Колку пати ќе се спасуваме? | Северна Македонија | DW | 29.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Колку пати ќе се спасуваме?

Што доколку Македонија не влезе во НАТО пред можното менување на границите на Балканот, кое се најавува при имплементацијата на договорот меѓу Белград-Приштина? Пишува Петар Арсовски.

Има една анегдота: се случува поплава во селото.  Двајцата пријатели, од кои едниот исклучително побожен, бегајќи од поплавата, се наоѓаат на покривот на црквата додека водата надоаѓа.  Едниот, оној кој не е побожен, скокнува во првиот спасувачки чамец кој поминал и заминува.  Вториот, побожниот, упорно ги одбива сите чамци кои поминуваат, велејќи “Бог мене ќе ме спаси”.  На крајот, се враќа и пријателот со последен чамец молејќи го да влезе внатре.  Побожниот одбива со истата реченица.  Ноќта поминува и побожниот се дави во поплавата.  На оној свет, тој се буни пред Господ: јас бадијала во тебе се колнев, еве ме остави да се удавам!  На тоа Господ му вели: не е точно, овде имам запишано дека сум ти пратил седум чамци, на крајот и најдобриот пријател, за да те спасат, а ти сите си ги одбил!

Слично на талентов од анегдотата, се плашам дека чекајќи некој друг да ни ја заврши работата, ние ќе ја пропуштиме најдобрата шанса да ја завршиме самите. Оттаму, страв ми е дека овој референдум го сфаќаме премногу ноншалантно, не разбирајќи дека тој за нас претставува суштинска и последна шанса. Мислам дека не сме разбрале до крај колку од нашата судбина зависи од исходот на нашиот глас. После е бадијала да се удираме по глава и да се чудиме како да ја поправиме ситуацијата – како што тоа сега го прави Велика Британија после Брегзит. 

Еве да ја споделам само наједноставната и очигледна констатација: со целиот ризик да звучи злокобно – доколку Македонија не влезе во НАТО пред можното менување на границите на Балканот, кое се најавува при имплементацијата на договорот помеѓу Белград и Приштина, нејзините сопствени граници нема да останат имуни на таквите влијанија.  Да го погледнеме расплетот на Балканот.

Прво, очигледно е дека има забрзување на геостратешките процеси кои означуваат расплет во овој регион.  Динамиката на случувањата е далеку од оној статус кво на кој се навикнавме во последните 10 години.  Сега, со брза сукцесија, се отвораат и затвораат прашања за кои до пред некоја година мислевме дека ќе останат вечно отворени.  Второ, изгледа дека меѓународната заедница веќе не е толку “алергична” на идеи за менување на граници во регионот, за што сведочат и релативно поддржувачките изјави на дипломатите во пресрет на идејата на Тачи и Вучиќ за мирна размена на територии. 

Понатаму, очигледно е дека досегашната аксиома “менување на било која граница на Балканот значи менување на сите граници на Балканот” веќе не е толку врежана во камен.  Мислам дека последниот обид на двата лидери на Приштина и Белград треба да се разберат мошне сериозно, особено што неминовно ќе се соочат со меѓународна поддршка.  Тачи и Вучиќ прават се она што токму меѓународната заедница бараше од нив: седнаа, го надминаа разликите, и наоѓаат заеднички прифатливо решение. Тешко ќе биде таквото решение да се критикува.

Повеќе на темата:

-Промена на граници: Опасност од пожар на Балканот

-Менувањето граници - реалност или пироманија?

-Македонија мора во НАТО да го дочека српско-косовскиот расплет

На крајот, доколку од тие преговори излезе конкретно решение кое вклучува размена на територии, ние реално не знаеме дали менувањето на границите ќе го стабилизира регионот или дополнително ќе го дестабилизира, зашто тоа зависи и од деталите, и од начинот на имплементација, но најмногу зависи од тоа дали овој расплет Македонија ќе го дочека со или без НАТО војници на границите. Она што го знаеме е дека на Путин ваквото ново делење карти му одговара – тој е заинтересиран да нема трајна стабилизација, туку постојано да има спорадични локални проблеми кои нема да дозволат целосна пасивизација на регионот.  По евентуалниот проект Косово, веднаш би се активирал и проектот Република Српска, заглавувајќи го регионот во трајножаречка криза за најмалку уште некоја деценија.

Ваквиот план можеби треба да не радува – зашто најверојатно означува дека Македонија за Русија претставува изгубена битка, штом се активираат алтернативни планови, но секако е непријатна вест во смисла на стабилноста и безбедноста на овој регион. Проблемот е што ние сме реално експеримент кој тешко се реплицира, имајќи предвид дека ваков модел на мултикултурна демократија е тежок за имплементација – Србија на пример побрзо би се откажала од дел од Косово одошто да ги интегрира Албанците во вистинска смисла (да речеме по Бадентеров принцип).  Ако принципот на инклузивно општество се замени со принцип на етнички чисти граници, ѓаволот ќе ја однесе шегата многу брзо.  Ова особено што малите територии кои би останале резултат од таквата поделба немаат интерес да останат расцепкани и слаби – тие брзо би барале припојување кон “матичните држави”, избегнувајќи така било какви проблеми при признавањето.

Тоа во Македонија ќе создаде притисок и ќе активира повторно фантазми и илузии околу Голема Албанија, со фантазии кај Албанците и страв кај Македонците.  Затоа, овој процес мора да го дочекаме со среден домашен двор.  Значи колку време имаме?  Па, уште неколку недели, додека не заврши референдумот.  Ако на референдумот повеќе граѓани гласаат против – значи нема што понатака да бараме во евроатлантските интеграции, туку треба да се подготвуваме за тоа со каква стратегија ќе ја дочекаме новата криза.  Таа ќе се случи, со или без нас, ние единствено бираме во каква кондиција ќе ја дочекаме.

 

DW.COM

Реклама