите два месеца од оваа година и тој е заснован врз искажувањата на граѓаните. Извештајот воедно утре (07.03) треба да биде предаден во македонската Влада, кај Народниот правобранител и во Парламентот на претседателот Трајко Велјаноски и на координаторите на пратеничкит егрупи.

Христовска од „Цивил“ подвлекува: „Ќе им го предадеме овој извештај на пратениците во Парламентот (...) оти сакаме да им предочиме какви прекршувања има на човековите права. Пратениците треба да ги бранат правата на граѓаните. Ќе се собереме пред Собранието и ќе ги повикаме народните избраници да излезат и да се запознаат со тој наш извештај, за да го чујат гласот на граѓаните. Ако одмолчат, ние ќе продолжиме.“

Дојче веле дојде до првичната врзија на обемниот извештај во кој, меѓу другото, стои: „Дискриминацијата врз основа на политичка припадност, односно, и врз политички неопределените лица, е забележана во поголем број општини и таа го отежнува безмалку секој аспект од животот на луѓето. Сѐ уште се чувствуваат последиците од партиските вработувања и отпуштања во текот на изборниот процес за време на локалните избори во 2013 година. Ваквиот притисок е забележлив и пред почетокот на изборниот процес во 2014 година. Забележани се и бројни случаи на притисоци и дискриминација врз граѓани, кои не членуваат во ниедна партија. Луѓето се принудени да се зачленуваат во политичка партија, но и целото семејство, роднините и пријателите. Ваквата дискриминација е најзабележлива во доменот на работните односи и тоа најмногу во редовите на администрацијата на локално и централно ниво, но е силно присутна и во приватниот сектор, како и во образованието, здравството, комуналните услуги... Забележани се низа случаи на притисоци врз наставниот кадар во основни и средни училишта, чии работни места се условуваат со зачленување во владејачката партија на локално ниво. Според искази на неколку родители на ученици, постои етикетирање на родителите, постојат ’обележани’ наставници, приврзаници или членови на опозициските партии. Овој притисок се забележува и во односот на дел од наставниот кадар кон учениците во текот на наставата.“

Mazedonien Xhabir Derralla
Џабир Дерала од НВО ЦивилФотографија: DW

Професорката Најчевска ги изнесува и следниве свои сознанија: „Праксата покажува дека најголем број на повреди на човековите права се однесуваат на дискриминацијата, посебно заснована врз политичката определба. Најголем проблем за граѓаните претставува судството, за кое тие сметаат дека е зависно, несамостојно и неефикасно. Тоа значи отсуство на ефективен правен лек во заштитата на основните права и слободи. Непочитувањето на процедурите предвидени во законите и претставувањето критериуми, кои немаат врска со квалитетот, знаењата и искуството на кандидатите, како и непочитувањето на кариерното вработување, овозможува целосно самоволие во процесот на вработување. Тоа им погодува на партиската контрола и партиското влијание.“

„Граѓаните најмногу да се жалат на работата на судовите, извршителите, нотарите и адвокатите“

ДВ побара од Народниот правобранител на РМ Иџет Мемети одговор на прашањето: на што се однесуваа најмногу претставките и поплаките на граѓаните до оваа државна институција, која е најповикана да се грижи за нивните права и слободи? Во писмената изјава на народниот правобранител пишува: „Лани претставките од областа на правосудството повторно беа во најголем број: граѓаните најмногу да се жалат на работата на судовите, извршителите, нотарите и адвокатите. Посебно загрижува големиот број поплаки на граѓаните околу одолжувањето на постапките по управните спорови. Граѓаните имаат отежнат пристап до правдата. Треба да се почитува принципот на судење во разумен рок, да се создаваат потребните услови за ефикасно работење на судовите, посебно на Управниот суд, како и за зајакнување на неговите кадровски капацитети.“

Споменатиот извештај на невладината организација „Цивил“ констатира дека „работничките плати во земјата се далеку под законски загарантираниот личен доход, а некои примаат плати и под 100 евра месечно“ и продолжува: „Иако примањата на работниците и условите за работа се под секакво ниво, тие не само што не се осмелуваат да се пожалат, туку дел од нив велат дека се среќни што има и толку. Секојдневно се принудени да работат прекувремено и ретко кога имаат слободни денови. Постојано се под страв да не ја изгубат и таа работа. Бројни се случаите на газење на работничките права во текстилната индустрија во Штип и неколку други градови во источниот дел од земјата. Во текстилните фабрики владеат лоши услови за работа, работното време не е регулирано, односно постојано се работи прекувремено, а често се работи и за време на викендите и на повик, по потреба, без оглед на тоа дали веќе е одработена некоја смена или не. Личниот доход изнесува меѓу 80 и 130 евра месечно. Работничките во штипските текстилни фабрики, освен што мораат да се носат со тешките услови за работа и ниските примања, неретко се вербално, па дури и физички малтретирани. Дел од нашите информации говорат и за постоење случаи на сексуално малтретирање и навреди на сексуална, односно родова основа.“

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Цивил: „Бројни се случаите на газење на работничките права во текстилната индустрија“Фотографија: Nikos Pilos

Народниот правобранител го нагласува и ова: „Високо на скалата на поплаките на граѓаните до правобранителот се наоѓаат оние од имотно – правните односи, каде што спаѓа и денационализацијата. Иако беше најавено дека овој процес во прв степен е завршен, сепак, не е мал бројот на поплаки од граѓаните за остварување права по основ на денационализација. Следуваат претставките од лицата сместени во казнено - поправните и воспитно - поправните установи, област која со години наназад трпи критики од страна на правобранителот во поглед на сместувачките капацитети и кадровските аспекти. Граѓаните се жалат и во областите на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување, како и социјалната сигурност и заштита. Голем е бројот на поплаки од областа на работните односи, затоа што тоа е вообичаено по секое одржување на избори, без разлика дали станува збор за локални, како што беше во минатата година, или за парламентарни. Бројките за првите два месеци од 2014 година покажуваат речиси исто како и лани: најмногу поплаки од областите на правосудството и потрошувачките права.“