Колку се легитимни турските претензии во Средоземно Море? | Свет | DW | 22.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Колку се легитимни турските претензии во Средоземно Море?

Растат тензиите меѓу Турција и Грција поради користењето морски подрачја околу грчките острови крај турско копно. Анкара најави експлоатација на нафта крај брегот на Крит. Дали е тоа во согласност со меѓународното право?

Односите меѓу ЕУ и Турција се клучна тема на германското претседавање со ЕУ. „Потребна ни е конкретна стратегија за Турција", изјави канцеларката Ангела Меркел на 1. јули во Бундестагот. Политиката на ЕУ кон Турција мора да опфати цел спектар теми – од Сирија до прашањето за Либија, од бегалскиот проблем до човековите права. Како посебна „тешкотија" за постигнување траен договор меѓу ЕУ и Турција, канцеларката го наведе турското екплоатирање нафта и гас покрај брегот на Кипар, но и покрај брегот на грчкиот остров Крит. Првото почна во 2019. година, додека второто е најавено за наесен. Експлоатацијата на нафта и гас од море е едно од најважните прашања. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас за тоа разговараше со грчките колеги во Атина.

Заднина на овој спор се турските претензии во источно Средоземје. На Анкара со години ѝ се трн во око бројните грчки острови во непосредна близина на турскиот брег на Егејско Море, кои на Турција речиси не ѝ дозволуваат воспоставување Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ). Во интервју за весникот Зиддојче цајтунг, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу неодамна изјави дека е „неприфатливо" малиот грчки остров Кастелоризо, кој е оддалечен повеќе од 500 километри од Атина, а се наоѓа на три километри од турско копно, да има право на морска зона од 200 наутички милји во сите правци.

Аспект на праведност

Согласно со Конвенцијата на ОН за поморсо право од 1982. година, таквото барање првично е оправдано, вели професорката Неле Мац-Лик, директорка на Институтот за меѓународно право на Универзитетот во Кил. Таа меѓутоа укажува на Франција, која има неколку мали острови во јужен Пацифик и во Јужно Поларно Море со огромни морски подрачја околу тие острови. Слично на копното, „вистинските", значи населени острови, за разлика од ненаселените острови – карпи, можат да бараат Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) од 200 наутички милји околу островот. Меѓутоа, ако таа зона се поклопува со територијалните води на друга држава, тогаш засегнатите држави мораат да се договорат околу линијата на морската граница во согласност со Меѓународната конвенција за поморско право.

Karte Flüchtlinge auf griechischen Inseln Deutsch

Грчките острови во Егејско Море

„Не е баш јасно регулирано како треба да изгледа оваа спогодба", додава професорката Мац-Лик. „Кога државите постигнат согласност околу договорот, тие имаат слобода да изберат методи кои ќе ги користат и резултат до кој ќе дојдат. Ако таков случај биде изнесен пред Меѓународниот арбитражен суд, за тоа треба да се решава во согласност со аспектите на фер-плеј и праведност."

„Такво гледиште би важело и во случај на малите грчки острови покрај турскиот брег", тврди експертката за поморско право: „Така на пример арбитражните судови и меѓународните судови при разграничувањето и повлекувањето граница во одделни случаи, од фер-плеј причини и праведност, не ги уважуваат малите острови кои ја искривуваат ситуацијата."

Кога е некој договор правосилен?

Иако уште нема пресуда, турската влада најави во септември да почне со дупчење заради експлоатација на нафта и гас во близина на грчкиот остров Крит. Притоа се повика на „Меморандумот за разбирање" за поделба на морските подрачја во источен Медитеран, кој го потпиша во ноември 2019. година со либиската влада призната од ОН. Не само Грција, туку и другите соседни земји ја отфрлија оваа спогодба која Анкара минатата недела му ја поднесе на генералниот секретар на ОН.

Повеќе:

Турција и Кипар: Кавга околу ризницата со гас

Ердоган со остро предупредување до Грција и Кипар

Вечниот кипарски конфликт

Слично како и Службата за научни прашања во Бундестагот (во својата експертиза од јануари 2020. година) и професорката Мац-Лик доаѓа до залучок дека „дури и ако спогодбата стапила во сила, не може да има ефект на товар на трети земји". Во договорот меѓу Турција и Либија не се земаат во предвид грчките претензии на морските подрачја, така што во најмала рака тој би бил правно неважечки за Грција.

Спротивно на тоа, поморско-правниот договор за распределба на Ексклузивни економски зони во Јонско Море, кој Италија и Грција го постигнаа во јуни, има правна важност. „Дали морате да ги прашате соседните земји – тоа зависи од тоа дали ви се преклопува границата со нив. Во принцип важи: сѐ додека делите подрачја на кои билатерално полагате право, не треба да вклучувате други земји", вели Неле Мац-Лик.

Таа слично се изјаснува и кога станува збор за експлоатација на турска нафта и гас покрај кипарскиот брег. „Иако статусот на Северен Кипар е многу контроверзен, дупчење турска нафта и плин во кипарскиот тесен појас покрај брегот не е законски осигурано." Директорката на Институтот за меѓународно право од Кил не ја прифаќа забелешката на Турција дека некој кон пристапил кон Меѓународната конвенција за поморско право – не мора и да ја почитува.

Можно решение

Грција и Кипар засега одбиваат преговвори за прашањето околу морската граница со Турција. Тие сметаат дека тоа е веќе регулирано со меѓународни договори. Прашање е дали е можно одржување на таа позиција. Меѓутоа, ако Анкара, Атина и Никозија би одлучиле да се обратат до независна институција за да постигнат нагодба, во обзир може да дојде Меѓународниот суд на правдата во Хаг или Меѓународниот арбитражен суд.

Додека не се изрече пресуда, според мислењето на Неле Мац-Лик, може да се „договори привремено решение кое предвидува заедничко економско користење на спорните морски подрачја без никакви претензии и без влијание врз подоцнежниот договор. Добивката се дели сѐ до момент кога еден ден се постигнува договор и се повлекува морска граница." Во пракса, според нејзино мислење, ова заедничко користење на морските подрачја на крајот би можело да стане и –трајно решение.