Колку се демократиите стабилни? | Свет | DW | 14.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Колку се демократиите стабилни?

Во светот живеат повеќе луѓе во неслободни држави отколку во демократии. Но, кризи има дури и во земји каде парламентарната демократија е цврсто втемелена во општетството.

Во Лондон премиерот Борис Џонсон го прати парламентот на принудна пауза, во Германија расте грижата за порастот на популистичката АфД и во Русија неодамна имаше протести кои траеја со недели бидејќи многу опозициски кандидати воопшто не добија дозвола да учествуваат на локалните избори.

Демократиите во светот насекаде се под притисок. Тоа го покажува индексот за демократија на британската фирма Економист интелиџенс јунит кој беше објавен на почетокот на годината. Според него, помалку од пет проценти од светското население живее во земји кои се оквалификувани како „целосна демократија“, а такви се само 20 на светот.

„Кога владите не ја спроведуваат политиката за која ги бирале гласачите и кога тие ќе изгубат доверба во демократијата, имаме проблем", нагласува Фиона Меки од фирмата Економист интелиџенс јунит.

Во многу земји се’ повеќе традиционални политички партии губат поддршка од населението. Групи како доселеници или помлади лица немаат право на глас и не се застапени во парламентите.

„Ако погледнеме кои лица седат во парламентите, забележуваме силна неурамнотеженост. Пред се’ се академски граѓани или луѓе кои може да си дозволат да се ангажираат политички", раскажува политикологот и докторант на Универзитетот Касел, Норма Тидеман.

Не го отсликува целото општество

Не е европски феномен: во сите демократии, без разлика како се категоризирани, парламентите не се комплетен одраз на општеството. Тоа има влијание на одлуките кои ги носат владите и парламентите, вели Тидеман.

„Тие кои ги бираат и кои треба да го претставуваат населението во целост, често носат одлуки кои не се во интерес на целото население или на долните и средните слоеви."

Намалена излезност на избори

Многу лица со право на глас не одат да гласаат, ако имаат чувство дека нивниот глас и онака нема тежина. Така излезноста на московските избори беше под 22 проценти. На изборите во германските сојузни покраини Бранденбург и Саксонија пак гласаа повеќе од 60 проценти на гласачите. Тоа што АФД стана втора најсилна пратеничка група во двата покраински парламента аналитичарите го толкуваат како знак на револт.

Притоа, има и социјални разлики во однос на користењето на правото на глас.

„Повеќето студии од изминатите децении за излезноста на избори покажуваат дека лица со помали примања и пониско формално школување помалку учествуваат на избори“, вели политикологот Тидеман.

Право на глас - не за сите

Но, кој има право на глас? Во повеќето земји возраста за гласање е 18 или 20 години. Во Бразил, Еквадор, Никарагва, Аргентина и Куба може да се гласа со навршени 16 години, на Сејшелите, Во Источен Тимор и Судан од 17. Има и специјални правила, па така вработени лица во Србија и Црна Гора може да гласаат уште со 16 години, а во Индонезија тоа важи за сите што се венчани.

Во повеќето земји доселениците се исклучени од правото на гласање бидејќи не се државјани на земјата. Само во Чиле, Уругвај, Нов Зеланд и Малави странци со постојан престој може да гласаат на парламентарни избори.

Во Германија граѓаните може да гласаат со навршени 18 години, во некои сојузни покраини за локалните избори е дозволено гласање и со навршени 16 години. Граѓани од ЕУ од други земји на ЕУ во Германија може да гласаат на локални и европски избори. Граѓани на земји кои не се членки на ЕУ немаат право на глас, што во Германија значи дека околу 8 милиони лица без германско државјанство се исклучени од правото на глас.

Глобално право на жени за гласање

Откако и Саудиска Арабија во 2015 година, како последна земја во светот, воведе право на глас и за жени, заврши речиси едновековната борба за тоа право. Но, во парламентите во светот жените и натаму се малцински застапени. Удел од 20 проценти на жени веќе важи за успех.

„Многу е ниско скалилото по кое се мери учеството на жените", вели Фиона Меки за најновите сознанија од Индексот за демократија. „Но, самите бројки не ја кажуваат цела приказна. Учеството мора да има и смисла. Така, на пример, во Руанда има голема квота на жени, но парламентот таму нема голема моќ.“

Reichstagsgebäude in Berlin mit den Flaggen von der EU, Armenien und Deutschland (picture-alliance/dpa/D. Kalker)

Осум од десет Германци сметаат дека демократијата е најдобрата форма за владеење во Германија

Колективно самоопределување

И покрај се’, постоечките демократски институции се огромен еманципаторски успех, кој суштински треба да се одбрани, вели политикологот Тимерман.

„Бидејќи, го содржи ветувањето за рамноправност и за колективно самоопределување со кое ние како општество такаречи рационално го организираме и управуваме нашиот заеднички живот."

Една актуелна анкета покажува дека осум од десет Германци имаат сличен став - за нив демократијата е најдобрата форма за владеење во Германија. Исто така, според истото истражување, четири од десет Германци не се задоволни од спроведувањето на демократијата. Пред се’ се жалат дека нема доволно можности за директно учество во носењето одлуки.

Но во глобализираниот свет важните одлуки се’ помалку се носени во парламентите а се’ повеќе од компаниите кои се насочени кон приватизација, профит и конкуренција.

„Ова сето води кон тоа да има енормно големи области кои ни влијаат врз секојдневниот живот и поради кои формално немаме никакво право на учество во одлуките“, констатира Тимерман. „Демократијата, каква што ја имаме, ни ветува нешто што потоа не може да го исполни, бидејќи нејзиниот домен на влијание  е невројатно ограничен."

Infografik Zufriedenheit mit der Demokratie in Deutschland EN

Колку сте задоволни со демократијата во Германија? (темно сино - задоволни, светло сино - незадоволни, резултатите се во проценти)

Нови демократски движења

Политикологот сепак гледа надеж. Нејзината докторска тема - „Новиот муниципализам - демократски отпор од локално ниво против авторитарната државност“, покажува дека има нови пристапи и форми преку граѓанско учество за да се зајакне демократијата.

„Во Шпанија, особено по масовните протести против кризните мерки кои имаа разорни социјални последици, луѓето ги здружија силите и ги испробаа и практикуваа старите традиции на локално организирање“, објаснува таа.

На локално ниво настанаа нови сојузи, кои се закотвија локално во градовите и се обидуваат одоздола да предизвикаат демократизација на демократските институции. Тимерман посочува дека во Хрватска има една иницијатива за основање на таканаречен „етички“ кредитен институт кој на демократски начин ќе одлучува кои локални проекти да се поддржат, на пример за основање на компании. „Мислам дека многу важен момент е луѓето да се организираат во своето секојдневие и да се обидат да ја живеат демократијата секојдневно."

Фиона Меки од ЕУ потврдува дека политичкиот ангажман од граѓаните  глобално расте, што е еден од малкуте позитивни трендови во овогодинешниот индекс на демократија.

„Не се работи само за излезноста на избори. Се работи и за зголемен интерес за политички вести, за политички ангажман и за тоа дека луѓето сериозно ја сфаќаат политиката и демократијата."

Реклама