Колку се заштитени жените во Македонија!? | Македонија | DW | 25.11.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Колку се заштитени жените во Македонија!?

Од 1150 случаи регистрирани од јануари до септември годинава, само 230 добиле третман на кривични дела. Експертите за „Дојче Веле„ укажуваат на сериозната дискриминација на жената во македонското општество:

default

Уште во 1949 година со своето дело „Другиот пол“ славната француска писателка Симон де Бовоар ќе констатира и ќе порача: „Така наречените , женски улоги’ се понижувачки за жените. Жените се Другите, оние кои не одлучуваат“. Нецели шест децении подоцна овие мисли како да наоѓаат повторно своја значителна потврда и во македонското општество.

Без отстранување на дискриминацијата и насилството-нема родова рамноправност

Билјана Саздановска, професор по родови студии и комуникации на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува:

„За жал, Македонија е се уште традиционална и патријархална земја, во која мажот е тој кој што владее, пред се, во јавните работи, во јавната политика. Знаете колку е мала застапеноста на жените во Парламентот, во Владата и т.н, колку е нееднакво вреднуван женскиот и машкиот труд“.

Иво Котевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи ги изнесува поразителните информации за трговијата со жените како сексуални објекти.

" Од јануари до септември годинава во 60- тина кафеани во Тетовско – Гостиварскиот регион, покрај 112 странски државјанки откриени беа и 79 македонски државјанки, од кои 9 малолетни лица од Скопско, Тетовско, Битолско, Кумановско, Прилепско,Велешко и т.н. Поголемиот дел од женските лица работеле во угостителски објекти како кенлерки, пејачки, танчарки, додека на некои од нив им била ограничувана слободата на движење и биле принудувани да даваат сексуални услуги“.

Жените се и најчеста цел на семејното насилство.

Ардита Муареми, координатор на тетовскиот Центар за правна помош на жртвите од овој вид насилство, вели: - „ Постои семејно насилство и нерамноправност меѓу половите.Како значаен фактор за ваквата појава се тешката социјално – економска состојба, необразованоста кај населението и невработеноста. Во Центарот за правна помош од ноември 2003 година досега се јавиле 453 лица“. Оваа појава е, впрочем, во пораст во целата земја.

Кампањи за заштита на физичкиот интегритет и достоинството

Во Македонија започнаа 16 – те дена на меѓународната борба против семејното насилство под мотото „Имаш право! Барај заштита од семејното насилство“. Според статистиката на невладините организации, кои и ја покренуваат кампањата, секоја втора жена во земјата е жртва на семејното насилство. Целта на невладиниот сектор, на полицијата и на Министерството за труд и социјална политика е да ги поттикнат жртвите да бараат поефикасна заштита од системот, пред се, од судовите, кои често ги осудуваат насилниците само со условна казна.

Министерството за труд и социјална политика, одделно, веќе ја започна и својата кампања за превенција и заштита од трговијата со луѓе под мотото „Едноставно е ...“, со промоција и на Националниот план за акција за родова рамноправност. Боби Бадаревски, истражувач од Центарот за родови студии во Институтот „Евробалкан“ во Скопје, коментира: - „Покрај подобрувањето на статусот на жената во македонското општество, потребно е и мажот да се еманципира. Како татко во семејството, во оваа ситуација на сиромаштија тој треба, сепак, на некој начин да не се претстави себе си како некој кој ги изгубил сите оние традиционални улоги и вредности, туку како едно еманципирано човечко суштество, кое ги прифаќа предизвиците на новото време“.

Интересни се размислувањата во овој контекст и на Камелија Шојлевска, предавач по родови студии на Штуловиот универзитет:

„Борбата на жената за себе во тој свет, во кој се уште доминира машкиот принцип, се сведува на борба каде што таа или комплетно ја негира својата женскост и станува интелектуалец, par excelence, меѓутоа со сите женски атрибути, кои се избришани, или, пак, оди во друга крајност: сите женски атрибути се доминантни, меѓутоа, каде што е таа лесна некоја интелигенција, која служи повеќе за забава“.

Останува отворено прашањето: какви позитивни промени можат да донесат овие кампањи во Македонија, кога станува збор за статусот на жената?

Свето Тоевски