Колку се опасни и како да се заштитите од морбили? | Панорама | DW | 22.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Колку се опасни и како да се заштитите од морбили?

Во Македонија веќе неколку месеци секојдневно се регистрираат нови заболени од морбили. Болеста се шири низ цела Европа, а причината, најчесто е вакцинирањето, односно неговото одбивање. Еве неколку совети:

„Има активисти кои се обидуваат да ги убедат луѓето околу себе дека не е неопходно да се вакцинираат од опасни инфективни болести. Тие луѓе или немаат никакво познавање на темата, или пак располагаат со погрешна информација“, коментира германскиот магазин Ди Цајт и набројува седум важни факти, поврзани со болеста морбили.

Морбилите се невино заболување? Не!

Болеста морбили е позната и како „детска болест“ и поради тоа многумина сметаат дека е безопасна, но во реалноста работите не стојат така, пишува Ди Цајт. Инфекцијата е опасна дури и за земји со развиено здравство како Германија - особено за деца под петгодишна возраст, кои често ја поминуваат многу тешко.
Болеста започнува со температура, треска и кашлица, а по три до седум дена по лицето и зад ушите се појавуваат карактеристичните кафено-розови флеки. Често доаѓа и до компликации: 10 проценти од заболените деца развиваат воспаление на ушите, што може да доведе до губење на слухот. 5 отсто од децата развиваат воспаление на белите дробови, што е најчеста причина за смртните случаи од морбилите. Во еден на илјада случаи дури и се стигнува до енцефалитис (воспаление на мозокот), што може да доведе до оштетување на нервниот систем. Еден до два случаи на илјада завршуваат со смрт, дури и ако постои  најдобар и навремен третман. Освен тоа опасните вируси го ослабуваат имунолошкиот систем на човекот со месеци потоа, што го изложува пациентот на дополнителни опасности од други инфекции.

Оној кој прележал морбили не мора да стравува?

Прележаната болест создава имунитет до крајот на животот. Но, лошата вест е дека во многу ретки случаи (меѓу 0,0004% и 0,0011%) по болеста може да се јави ткн. субакутен склерозирачки паненцефалит- и ова воспаление на мозокот речиси секогаш доведува до смрт.

Лесно ли е да се заразиш од морбили?

Морбилите се едни од најзаразните инфекциски заболувања воопшто. Од едно лице можат да се заразат девет до десет други, доколку не се вакцинирани. Вирусите се распространуваат преку воздухот- најчесто при кивање или кашлање.

Masern (BR)

Последици кај возрасни луѓе од морбили

Дали вакцинацијата помага?

Комбинираната вакцина за морбили, рубеола и заушки е исклучително ефективна. Првата вакцинација обезбедува заштита на околу 93 проценти од луѓето кои имале контакт со вирусот на морбили. Повторната вакцинација, која не е помалку важна, обезбедува доживотен имунитет на 97 проценти од луѓето. Дури и оние преостанати три проценти кои и покрај вакцинацијата се разболуваат од морбили, ја поднесуваат инфекцијата далеку полесно и со помала опасност да ја заразат околината, пишува Ди Цајт.

Опасна ли е вакцинацијата?

Кај околу 5 проценти од вакцинираните се забележува црвенило и оток на местот на кое била ставена вакцината. Некои деца се жалат на немир, главоболка и мало покачување на температурата. Особено по првата вакцинација често се појавуваат ткн. вакцинациски морбили чии симптоми можат да бидат дамки на кожата, температура, кашлица и течење на носот. А дали самата имунизација може да предизвика воспаление на мозокот- тоа е спорна тема. Засега нема научни докази за причинско-последична врска меѓу вакцинирањето и воспалението на мозокот. Доколку и се случило- се работи за екстремно ретки случаи. Експертите проценуваат дека на еден милион вакцинирани умира најмногу еден човек. При заразата со морбили умираат еден до двајца на илјада.

Гледај видео 00:39

Епидемија на сипаници

Зошто да се ризикува со вакцинација, ако нема опасност?

Најголемиот проблем на имунизацијата од морбили е нејзиниот успех, посочува Ди Цајт и појаснува дека процентот на заболени од морбили во Германија е низок (во 2017 се регистрирани 929 случаи, иако се претпоставува дека се повеќе). Зошто тогаш да се ризикува со вакцинација? Прво: Затоа што инфекцијата е ретка, но сепак постои. Второ: Затоа што вакцинацијата го штити не само односното лице, туку и неговата околина, кои не можат да бидат вакцинирани, на пример, бремени жени, млади доенчиња и луѓе со заслабнат имунитет. За да се спречи ширењето на морбилите, неопходно е да биде вакцинирано 95 отсто од населението.

Зошто се проблем противниците на имунизацијата?

Затоа што случаите на морбили низ светот зачестуваат. Во 2017 година, на пример, бројот на заболени е зголемен за 30 проценти во однос на 2016. Факт е исто така, дека само од почетокот на векот, вакцинацијата од морбили ги спасила животите на над 20 милиони луѓе. Доколку вакцинацијата го опфати целото светско население, болеста може целосно да биде елиминирана.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама